МИА ФлешПакети

МИА Флеш

22 октомври 2020

22 октомври 2020

Скопје, 22 октомври 2020 (МИА) – Северна Македонија и остатокот од Европа, со исклучок на Русија, Белорусија и Исланд, ноќта меѓу сабота (24 октомври) и недела (25 октомври) ќе прејдат на зимско сметање на времето. Во три часот по полноќ часовниците се враќаат еден час наназад, односно времето во три ќе се смета како два часот.

Зимското сметање на времето почнува секој последен викенд во октомври и трае до последниот викенд во март следната година, кога повторно настапува летното сметање на времето.

Скопје, 22 октомври 2020 (МИА) – Три медицински сестри од Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство се позитивни на Ковид-19. Се заразиле преку семеен контакт, а двајца доктори меѓу кои директорката на Клиниката, Викторија Јовановска се во самоизолација поради заболени членови на нивните семејства.

Ова за МИА денеска го потврди директорката Јовановска, која рече дека трите медицинските сестри се заразиле преку контакт од надвор, односно семеен контакт, а не на Клиниката.

Струмица, 22 октомври 2020 (МИА) – Денеска Основниот суд во Струмица го осуди Марјанчо Велев (55) од струмичкото село Добрејци на казна доживотен затвор за извршеното второ убиство врз струмичанецот Александар Мицев, чие тело беше пронајдено во водите на браната „Турија“.

Него обвинителството го товараше за убиство извршено на 9 октомври 2018 година при што од зад грб пукал со огнено оружје калибар 5,6 милимитери со два куршима во главата на Мицев, а неговото тело беше пронајдено на 5 август лани.

Скопје, 22 октомври 2020 (МИА) – Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија подготвува предлог измени во Законот за енергетика со кои ќе побара поголеми ингеренции и прецизирање на надлежност во однос на изрекување на повисоки казни кон операторите на дистрибутивните системи, доколку поради нивна неажурност и лоша организација, ги оставиле потрошувачите без греење во време на грејна сезона, соопшти денеска Комисијата.

– Мора да ги зголемиме нашите ингеренции и да можеме да изрекуваме сериозни казни кои ќе бидат врзани со процент од вкупен приход што го остваруваат енергетските компании, што е и сугестија од Енергетската заедница. Сега, овие казни се многу мали и незначајни за нив и се од 5000 евра до 7000 евра во зависност од делото. Со зголемување на казните, ќе делуваме превентивно и ќе се дисциплинираат операторите на дистрибутивните системи да не се чувствуваат комотно и сериозно да ја сфатат својата улога, а со тоа ќе ги заштитиме потрошувачите. Дополнително измените ќе бидат и во насока веднаш да може да добијат пониски сметки, доколку не ја добијат услугата, а не како сега на крај од грејната сезона во порамнителните сметки, вели Марко Бислимоски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги.

Загреб, 22 октомври 2020 (МИА) – Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ денеска предупреди на сериозната состојба со коронавирусот во таа земја и повторно апелираше до граѓаните да бидат одговорни и да покажат ментална сила, бидејќи во спротивно бројот на заразени лица ќе биде поголем.

– Имаме уште еден рекорден ден со 1.563 новозаразени и 13 мртви, што доволно зборува за сериозноста на ситуацијата во Хрватска, соседните земји, Европа и целиот свет, рече Пленковиќ на почетокот на денешната владина седница.

Тирана, 22 октомври 2020 (МИА) – Албанија планира да набави над 1,1 милион дози вакцини против Ковид-19 со кои ќе бидат опфатени 20 отсто од населението.

За таа цел денеска до Парлементот е доставен Предлог – закон со кој се предвидува набавка на антиковид вакцина ,кога таа ќе биде достапна на пазарот, договор кој е поврзан со компанијата „Covax“.

Рим, 22 октомври 2020 (МИА) – Италијанското Министерство за здравство продолжува да објавува научни мислења за „магични лекови“, односно да ги разбива лажните вести и тврдењата за наводни лекови за третман на Ковид-19, пишува весникот „Ил Фафто Котидијано“.

На веб-страницата на Министерството е објавен список со најновите лажни вести и лекови.

Провери го и ова

Close
Back to top button
Close
Close