МИА ФлешПакети

МИА Флеш

18 септември 2020

18 септември 2020

Скопје, 18 септември 2020 (МИА) – По повод одбележувањето 25 години од основачкото собрание на Македонска берза АД Скопје, денеска на Берзата ќе се одржи Инвеститорски ден, во рамки на кој сите домашни физички лица ќе тргуваат со акции на сите пазарни сегменти без трансакциски трошоци што ги наплатуваат овластените пазарни институции и учесници.

Од Берзата појаснуваат дека  на „Инвеститорскиот ден“ сите домашни физички лица ќе можат да купат или продадат кои било акции без да ги платат провизиите кон Берзата, ЦДХВ и овластените пазарни учесници (банки и брокерски куќи) што се вклучени во оваа иницијатива.

Скопје, 18 септември 2020 (МИА) – Втор случај на Ковид-19 на дете во градинка вчера беше регистриран во нашата држава. Се работи за дете од еден од клоновите на струмичката градинка „Детска радост“. Детето не било носено во градинката од понеделникот, а вирусот го добило од член на семејството.

-Преземени се сите мерки за ширење на вирусот, а децата од таа група, воспитувачите и родителите се изолирани, изјави вчера директорот на градинката Васил Бубев.

Скопје, 18 ноември 2020 (МИА) – Реакции на македонската политичка сцена предизвика објаснувачкиот меморандумот што Бугарија го испрати до земјите-членки на ЕУ, во кој се доведуваат во прашање македонскиот национален идентитет и македонскиот јазик. Нацијата се означува како творба на Тито и се бара од земјата да „раскине со идеолошкото наследство од комунистичка Југославија“, кое според Софија е причина за „етничкиот инженеринг“ во Северна Македонија. Јазикот не се признава.

Владата вчера преку МИА го изнесе својот став за новата бугарска позиција, додека опозицијата изнесе обвинувања кон власта за ваквиот меморандум.

Скопје, 18 септември 2020 (МИА) – Во Основниот кривичен суд во Скопје денеска треба да продолжи судењето за организаторите на настаните од 27 април 2017 година во Собранието. На предлог на одбраната, треба да бидат сослушани осум пратеници од поранешниот состав, меѓу кои и Талат Џафери.

Случајот се наоѓа во доказна постапка и на минатото рочиште на предлог на одбраната на поранешниот собраниски спикер Трајко Вељаноски, беа сослушани повеќе пратеници, меѓу кои Илија Димовски, Благој Деспотовски, Весна Дамчевска Илиевска и Весна Пемова.

Скопје, 18 септември 2020 (МИА) – Дирекцијата за заштита и спасување од денеска до недела во Маврово организира вежба на припадниците на тимовите за брз одговор – ТБО.

Целта на вежбата е демонстрација на повеќе сценарија за подготвеност на човечки и материјално технички ресурси на Дирекцијата за заштита и спасување каде ќе биде тестирано и – Упатство (Протокол) за постапка и делување со преземање заштитни мерки за справување со Ковид – 19 на Републичките сили за заштита и спасување, Тимовите за брз одговор и Просторните сили за заштита и спасување за време на нивно ангажирање во услови на мир и вонредна состојба, обука, тренинг и вежби.

Скопје, 18 септември 2020 (МИА) – Борба против сиромаштијата која ги намалува шансите за пристоен живот и на следните неколку генерации, која ги „осудува“ децата и младите на несоодветно образование и здравствена заштита и ги остава на цедило возрасните во годините кога помош најмногу им е потребна, ќе бидат приоритети на Владата во овој нов мандат.

Ќе се работи на намалување на стапката на сиромаштијата под 16 отсто со посебен акцент на детската сиромаштија.

Скопје, 18 септември 2020 (МИА) – Според најновите податоци на Агенцијата за електронски медиуми, во првите три месеци од годинава преку мобилен се реализирани 1.338.211.097 минути разговор,  или во просек секој од претплатниците зборувал по 702 минути, или 11,7 часа. Кон мрежи во странски држави се реализирани 3.475.486 минути разговор.

Во првиот квартал годинава во државава се евдидентирани 1.897.408 активни претплатници во мобилната телефонија, односно 23 605 помалку споредено со последниот квартал лани.

Битола, 18 септември 2020 (МИА) – Со музичко-актерскиот перформанс „Патеки“ кој ќе се одигра во амфитеатарот на Хераклеа Линкестис, вечер во Битола почнува 12. издание на фестивалот „Музика од светот“.

Пред публиката во Битола ќе настапат солистите Наде Талевска, Бојан Стојков, Ирена Димовска и Тамара Стојковска, а ќе ги придружуваат членовите на битолскиот Камерен оркестар. Специјален гостин на вечерта е Дарко Нешовски кој настапува во Операта во Малме, Шведска.

Скопје, 18 септември 2020 (МИА) – Земјите од регионот следната недела се очекува конечно да одлучат за слободен премин и отворање на границите, најави министерот за здравство Венко Филипче.

Иако ставот на здравствените власти беше ист и минатата недела, промената на режимот на слободно движење на граѓаните од регионот ќе има епилог на следната онлајн средба меѓу земјите од Западен Балкан, Бугарија и Грција.

Скопје, 18 септември 2020 (МИА) – Иницијативниот одбор на Здружението на оштетени штедачи од Еуростандард Банка соопшти дека одржале состаноци со сите пратенички групи во Собранието со цел барање на поддршка во изнаоѓање на итно, изводливо и ефикасно решение за оштетените штедачи од Еуростандард Банка – физички и правни лица.

Оштетените штедачи бараат итно носење законско решение со кое државата ќе ги превземе побарувањата на физичките и правни лица депоненти во Еуростандард Банка и во целост парично ќе ги обештети, а потоа државата да наплати од стечајната маса.

Кавадарци, 18 септември 2020 (МИА) – Здружението „Напредни лозари” бара итно донесување на закон за лозарство и грозје, со цел лозарите да се заштитат од, како што велат, грабежот што врз нив го вршат одредени преработувачки капацитети.

Ова е само еден од заклучоците донесени на синоќешниот состанок на регионалното здружение, кои се доставени до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, до градоначалници, пратеници и други субјекти.

Скопје, 18 септември 2020 (МИА) – Министерот за здравство Венко Филипче вчера истакна дека ако епидемиолошката слика е добра и стабилна, на почетокот на месец ноември ќе се даде дозвола уште некоја група од децата да оди со физичко присуство во училиштата.

– Од 1 октомври, со физичко присуство би можеле да одат и други одделенија само во ситуација кога вкупниот број  деца во одделенијата или бројот на класови во училиштето е толку мал да сметаат епидемиолозите дека е ризикот мал, односно ист или помал, рече Филипче во вчерашното гостување во емисија на Алсат М телевизија.

Сараево, 18 септември 2020 (МИА) – Голем пожар синоќа изби во индустрискката зона во Мостар, при што огнот зафати простор од неколку километри.

Во гаснењето на огнот, што загрози приватни и деловни објекти, покрај пожарникарите се вклучија и граѓаните.

Атина, 18 септември 2020 (МИА) – Во западна Грција е прогласена вонредна состојба поради приближувањето на моќниот медитерански циклон Јанос.

Црвен код е прогласен поради налети на силен ветер, грмотевици и поројни врнежи од дожд.

Загреб, 18 септември 2020 (МИА) – Во хрватскиот Парламент денеска ќе се гласа за одлуката на Комисијата за мандати и имунитет за укинување на имунитетот на пратениците Дражен Баричиќ (ХДЗ), Винко Гргиќ (СДП) и Дарко Пуљашиќ (ХДЗ) со цел да се спроведе кривична постапка под сомнение за извршено кривично дело.

Баришиќ и Гргиќ се поврзани со проневера во аферата Јанаф, јави Хина.

Варшава, 18 септември 2020 (МИА) – Границите на Полска и Литванија со Белорусија функционираат нормално, изјавија официјални лица на тие држави откако претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко, изјави дека земјата е принудена да ги затвори границите со Полска и Литванија, како и да ги зајакне граничните контроли со Украина.

Портпаролот на полската Влада Пјотр Милер во порака наведува дека државата не добила никаква потврда дека границата со Белорусија е затворена, додека Министерството за надворешни работи и соопшти дека границата функционира нормално.

Берлин, 18 септември 2020 (МИА) – Германија обезбеди 22 милиона евра за подобрување на безбедноста на синагогите и другите еврејски објекти во државата по антисемитски напад минатата година.

Владата вети дека ќе ја зајакне безбедноста откако десничарски екстремист се обиде да влезе во синагога во источниот град Хале на Јом Кипур, најголемиот ден за јудаизмот, но не успеа и уби двајца минувачи.

Москва, 18 септември 2020 (МИА) – Москва вчера беше погодена од ураган пропратен со град, грмотевици и силен ветер, поради што во следните два дена прогласено е жолто ниво на опасност.

Обилниот дожд поплави голем број улици во главниот град на Русија.

Брисел, 18 септември 2020 (МИА) – Новите неделни случаи на новиот коронавирус во Европа го надминаа бројот на заразени од пикот во март, соопшти Светската здравствена организација.

Регионалниот директор на СЗО, Ханс Клуге нагласи дека само минатата недела се регистрирани над 300.000 нови инфекции на стариот континент.

Лондон, 18 септември 2020 (МИА) – Британскиот министер за здравство Мет Хенкок изјави дека се влошува епидемиолошката ситуација во земјата и оти бројот на хоспитализирани пациенти со Ковид-19 двојно се зголемува на секои осум дена.

Но, тој одби да одговори дали во текот на следниот месец ќе биде воведен карантин.

Вашингтон, 18 септември 2020 (МИА) – Координаторот на американскиот Стејт департмент за борба против тероризмот, Нејтан Сејлс, го обвини Хезболах дека складира хемикалии, што може да се користат за производство на експлозиви, во неколку европски земји. Тој ги повика земјите во Европа и светот да воведат забрани за таа организација.

– Зошто Хезболах би чувал амониум нитрат на европско тло? Одговорот е јасен: Хезболах го ставил оружјето таму за да може да изврши големи терористички напади секогаш кога тој или неговите господари во Техеран сметаат дека е потребно, рече Салес.

Пекинг, 18 септември 2020 (МИА) – Кина почна денеска борбени воени вежби во близина на Тајванскиот теснец, во истиот ден кога висок американски официјален претставник почна средби на високо ниво во Тајпеј.

Пекинг со зголемена загриженост го следи се поблискиот однос меѓу Тајпеј и Вашингтон и ги засили воените вежби во близина на островот, вклучително и дводневните масовни вежби за воздух и море од минатата недела.

Ла Паз, 18 септември 2020 (МИА) – Привремената конзервативна претседателка на Боливија, Жанин Анез ја повлече својата кандидатура за изборите на 18 октомври, откако стана јасно дека според анкетите таа заостанува зад Социјалистичката партија на поранешниот претседател Ево Моралес.

Анез го објави ова во видео порака.

Њујорк, 18 септември 2020 (МИА) – Генералниот секретар на Обединети нации, Антонио Гутереш предупреди дека пандемијата со Ковид-19 ги зголеми ризиците по мирот во светот.

– Тоа претставува голема закана од конфликт, поради што испраќам итен повик за глобален прекин на огнот, изјави Гутереш по повод 39-годишнината од Меѓународниот ден ана мирот, што се одбележува во светот секоја година на 21 септември.

Вашингтон, 18 септември 2020 (МИА) –  Американскиот претседател Доналд Трамп вети дополнителна помош од десетици милијарди долари за помош на фармерите чии бизниси се погодени од пандемијата.

За време на митинг во Висконсин, Трамп рече дека Владата ќе обезбеди 13 милијарди долари како помош за нив.

Вашингтон, 18 септември 2020 (МИА) – Американскиот професор Ноам Чомски предупреди дека поради климатската криза, заканата од нуклеарна војна и зголемениот авторитаризам светот се наоѓа во најопасниот момент во историјата на човештвото.

Тој во интервју за „Њу стејтсман“ истакна дека „намало ништо слично во човековата историја“.

Aугуста, 18 септември 2020 (МИА) – Седум лица починаа, а најмалку 177 се заразени откако присуствувале на свадба – ова е тажната статистика забележана во американската држава Мејн, јавија американски медиуми.

На прославата присуствувале 65 лица додека максимално дозволен број поради пандемијата е 50 лица.

Вашингтон, 18 септември 2020 (МИА) – Американскиот претседател Доналд Трамп планира да издаде извршна наредба што ќе му овозможи да воведе санкции на САД против секој што ќе го прекрши ембаргото за продажба на конвенционално оружје на Иран. Тоа го најавија за американски медиуми четири извори запознати со тоа прашање.

Извори, кои сакаа да останат анонимни, изјавија се очекуваат извршна наредба во наредните денови со што ќе му се овозможи на претседателот да ги казни прекршителите со секундарните санкции, забранувајќи им пристап до американскиот пазар.

Њујорк, 18 септември 2020 (МИА) – Директорот на Светска програма за храна Дејвид Бизли ги повика најбогатите луѓе во светот да донираат пари за да спасат околу 30 милиони луѓе, кои би можеле да умрат од глад доколку не добијат помош.

– Околу 270 милиони луѓе се на раб на гладот и Светска програма за храна се надева дека годинава ќе успее да им пружи помош на 138 милиони луѓе, истакна Бизли пред безбедносниот совет на Обединети нации.

Кабул, 18 септември 2020 (МИА) – Амбасадата на САД во Авганистан предупреди дека екстремистичките групи планираат напади врз различни цели, но посебно врз жени.

Во соопштението од Амбасадата не се наведува за кои екстремистички групи станува збор, ниту за кога се планирани нападите.

Скопје, 18 септември 2020 (МИА) – Натпреварите од второто квалификациско коло во Лигата на Европа се одиграа во четвртокот.

За жал, од македонските екипи само една се пласираше во следното коло, откако Шкендија го совлада Ботошани во Романија со минимални 0:1. Другите два претставници, Ренова и Силекс, беа поразени од Хајдук Сплит и Дрита, соодветно.

Орландо, 18 септември 2020 (МИА) – Кошаркарскиот тим на Мајами ја продолжува серијата победи во плејофот во НБА и по 106:101 поведе со 2:0 против Бостон во финалето на Истокот, ставајќи ги Селтикси во многу тешка позиција.

Пресвртот во второто полувреме им помогна на „жешките“ да стигнат до триумф, откако уште еднаш покажаа непопустливост, посветеност и одлична одбрана за победа.

Пловдив, 18 септември 2020 (МИА) – Тренерот на Тотенхем, Жозе Мурињо ја коментираше тешката победа на тимот од 2:1 над Локомотив Пловдив во второто квалификациско коло од Лигата на Европа.

– Сакам да му честитам на Локомотив, нивниот перформанс беше одличен, почит кон нив, тие се бореа, во 70-та минута успеаја да постигнат гол, во првото полувреме имаше ситуации, имаше и пенал, кој ако имаше ВАР ќе беше досуден, честитки за нив. Беше тешко да им ги натерам играчите да разберат дека ќе биде тежок натпревар. Ако игравме на два натпревари, работите во Лондон ќе беа поинакви, но ова се условите. Ова е турнир што се обидуваме да го освоиме, не е лесно кога играте на еден натпревар, знаевме дека ќе биде тешко. Мора да победуваме, загубивме од Евертон, но исто така мора да победуваме и во Премиер лигата, изјави Мурињо по мечот.

Лондон, 18 септември 2020 (МИА) – Англиските медиуми беа доста критични по тешкиот пресврт преку кој Тотенхем го елиминираше освојувачот на Купот и Суперкупот на Бугарија – Локомотив во Пловдив во второто квалификациско коло од Лигата на Европа.

Тимот од Лондон требаше да треперат до последната четвртина од мечот во Бугарија, кога добија пенал и останаа со две лица повеќе на теренот пред да остварат ваква вредна победа.

Париз, 18 септември 2020 (МИА) – Шампионката на УС Опен, Наоми Осака нема да учествува на претстојниот Ролан Гарос поради повреда на адукторот, соопшти таа. Минатата недела на 22-годишната Јапонка и беше врзан бутот во финалето со Викторија Азаренка во Њујорк на пат кон втората титула на „Флешинг Медоуз“ и вкупно трета во нејзината Гренд слем кариера.

– За жал, годинава нема да можам да учествувам на „Ролан Гарос“. Мојот аддуктор е сè уште проблем, така што нема да имам време да се подготвам за земја – овие два турнири овојпат се премногу блиску еден до друг. Им посакувам се најдобро на организаторите и играчите, рече таа.

Ливерпул, 18 септември 2020 (МИА) – Колумбискиот играч за врска Хамес Родригез преминал бесплатно од Реал Мадрид во Евертон.

Ова станува јасно од изјавата на претставник на неговиот поранешен тим Банфилд од Аргентина, каде тие очекуваа процент од износот што беше објавен во медиумите во висина од 25 милиони евра.

Скопје, 18 септември 2020 (МИА) – Времето ќе биде променливо облачно со засилен северен ветер, кој особено ќе биде изразен во западните и северните делови. Во јужните подрачја ќе има услови за повремен локален дожд.

Утринската температура ќе се движи од 9 до 18, а дневната од 26 до 31 степен.

 

 

Back to top button
Close
Close