МИА ФлешПакети

МИА Флеш

19 октомври 2020

19 октомври 2020

Скопје– Во Собранието денеска ќе се одржат седници на комисиите за надворешна политика, за одбрана и безбедност, за финансирање и буџет, како и Законодавно-правната комисија.

На дневен ред на Комисијата за надворешна политика се предлог законите за ратификација на Договорот меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Сојузна Република Германија за соработка во борбата против криминалот, на Спогодбата помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Црна Гора за заедничко признавање на доверливи услуги кои се користат во Република Северна Македонија и Црна Гора, на Договорот помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Република Србија за соработка во областа на борбата против криумчарење мигранти, како и на Спогодбата помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Република Србија за заедничко признавање на доверливи услуги кои се користат во Република Северна Македонија и Република Србија.

Скопје– Предлог-мерките за заштита од Ковид-19, како што е задолжително носење маски на отворено, забрането групирање по 22 часот на јавни места за повеќе од четворица и забрана за поголеми семејни собири се веќе доставени во Собранието. Се очекува оваа недела пратениците да ги изгласаат потребните измени во Законот за заштита од заразни болести, и истите да се реализираат.

Министерот за здравство, Венко Филипче, појасни дека очекува оваа недела да се изврши амандманска интервенција во законот и дека за кратко време овие мерки да бидат донесени.

Скопје– Министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија Бујар Османи денеска е во официјална посета на Словенија, каде ќе има средба со министерот за надворешни работи, Анже Логар. Во рамките на посетата на Словенија предвидени се и средби со претседателот на државата Борут Пахор, како и со претседателот на словенечкиот парламент, Игор Зорчич.

Османи, по денешната посета на Словенија, утре заминува во работна посета на Република Хрватска, каде покрај средбата со домаќинот, министерот за надворешни работи, Горан Грлиќ – Радман, ќе оствари средби и со премиерот, Андреј Пленковиќкако и повеќе средби во рамките на хрватскиот Парламент.

Скопје – Власта не гледа потреба за средба со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски за недоразбирањата со Бугарија. Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, велат дека доколку на премиерот Зоран Заев му било важно државата да тргне напред, ќе прифател лидерска средба и ќе разговарал за сите отворени прашања.

– Не гледам потреба од лидерска средба. Особено со човек кој нема став за ниту едно важно, национално или стратешко прашање. Мицкоски не е за договор на која било тема, тој бара начин само како да и наштети на државата, особено на процесите кои не водат кон ЕУ,  изјави вчера премиерот Заев.

Скопје – Од денеска до четврток, 22 октомври ќе се одбележува манифестацијата „Отворени денови на Институтот за македоноски јазик „Крсте Мисирков“.

Во рамките на оваа манифестација ќе се одбележат 75 години од официјализирањето на современиот македонски јазик, азбука и правопис, и ќе се промовираат најновите изданија од Институтот.

Скопје– Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски денеска ќе извршат увид во реконструкцијата на трафостаница Струмица 2, во Струмица.

На увидот ќе присуствува и директорката на АД МЕПСО Ева Шуклева.

Скопје – Здружението на граѓани „Еко Логик“ во рамки на програмата „Вело училишта“ отвора меѓуучилишен натпревар за енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија. Целта на натпреварот е да предизвика интерес за активности за сочувување на природата и преземање на акции, односно едукативната компонента е насочена кон енергетска ефикасност, здрави навики, забава во природа и во домот, како и да го поттикне натпреварувачкиот дух на учениците и самите училишта.

Натпреварот ќе биде реализиран преку дигитална игра „Еко Маало“, што е достапна на платформа „Тabletopia“ и може да се игра преку мобилен телефон или компјутер. Право на учество имаат ученици од седмо, осмо и деветто одделение врз принципот „Прв дојден, прв услужен“.

Скопје – Дел од село Радишани денеска ќе биде без вода поради чистење на резервоарот во населба Радишани.

ЈП Водовод и канализација – Скопје соопшти дека прекинот во водоснабдувањето ќе биде во периодот од 09 00 до 14 и 30 часот.

Никозија – Премиерот на самопрогласената Турска Република Северен Кипар, Ерсин Татар, победи на вчера одржаните претседателските избори на турскиот дел од островот, освојувајќи 51,74 проценти од гласовите, јавија доцна синоќа британските медиуми.

Противникот на Татар и досегашен претседател на оваа меѓународно непризната држава, Мустафа Акинџи, освои 48,26 проценти од гласовите.

Љубљана – Словенечката Влада доцна синоќа и официјално прогласи епидемија на коронавирус на целата територија на земјата, што ќе трае 30 дена, почнувајќи од денеска.

Ова значи дека националниот план за заштита и спасување е активиран, но не се објавени дополнителни ограничувачки мерки, пренесе словенечката СТА.

Париз – Франција има намера да протера 231 странец од владиниот список со лица осомничени дека имаат екстремни верски убедувања, изјави извор од полицискиот синдикат за британските медиуми, два дена откако еден чеченски исламист обезглави наставник во Париз.

Екстремистите во Франција се дефинираат како „луѓе кои, во процес на радикализација, најверојатно сакаат да заминат во странство и да се приклучат на терористички групи или да учествуваат во терористички активности“.

Франкфурт – Претседателката на Европската централна банка (ЕЦБ), Кристин Лагард изјави дека политиките преземени од централните банки и владите ширум светот за време на кризата предизвикана од пандемијата на коронавирусот спречиле „катастрофална депресија“.

Лагард рече дека преземените мерки „го апсорбирале шокот“ предизвикан од пандемијата во економијата.

Рим – Италијанскиот премиер Џузепе Конте најави дека поради влошената епидемиолошка состојба, работното време во кафулињата и рестораните ќе биде ограничено, додека градоначалниците ќе имаат овластувања да затвораат плоштади и јавни места по 21 часот.

Обраќајќи се синоќа на нацијата, тој појасни дека угостителските објекти по 18 часот треба да ја ограничат нивната работа само на услуги на маса и дека нивното работно време ќе биде ограничено на полноќ, локалните фестивали се забранети, а теретаните и јавните базени засега остануваат отворени, иако тој не ја исклучи можноста тие да се затворат за неколку недели.

Брисел – Европа, соочена со вториот бран на коронавирус, го надмина прагот на 250.000 смртни случаи. За една недела се забележани повеќе од 8.000 смртни случаи, што е најтешкиот неделен биланс од средината на мај.

Бројни европски земји се обидуваат да се заштитат со воведување построги мерки.

Вашингтон – Потребно е да се преземат решителни чекори за решавање на проблемот со големите долгови на некои земји  изјави шефицата на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Кристалина Георгиева, и ги повика доверителите и должниците под итно да почнат разговори за реструктуирање на долгот.

Британските медиуми наведуваат дека, според Георгиева, одлуката на членките на Г-20 да ја продолжат суспензијата за отплата на долговите во билатералните договори за нови шест месеци ќе им помогне на сиромашните земји, но посочи дека е потребно уште поенергично дејствување.

Ерусалим – Израел и Бахреин денеска одлучија да воспостават официјални дипломатски односи со што малата земја од Заливот стана четвртата арапска држава што ги нормализира односите со Израел.

Договорот за воспоставување дипломатски односи, со посредство на САД, беше потпишан на крајот од еднодневната посета на американско-израелската делегација на Бахреин.

Даблин – Ирската служба за заштита на податоци на корисниците (ДПЦ) денеска покрена две истраги против Фејсбук, откако изрази загриженост поради управувањето со оваа социјална мрежа со лични податоци на децата на Инстаграм.

Инстаграм е социјална мрежа во сопственост на Фејсбук, а како што пренесуваат агенциите, спорни се податоците за е-пошта и телефонските броеви на корисници на возраст под 18 години, кои и се достапни на јавноста.

Каиро – Египќанецот Езелдин Бахадер, кој има 74 години, вчера официјално стана највозрасниот активен фудбалер на светот и го доби признанието за Гинисовата книга на рекорди.

Бахадар ги одигра сите 90 минути за клубот „6 октомври“ на натпреварот од третата лига на Египет, против „Ел Ајет Спортс“. Неговиот тим загуби со 3: 2.

Лондон – Астон Вила синоќа го победи Лестер во 5. коло од Англија шампионатот со 1:0. Тимот на Дин Смит ги доби сите четири свои воведни средби оваа сезона. Според „Опта“, Астон Вила победи на четири воведни натпревари за прв пат од сезоната 1930/31.

Тимот од Бирмингем, кој во претходното коло го совлада шампионот Ливерпул со 7:2, е единствениот во Премиер лигата со максимален број победи.

Милано – Напаѓачот на Милан, Златан Ибрахимовиќ го пофали неговото ниво оваа сезона. Триесет и деветгодишниот напаѓач одигра три натпревари на кои постигна пет гола.

На дербито со Интер во саботата, шведскиот фудбалер ги постигна двата гола за Милан (2:1), играјќи го првиот натпревар откако страдаше од коронавирус.

Лондон – Дефанзивецот на Ливерпул, Вирџил ван Дајк ќе биде надвор од фудбалските терени поради повредата здобиена во саботата против Евертон.

Дваесет и деветгодишниот Холанѓанец не пропушти ниту една минута од натпреварите во англиската Премиер лигата од јануари 2018 година.

Скопје – Стабилно време со пониски утрински температури најавува Управата за хидрометеоролошки работи за наредниот период.

Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -1 до 9, а максималната од 14 до 21 степен.

Back to top button
Close
Close