МИА ФлешПакети

МИА Флеш

26 октомври 2020

26 октомври 2020

Скопје, 26 октомври 2020 (МИА) – Вицепремиерот задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси Љупчо Николовски, денеска беше назначен за претседавач на Антикорупциската деловна коалиција за борба со корупцијата.  Оваа платформа која делува по примерот на Кралството Холандија и воспоставени позитивни практики во Албанија, ќе делува во насока на постигнување реални резултати во следната година. Со  назначување на вицепремиерот Николовски на претседавачката функција ќе се постигне подинамична борба против корупцијата, а преку воведување на успешни меѓународни практики, соопшти неговиот кабинет.

Тој посочил дека Антикорупциската деловна коалиција има за цел да промовира атрактивна деловна клима преку добро управување, застапување и одобрување на најдобрите меѓународни практики за интегритет и зајакнување на капацитетите меѓу јавните и приватните институции во Република Северна Македонија кои се клучни во градењето на одговорно деловно однесување.

Скопје, 26 октомври 2020 (МИА) – Министерот за надворешни работи Бујар Османи  денеска имаше видео средба со министерот за надворешни работи на Република Чешка, Томаш Петжичек. Акцентот на средбата  беше реафирмирање на најважните приоритети на Република Северна Македонија во актуелниот период, да биде усвоена Рамката за преговори со ЕУ од страна на Европскиот Совет и одржувањето на првата меѓувладина конференција на земјата со ЕУ, до крајот на годината под претседателството на СР Германија.

-Вложивме многу во овој процес, што нѐ прави, како земја, подготвени за преговорите по поглавја за целосно и безусловно исполнување на нашата ЕУ агенда. Чешка е еден од најважните и постојани поддржувачи на нашата интеграција во ЕУ и ние високо ја цениме силната и гласна поддршка што доаѓа од кај вас, на сите нивоа, истакнал Османи на средбата.

Скопје, 26 октомври 2020 (МИА) – Во организација на Советот на Европа и Делегацијата на Европската Унија во Република Северна Македонија денеска се одржа официјална онлајн-промоција на веб-страницата www.pravnapomos.mk, преку која граѓаните може да се информираат за правото кое државата им го дава во вид на Бесплатна правна помош.

Министерот за правда Бојан Маричиќ во своето обраќање истакна дека правниот јазик е често нејасен за голем број на граѓани кои се соочуваат со потешкотии да ги остварат своите законски загарантирани права, но и дека сиромашните граѓани не можат да ги покријат трошоците во судовите за да решат некој спор од правна природа.

Скопје, 26 октомври 2020 (МИА) – Се соочуваме со силен бран на Ковид-19, ситуација која ги оптоварува сите сегменти на здравствениот систем. Во модуларната болница до Инфективната клиника има слободни кревети. Направивме план за обезбедување дополнителни болнички капацитети, прво во болницата во Козле, каде има 40 кревети и кадар засилен со колеги од Инфективната клиника. Уште две одделенија се подготвуваат во ГОБ „8 Септември“ со кадарот кој работи таму, а до крајот на денот треба тој план да го заокружиме за да биде подготвен и тој дел. Исполнети се болничките инфективни одделенија во другите градови.

Ова денеска го истакна министерот за здравство Венко Филипче на заедничката прес-конференција со претседателот на Комисијата за заразни болести, Жарко Караџовски. Посочи дека граѓаните мора да покажат поголема свесност и да ги почитуваат мерките.

Скопје, 26 октомври 2020 (МИА) – Рамката е наш стратешки документ што ја насочува работата на сите агенции на ОН што работат во земјата во наредните пет години, како и со сите засегнати страни вклучени во процесите. Во оваа пригода сакам да истакнам дека нашата држава останува посветена на спроведувањето на препораките на оваа меѓународна организација, како и на глобалните милениумски цели за одржлив развој.

Ова го порача премиерот Зоран Заев, кој заедно со министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Арјанит Хоџа и постојаната координаторка на Обединетите нации, Росана Дуџак, како и со високите претставници на агенциите на ОН во нашата земја, учествуваше во засадувањето 75 млади садници дрвја во околината на Велешкото Езеро – „Младост“, што беше зафатена од пожар пред повеќе од една година, како дел од активностите по повод Денот на Обединетите нации и 75-годишнината од потпишувањето на Повелбата на ОН.

Љубљана, 26 октомври 2020 (МИА) – Во Словенија, во последните 24 часа се потврдени нови 1.113 случаи на коронавирус, со што вкупниот број заразени достигна 24.063, од кои 15.230 се активни.

Бројот на пациенти во болниците продолжува да се зголемува, каде престојуваат 523 пациенти, од кои 82 се на интензивна нега, а бројот на смртни случаи од Ковид-19 се зголеми на 248.

Скопје, 26 октомври 2020 (МИА) – Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образование продолжуваат да инвестираат во подобрување на дигиталните вештини и компетенции за да може секое девојче и момче да добие еднакви шанси за квалитетно образование, рече министерката за образование и наука Мила Царовска во обраќањето на третиот Дигитален самит за Западен Балкан во Тирана, кој поради пандемијата се одржува онлајн.

Како што соопшти МОН, Царовска посочи дека пандемијата донесе дополнителни предизвици во организирањето на учење на далечина, нагласувајќи ја потребата за понатамошна и побрза дигитализација на училиштата и образовниот процес.

Скопје, 26 октомври 2020 (МИА) – Претседателот на Комисијата за заразни болести, Жарко Караџовски рече дека во просек 80 отсто од сите регистрирани случаи со Ковид-19 се асимптоматски или се со многу лесна незначителна клиничка слика.

Тој рече дека 12 до 14 проценти имаат лесна клиничка слика односно се со лесно изразени симптоми, а два до четири отсто завршуваат на Клиника.

Атина, 26 октомври 2020 (МИА) – Сите проблеми да се решаваат преку дијалог во рамките на меѓународното право, порача шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров по средбата со неговиот грчки колега Никос Дендиас, јави дописничката на МИА од Атина.

Двајцата министри за надворешни работи денеска остварија средба во грчкото МНР, а разговарале за билатералните односи, односно за политичките контакти и енергетската соработка, трговијата, инвестициите и туризмот, како и за случувањата во Источниот Медитеран, во Либија, Сирија, ситуацијата во Нагороно-Карабах, но и како што рече Дендиас „напредокот во билатералните односи на Грција со балканските земји“.

Белград, 26 октомври 2020 (МИА) – Се зголемува бројот на лица заразени со коронавирус, но исто така и бројот на пациенти во болниците, изјави денеска српскиот министер за здравство, Златибор Лончар.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, Лончар истакна дека искористениот капацитет на ковид болниците во Белград „надминува 60-70 отсто“ и дека „14-15 пациенти“ се веќе сместени во привремената болница во Арена.

 

 

 

Back to top button
Close
Close