МИА ФлешПакети

МИА Флеш

21 октомври 2020

21 октомври 2020

Скопје – Регистрирани се 777 прекршоци по однос на мерката за носење лична заштита на лице, во текот на изминатото деноноќие на територијата на Република Северна Македонија.

Министерството за внатрешни работи апелира до граѓаните да ги почитуваат мерките и протоколите донесени од Владата со цел справување со Ковид-19

Скопје – СВР Скопје – Единица за економски и компјутерски криминал вчера поднесе кривична пријава против Ф.М. од Скопје, за постоење основано сомнение дека пријавениот во повеќе наврати врз повеќе лица сторил кривично дело „измама“ по чл. 247 од Кривичниот законик.

Имено, како што соопшти МВР, преку социјалните мрежи пријавеното лице објавило огласи за продажба на апарати – бела техника, што не ги поседува и со измама ги довел во заблуда оштетените лица, стекнувајќи се со противправна имотна корист во вкупна вредност од 89.350 денари.

Скопје – Министерството за внатрешни работи (МВР) на територија на општина Ѓорче Петров вчера изрекла вкупно 205 санкции.

За возење без возачка дозвола санкционирани се 34 лица, откриени се 27 технички неисправни и нерегистрирани возила, а казнети се 13 лица за неносење заштитна маска.

Скопје– Водостојот на Преспанското Езеро е 36 сантиметри под асполутно дозволениот минимум, додека кај Охридското Езеро ситуацијата е спротивна, односно тоа е за седум сантиметри над дозволениот минимум, покажуваат денешните мерења на Управата за хидрометеоролошки работи.

Кај реките има извесно намалување во однос на вчерашниот ден, освен кај реката Вардар кај Велес каде има зголемување од 35 сантиметри во однос на вчера.

Скопје – ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје поставува нова водоводна мрежа на „Дижонска 1“ во Општина Чаир, инвестиција вредна 2.800.000 денари.

– Во текот на изминатиот период во Општина Чаир, на ул. „Дижонска“ бр.1, ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, инвестираше во поставување на нова водоводна мрежа. Имено на ул. Дижонска бр.1, старата поцинкувана цевка 5/4 се замени со нова ф100, дуктилна цефка, во должина од 212 метри. Во текот на изведување на работните активности старите 34 водоводни приклучоци, беа земенети со нови и приклучени на новата мрежа, инфорираат од ЈП „Водовод и канализација“.

Скопје – Сто педесет и една илјада и 359 невработени лица се регистрирани во Агеницјата за вработување на крајот на септември 2020 година. Во евиденцијата на невработени според обајвените податоци од почетокот на ковид-кризата бројот на невработени е поголем за 43627 лица.

Од Агенцијата појаснуваат дека со состојба на 30 септември 2020 година евидентирани се 14819 невработени лица по основ на прилив од работен однос за кои престанокот, односно одјавата од задолжително социјално осигурување е регистрирана во периодот по 11 март 2020 година,
односно во периодот на кризата предизвикана од Ковид-19.

Скопје – Одземањето на дозволата на „Еуростандард банка“ покажува дека Народната банка е подготвена да преземе навремени корективни супервизорски активности за да се обезбеди целокупната стабилност на финансискиот систем, смета извршниот директор во Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Антони де Ланој.

Де Ланој, кој е член на Извршниот одбор на ММФ и е задолжен за Северна Македонија, на состанокот со тимовите на Народната банка и Министерството за финансии одржан во рамките на Годишните средби на ММФ и Светската банка и фокусиран на состојбите во банкарскиот систем, оцени дека Народната банка е професионална и независна институција, којашто при одлучувањето ги применува највисоките меѓународни стандарди и најдобрите меѓународни практики.

Софија – Сегашната ирационалност во односите меѓу Северна Македонија и Бугарија би требало да се надмине со што побрзо надминување на дефицитот во размената на културни вредности, изјави академик Луан Старова во интервју за бугарската Телевизија Европа.

– Во една позитивна атмосфера, да започне нова ера на взаемно разбирање и почитување и на инфраструктурно и институционално поврзување, вели Старова, оценувајќи дека сегашниот спор меѓу земјава и Бугарија е неразбирлив и неприфатлив.

Скопје – Министерката за одбрана Радмила Шекеринска денеска нагласи дека поминало времето кога министри за одбрана во регонов даваат изјави, како таа што ја изнесе бугарскиот министер за одбрана Красимир Каракачанов, а некој да ги смета за сериозни и оти таквиот начин на комуникација не доликува на земји-членки на НАТО.

– Македонскиот јазик, македонскиот народ се реалност и ниту едни политички преговори, ниту политички препукувања нема да ја сменат таа реалност. Меѓутоа можеме да направиме подобра иднина за нашите народи и да создадеме повеќе шанси за нашите млади. Ние така ја гледаме нашата задача, изјави Шекеринска, одговарајќи на новинарско прашање по свеченоста по повод промоцијата на потпоручници и заклетвата на питомци од Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“.

Скопје– Прашањето за полската болница не го диктираме ние, туку тоа зависи од потребите и плановите на Министерството за здравство, согласно одлуката за кризна состојба, во која што е предвидено и можна употреба на Армијата и во овој дел, изјави денеска министерката за одбрана Радмила Шекеринска.

Таа истакна дека МО и Армијата се на располагање и доколку постои потреба, како што рече, полската болница е капацитет што може да се стави на располагање практично за два дена.

Скопје  – Околу 1,3 милиони евра биле префрлени од фирма од Белизе на фирма ќерка во земјава во случајот со парцелите на Водно, за кој неодамна беше покрената истражна постапка. Во моментов се испитуваат сведоците, по што ќе биде извршено и вештачење. Потоа ќе треба да бидат испитани и обвинетите во случајот. Засега исказ има дадено само првообвинетиот Н.Г. кој е во бегство, а против кого во друг случај имаше и осудителна пресуда, рече Вилма Русковска, јавен обвинител за организиран криминал во гостување во Студио 10 на ТВ 24.

Фирма од Белизе, рече таа, отворила фирма ќерка во Македонија, а второсомничениот Р.Н е назначен како управител на таа фирма.

Скопје – Министерството за економија со помош на експерти од Светска банка го подготви првиот Предлог-закон за јавно приватно партнерство (ЈПП) во земјава, чија главна цел е да се зајакне улогата и надлежностите на Министерството како силен надзорен субјект, во реализацијата на ЈПП проектите во текот на целиот нивен процес, почнувајќи од самиот почеток па се до истекот на договорите за ЈПП, информира ресорниот министер Крешник Бектеши.

-При подготовка на оваа регулатива во изминатиот период како надлежно министерство бевме во постојана комуникација со стопанските комори и со бизнис заедницата со цел да имаме правна рамка која ќе биде во интерес на сите засегнати страни, да се дефинираат и разјаснат проблемите со кои се соочуваа досега кај ЈПП, за да се подобрат можностите за користење на приватниот сектор за навремена испорака на поефикасни и поквалитетни јавни услуги, рече Бектеши на денешната прес-конференција во Владата заедно со амбасадорката на Обединетото Кралство Рејчел Галовеј и шефот на канцеларијата на Светска банка во земјава Масимилијано Палоучи.

Скопје – Министерката за труд и социјална политика очекува сите пратенички групи да дадат придонес и во предвидениот рок да биде донесен законот за спречување и заштита од дискриминација, кој во моментов е во второ читање во Собранието.
-Законот за спречување и заштита од дискриминација влегува во завршна фаза од собраниската постапка. Со пратениците во Собранието на Република Северна Македонија денеска, на амандманска расправа во Комисијата за европски прашања, ги разгледуваме клучните аспекти од Предлог-законот кој беше позитивно оценет од Венецијанската комисија, од ГРЕКО, но и од невладиниот сектор во земјава, напиша Шахпаска на својот фејсбук-профил.

Скопје – Советот на амбасадори го поздравува повлекувањето на Предлог- законот за надворешни работи од собраниска процедура од страна на актуелниот министер за надворешни работи.

Од Советот на амбасадори потсетуваат дека во декември 2019 година на првата јавна дебата ги изнеле своите ставови за Предлог-законот за надворешни работи истакнувајќи дека се работи за многу комплициран текст, во некои сегменти спротивно на некои одредби на Виенската конвенција за дипломатски односи од 1961 година.

Скопје – Сопственикот на кавадаречката компанија „Урбан инвест“, Јован Грков, во своето денешно сведочење во случајот „Талир“ изјави дека лично од обвинетите Миле Јанакиески и Кирил Божиновски пред избори добил наредба да даде 15 илјади евра.

Сведокот Грков при својот исказ пред Судот уште потврди дека добивал тендери за градежни активности од Град Скопје и од други општини.

Приштина – Косовскиот премиер Авдулах Хоти вели дека состојбата во земјата во времето кога ја презеде власта, на почетокот на јуни годинава, била најтешката состојба од завршувањето на последната војна во Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.

На денешната прес-конференција, одржана пред почетокот на собраниската седница на чиј дневен ред се три интерпелации за неговата работа, покренати од опозициското Движење самоопределување (ВВ), Хоти изјави дека тешката состојба во која ја презеде власта од лидерот на ВВ Албин Курти била предизвикана од пандемијата на Ковид-19, но и од „неадекватните политики кои доведоа до меѓународна изолација“.

Тирана – Во емисијата „Опен“ на Топ чанел телевизија посветена на посетата на грчкиот министер за надворешни работи, Никос Дендијас, стана збор и за неговото албанско потекло.

Новинарот Ариан Чани рече дека во селото Вуно кај албанскиот приморски град Валона постарите жители тврдат дека тој потекнува токму од ова село.

Букурешт – Економските мерки поради новиот коронавирус би можеле да значат дека повеќе од 500.000 луѓе во Романија ќе останат без работа, а над 300.000 компании би оделе под стечај.

Се предвидува дека негативните економски ефектите, како за вработените, така и за сопствениците на фирмите би може да се почувствуваат в година.

Љубљана – Во Словенија, и покрај полицискиот час и новите ограничувачки мерки, денеска е забележан рекорден број на заразени лица – 1.503, според официјалните податоци на Министерството за здравство.

Во последните 24 часа биле тестирани 5.891 лице.

Париз – Франција вчера за прв пат истрела крстосувачка ракета од подморница, соопшти Министерството за вооружени сили, со што француските подморнички сили сега можат да уништат тешка копнена инфраструктура на големо растојание, јави дописникот на МИА.

„Суфрен“ – нова генерација на подморници за нуклеарен напад (класата Баракуда) – „успешно го изведоа“ овој тест истрел на морнаричка крстосувачка ракета (MdCN) во ширината на Бискарос, се вели во соопштението на француското Министерство за вооружени сили.

Брисел – Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел вели дека Велика Британија треба да направи избор врз основа на кој ќе се заснова натамошниот пристап на Лондон до внатрешниот пазар на ЕУ.

– Велика Британија треба да донесе голема одлука, слободен и суверен избор. Ние ќе го почитуваме каков и да е изборот што ќе го направат, но тој ќе одлучи за нивното ниво на пристап до нашиот внатрешен пазар, порача Мишел.

Прага – Чешкиот вицепремиер и министер за внатрешни работи Јан Хамчек потврди дека е позитивен на коронавирусот.

Хамчек (41) е на чело на Кризниот штаб за борба против вирусот.

Париз – Поради тешкотии во работењето, американската марка за облека ГАП треба да се разделиа од 120 продавници во Европа, јави дописникот на МИА.

ГАП ќе го напушта стариот континент. Присутен во Франција, но и во Италија и Велика Британија, американскиот бренд ќе ги затвори сите свои продавници во Европа, пишува париски „Ле Монд“. Вкупно, скоро 120 продажни места се опфатени со овој план, кој треба да стапи во сила во јули 2021 година.

Париз – Регионалниот весник „Ла Нувел Републик“, дневен весник дистрибуиран од Ниорт до Блуа преку Тур, Шатору и Поатие, поднесе пријава откако доби неколку закани по објавувањето на својата насловна страна, на една од карикатурите на Мухамед објавени во Шарли Ебдо, во чест на дивјачки убиениот професор Самуел Пати, јави дописникот на МИА.

Кристоф Хериго, главен уредник на „Ла Нувел Републик“, сакаше да ја објави оваа насловна страница спонтано, „и во знак на почит кон Самуел Пати, но и како искрена почит за да се каже доста“.

Варшава – Во Полска во последните 24 часа се потврдени 1.040 нови случаи на коронавирус, што е највисок дневен биланс од почетокот на епидемијата.

Вкупниот број заразени лица е двојно зголемен за помалку од три недели и сега изнесува 202.579, а починати се 3.841 лице.

Баку – Азербејџанското Министерство за одбрана денеска соопшти дека ерменската страна извршила артилериски напад врз областа Тартар во близина на спорната област Нагорно-Карабах.

„Рано изутрина, ерменските вооружени сили извршија напади врз градот Тартар и тартарската област, користејќи артилериски систем“, се наведува во соопштението.

Вашингтон – Бројот на заразени со коронавирусот во светот денеска надмина 41 милион, покажуваат податоците на интернет страницата Ворлдометерс.

Од почетокот на епидемијата, 1,13 милиони луѓе починале, а 30,6 милиони пациенти закрепнале од болеста.

Вашингтон – Специјалниот пратеник на американскиот претседател Маршал Билингси синоќа изјави дека ги известил НАТО сојузниците за распоредувањето на нуклеарни проектили во Русија и во Кина.

– Ги продолживме консултациите со НАТО сојузниците за руската и кинеската нуклеарна програма. Споделивме податоци за илјадници нуклеарки кои овие земји ги распоредија на своите територии. Благодарни сме за поддршката од нашите сојузници, напиша Билингси на Твитер.

Скопје – Со учество на 15 екипи во конкуренција на јуниори и шест екипи во конкуренција на јуниорки, со повеќе од 70 играчи, в сабота (24 октомври) стартува јуниорската лига во пинг-понг.

Македонската пингпонгарска федерација, натпреварите на екипите ги подели на два региони кои ќе се натпреваруваат во различни временски термини со цел да се запазат сите препораки за борба против пандемијата од корона вирусот.

Лондон– Себастијан Буеми е назначен за резервен возач на Формула 1 тимовите Ред Бул и Алфа Таури до крајот на сезоната 2020 година.

Претходно резервен возач на тимот беше Серхио Сете Камара, кој нема да може да присуствува на трките во Формула 1 поради учеството во Супер Формула.

Лондон – Тренерот на Челзи, Френк Лампард ги сумираше резултатите од натпреварот против Севиља во Лигата на шампионите (0:0).

– Задоволен сум од професионалниот аспект на играта на моите избраници. Разговарав со играчите за управувањето со играта, реакцијата беше навистина позитивна. Севиља е врвен клуб и ни требаше концентрација за да постигнеме резултат. Имавме многу добри моменти, и ова е она што треба да го развиеме. Ние сме на самиот почеток на сезоната и одиме чекор по чекор, истакна лампард.

Скопје – Левото крило на македонскиот ракометен првак Вардар посакува уште еден добар меч и освојување на бодовите на средбата со Порто во Лигата на шампионите.

-Сакаме да напредуваме секој натпревар. Против Порто да потврдиме дека победата со Флензбург не беше случајна. Португалскиот тим е многу квалитетен и игра добро независно дали гостува или е на свој терен. Многу се незгодни со тактиката 7 на 6. Ние можеме уште подобро. Ќе покажеме дека сме на добар пат. Излегуваме со ладни глави и цел да играме уште подобро од мечот со Флензбург. Знаеме дека ќе биде тешко, нема лесен противник во Лигата на шампионите, но многу ни е важно да победиме.

Скопје – Времето денеска ќе биде сончево со мала локална облачност и со слаб ветер претежно од северозападен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 17 до 23 степени.

До сабота, како што соопшти УХМР, ќе се задржи стабилно време со ниски утрински температури и со услови за утринска магла по одделни котлини. Дневната температура ќе биде во пораст.

Back to top button
Close
Close