МИА ФлешПакети

МИА Флеш

17 септември 2020

17 септември 2020

Скопје,17 септември 2020 (МИА) – Делегацијата на германското стопанство во земјава во текот на октомври организира два настана преку кои ќе ги поврзува македонските компании со компании од странство

Како што најавувааат од 20 до 22 октомври заедно со Здружението на метална и електро индустрија – МАМЕИ, ќе се одржи дигитална конференција и саем „Macраedonian Manufacturing Expo“.

Прилеп, 17 септември 2020 (МИА) – На летната сцена од Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп синоќа беше промовирана книгата „Односите со јавноста, социјалните мрежи и јавното мислење“ од Каролина Мицевска, долгогодишен новинар, а сега повеќе години вработена во Центарот за култура за односи со јавноста. 

Темата „Односите со јавноста, социјалните медиуми и јавното мислење“, многу битна за секојдневното функционирање на општеството, според авторот Мицевска, досега на овој начин ретко третирана, како спој на сите сегменти, побудува постојан интерес.

Струмица, 17 септември 2020 (МИА) – Во населеното место Ангелци, Општина Василево, почна изградбата на нова детска градинка наменета за згрижување на деца од населените места Ангелци, Градашорци, Седларци и Едрениково.

Градинката ќе има капацитет за 55 деца, а изградбата, со комплетно внатрешно опремување со потребниот инвентар, треба да заврши за 16 месеци. Средствата се обезбедени од Владата во висина од околу 15 милиони денари.

Скопје, 17 септември 2020 (МИА) – На територијата на град Скопје изречени се вкупно 379 санкции, меѓу кои 101 за пречекорување на дозволената брзина на движење, во текот на вчерашниот ден во рамки на засилените акциски контроли во областа на сообраќајот.

Од МВР денеска соопштија дека за возење без возачка дозвола санкционирани се 17 лица, за нерегистрирани и технички неисправни возила 32 санкции, санкционирани се 41 мотоциклист, 66 мерки за непрописно паркирани возила и 68 возила се подигнати со пајак, а изречени се и 78 санкции за неносење на заштитна маска.

Скопје, 17 септември 2020 (МИА) – Поради дефект на затворач ф-250мм на улицата „Џон Кенеди“ број 35 прекин во водоснабдувањето ќе имаат дел од корисниците од истата улица, а корисниците од улиците „Дижонска“ и „Топанска“ намален притисок на водата.

Како што информираат од ЈП Водовод и канализација-Скопје прекинот во водоснабдувањето ќе трае до завршување на работите за отстранување на дефектот.

Скопје, 17 септември 2020 (МИА) – Новата македонска мобилна апликација Challenger, што беше лансирана вчера, има за цел да ги наградува корисниците кои пешачат трчаат и планинарат, а исто така ја подига свеста за аерозагадувањето и за неговото намалување.

Секој поминат зелен километар носи поени, а потоа тие можат да се заменат за попуст во локални продавници. Со исполнување на дадени предизвици се добиваат и награди.

Крушево, 17 септември 2020 (МИА) – Во рамките на проектот „Зајакнување на општинските совети“ наредниов викенд продолжуваат обуките за членовите на советот на општина Крушево. Обуките ги продолжуваат девет советници во крушевскиот совет и ќе бидат на тема: „Финансиска контрола и ревизија“.

Обуките повторно започна да се спроведуваат минатиот викенд по неколкумесечната пауза поради кризата со коронавирусот.

Тетово, 17 септември 2020 (МИА) – ЕВН Македонија почна со градежни работи во Тетово поради поставување на нов 35 киловолтен кабелски вод од трафостаницата кај хидроцентралата на река Пена се до трафостаницата 35/10кВ Тетово на булеварот Видое Смилевски Бато. Кабелскиот вод поминува низ пешачката зона на Бањиче, се движи кон централното градско подрачје, а вкупната должина е од 3,5 километри.

– Се работи на изградба на нов 35кВ кабелски вод ТС 35/10кВ Тетово-TС 35/10кВ ХЕЦ Пена. ЕВН Македонија е компанија чија главна цел е обезбедување на непречено, стабилно и квалитетно снабдување на корисниците со електрична енергија. Токму затоа, ЕВН во континуитет вложува во модернизација, развој и реконструкција на постојната и изградба на нова дистрибутивна мрежа, соопшти одделот за комуникации при ЕВН Македонија.

Скопје, 17 септември 2020 (МИА) – Индексот на човечи капитал на Светска банка во земјава во периодот 2010 – 2020 година се зголемил од 0,54 на 0,56, но сепак е понизок споредено со просекот во регионот на Еропа и Централна Азија и земјите со висок среден приход.

Според Индексот на човечки капитал, дете родено денес во Северна Македонија ќе достигне 56 проценти од својот потенцијален човечки капитал кога ќе порасне, во споредба со она што би можело да го достигне доколку има квалитетно образование и здравствена заштита.

Скопје, 17 септември 2020 (МИА) – Барањата и ставовите на Софија длабоко ги еродираат заложбите за добрососедство, а едностраните и исклучиви оценки може да ја направат беспредметна и работата на заедничката македонско-бугарска Комисија за историски и образовни прашања, се реакциите во земјава по објавувањето на содржината на меморандумот Бугарија го испратила до земјите членки на ЕУ.

Драги Ѓоргиев, претседател на македонскиот тим експерти во македонско-бугарската комисија, во изјава за Дојче веле, оценува дека објаснувачкиот меморандум на Република Бугарија упатен до членките на ЕУ во пресрет на одлуката за започнување не преговорите со Северна Македонија, во кој се негира современиот македонски јазик и идентитет, не може да биде во функција на постигнување успех на комисијата.

Охрид, 17 септември 2020 (МИА) – Во Охрид и на падините на планината Галичица викендов ќе се одржи најдолгата маратонска планинска трка во рамки на второто издание на „Охрид Ултра Трејл“ манифестацијата. Покрај трките „Летница“ на 18 и „Галичица Ултра“ на 66 километри, најподготвените тркачи ќе ја тестираат својата физичка и ментална подготвеност на „Охрид Ултра Трејл“ трката во должина од 107 километри.

Трасите на трите трки се изготвени од страна на Здруженијата „ТРЕКС“ од Скопје и „Спорт за сите – сите за спорт“ од Охрид, по сите безбедносни критериуми според ITRA (International Trail Running Association).

Куманово, 17 септември 2020 (МИА) – Во Куманово на неколку локации се поставени корпи за одлагање на користени, еднократни маски и ракавици, информираа денеска од Секторот за животна средина од Општината. Граѓаните можат да ги користат овие корпи и да го одлагаат ваквиот отпад и да придонесат за заштита на животната средина.

– Од почетокот на ширењето на коронавирусот се создава ваков отпад, маските станаа секојдневие, затоа е потребно соодветно да се одлагаат. Во соработка со граѓански организации поставени се вакви садови за смет пред неколку маркети во Куманово, изјави овластениот инспектор за животна средина, Бобан Бојковски.

Скопје, 17 септември 2020 (МИА) –  Во текот на изминатата недела  отстранети се вкупно 215 возила од јавните површини во Скопје.

Од вкупниот број непрописно паркирани и подигнати возила, 28 возила се отстранети од зонските паркиралишта, а останатите 187 возила по налог на сообраќајната полиција по основ на сторени прекршоци: паркирање на коловоз, велосипедска патека, пешачки премин, тротоар, зелена површина, спротивно на сообраќајните знаци, како и по повик од трето лице.

Кичево , 17 септември 2020 (МИА) – Во пресрет на новата учебна година започна целосното санирање на покривот на подрачното основното училиште во кичевското село Колари, кое е дел од општинското основно училиште „Реџ Рушит Зајази“ од село Зајас. Покрај покривот, и училишната фасада ќе се обнови целосно со соодветна топлинска изолација според современите стандарди.

Овие денови се работи на целосно санирање на покривот на подрачното училиште во село Колари, како и нова училишната фасада со стандардна модерна топлинска изолација.Ова е инвестиција на општина Кичево која го направи проектот и обезбеди половина од финансиските срества од општинскиот буџет, а другата половина ги обезбеди Дирекцијата за регионален развој на Влада. Овој инфраструктурни проект, кој ќе чини близу еден милион и осумстотини илјади денари, се очекува да биде завршен во рок од два месеца, вели раководителот на секторот за образование во општина Кичево Емин Насуфи.

Скопје, 17 септември 2020 (МИА) – Под мотото „Безбедни здравствени работници, безбедни пациенти“, годинава се одбележува 17 септември – Светски ден посветен на безбедноста на пациентите. Светската здравствена организација оваа година акцентот го става и на безбедноста на здравствените работници, кои се во првите борбени редови во справувањето со вирусот КОВИД-19, како еден од најголемите здравствени предизвици со кои се соочува светот.

Заштитата и безбедноста на персоналот, се наведува во денешното соопштение од Министерството за здравство, е врвен приоритет имајќи предвид дека со заштитата на здравствените работници се штитат и пациенти кои се во контакт со нив.

Неготино, 17 септември 2020 (МИА) – Жена од неготинско село пријавила физички напад од сопругот вчера околу 18 часот во СВР Велес.

– Дваесетгодишна жена пријавила дека во семејниот дом, по претходна расправија била физички нападната од 22-годишниот сопруг. Тој бил лишен од слобода и по целосно документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок,  појасни портпаролот на СВР Велес, Верољуб Додевски.

Скопје, 17 септември 2020 (МИА) – Одбраната на Миле Јанакиески, на денешното рочиште за насилствата пред Општина Центар во јуни 2013 година, побара од судот во дополнителна доказна постапка да бидат сослушани Ивица Коневски и Кирил Божиновски, како и да бидат презентирани сите прислушувани разговори, доколку постојат такви, меѓу нивниот клиент и лицето Томислав Лазаров.

На почетокот на денешното рочиште, бранителот на Миле Јанакиески, адвокат Еленко Миланов рече дека за својот  клиент имаат информации од СЈО дека е прислушкуван од мај 2013 се до 2015 година.

Скопје, 17 септември 2020 (МИА) – Четири сантиметри под нултата точка е водостојот на реката Вардар кај Јегуновце, покажуваат денешните мерења направени од страна на Управата за хидрометеоролошки работи.

Водостојот на Вардар е понизок и кај Демир Капија во однос на вчерашниот ден, а на исто ниво како вчера е кај мерната станица во Скопје. За пет сантиметри е повисоко нивото на Вардар кај Велес.

Скопје, 17 септември 2020 (МИА) – Во Велес синоќа во 20.40 часот покрај железничката пруга Гевгелија– Скопје, полициски службеници пронашле 22 лица мигранти, меѓу кои и двајца малолетници.

Според информациите од МВР, од мигрантите 10 се од Бангладеш, седум од Пакистан и пет лица од Авганистан.

Скопје, 17 септември 2020 (МИА) – На барање на Здружението на стопанственици на индустриска зона Визбегово, денеска генералниот директор на ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје Душко Весковски оствари работна средба со претставници од Здружението.

Средбата, како што соопшти „Водовод и канализација“ – Скопје, е за да се слушнат потребите на стопанствениците и да се разгледаат можностите за нивно исполнување.

Берово, 17 септември 2020 (МИА) – Граѓаните и градоначалникот на Берово заеднички ќе ги разгледуваат локалните проблеми за кои ќе се бара начин за нивно решавање. Ова е целта на теренските средби кои започнаа во Берово, а на кои преку директен контакт жителите од населените места ќе можат да разговараат за проблеми од локално значење, комунални проблеми, но и да даваат свои предлози и идеи за подобрување на работата на локалната самоуправа.

Од општината информираа дека веќе е реализирана првата таква средба на која граѓаните најмногу разговарале за социјални проблеми.

Скопје, 17 септември 2020 (МИА) – Министерот за правда Бојан Маричиќ оствари средба со претставници на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ) предводени од претседателот Пецо Грујовски.

Средбата, како што денеска соопшти Министерството за правда, е реализирана во текот на вчерашниот ден, а на неа се разговарало за потребата од менување на законите за судска служба и јавнообвинителска служба, како и за подобрување на статусот и правата на вработените во овие служби.

Скопје, 17 септември 2020 (МИА) – Новиот министер за транспорт и врски Благој Бочварски денеска упати повик за вклучување на градежни и сообраќајни инженери, правници и архитекти, професори и експерти од секоја област во поставување систем кој, како што рече на прес-конференција, ќе биде мозокот и вистински координатор на оперативата за силни капитални инвестиции.

– Во ова тешко време на ковид криза кога имаме сериозни импликации врз економијата, остануваме силно фокусирани на висока реализација на капиталните проекти, со што ќе помогнеме за заздравување на домашната економијата преку градежниот сектор, рече на првата прес-конференција по именувањето министерот Бочварски.

Скопје, 17 септември 2020 (МИА) – Судот ги отфрли како неосновани барањата на одбраната на судењето за насилствата пред Општина Центар во јуни 2013 година, да бидат сослушани како сведоци повеќе лица, меѓу кои и Ивица Коневски, Кирил Божиновски и владиката Агатангел.

Судијата Душко Јосифовски рече дека барањата за дел од материјалните докази се прифатливи, додека денеска изнесените барањата за сведоци се отфрлаат како неосновани, бидејќи не се однесуваат на нови моменти.

Скопје, 17 септември 2020 (МИА) – Основните училишта во општина Гази Баба се целосно подготвени за безбеден почеток на новата учебна година, со комбинирана настава во сите училишта, соопшти Општината.

Секое основно училиште подготви посебен протокол за работа, план за движење и дезинфицирање на објектот, по кој секој треба да се придржува.

Куманово, 17 септември 2020 (МИА) – Поставена e спортската опрема во новата училишна спортска сала на средното стручно училиште „Наце Буѓони“ во Куманово, информираа денеска, надлежните од училиштето. Училишната сала е опремена со современи реквизити наменети за кошарка, фудбал, одбојка, ракомет, гимнастика.

– Сè е завршено, поставени се сите реквизити за квалитетно одвивање на наставата по физичко образование. Салата е модерно опремена со современи реквизити, изјави директорот на училиштето, Драган Јаневски.

Скопје, 17 септември 2020 (МИА) – Судењето за насилствата пред Општина Центар во јуни 2013 година продолжува на 24 септември со завршни зборови на обвинителството, откако на домашното рочиште заврши доказната постапка.

Судот на денешното рочиште ги отфрли како неосновани барањата на одбраната на судењето да бидат сослушани како сведоци повеќе лица, меѓу кои и Ивица Коневски, Кирил Божиновски и владиката Агатангел.

Тетово, 17 септември 2020 (МИА) – Од 1-ви мај 2020 година кога стапи на сила владината уредба за задолжително носење заштитни маски на лицето за превенција од ширење на коронавирусот на тетовското подрачје досега изготвени се 3676 поднесоци односно платни налози, информира денеска СВР Тетово.

Согласно уредбата сите граѓаните кои добиле таков платен налог платиле по 20 евра во денарска противвредност. Тоа се вкупно 73.520 евра платени казни од граѓаните.

Скопје,  17 септември 2020 (МИА) – Во денешното обраќање на ЗУМ, Емили Бушетил, директорката на одделот за кино при Францускиот институт го најави започнувањето на Европската филмска платформа, која има за цел да го промовира филмското образование низ цела Европа.

Европската филмска платформа е предводена од Францускиот институт, во соработка со „АRTE Education“  подружница на европскиот телевизиски канал што создаде дигитален образовен сервис „Едукатор“ и „Европската училишна мрежа“, непрофитна организација составена од триесет и четири европски министерства за образование, имаат за цел да ја развијат програмата на Европската филмска платформа.

Скопје, 17 септември 2020 (МИА) – Во Министерството за правда денеска се одржа средба меѓу министерот за правда Бојан Маричиќ и амбасадорот на Кралството Холандија во земјава Дирк Јан Коп.

Од Министерството информираат дека во фокусот на денешната средба беше реформската агенда на Министерството за правда и заедничките проекти за европеизација, зајакнување на системот на владеење на правото и заштитата на човековите права.

Тетово, 17 септември 2020 (МИА) – Од 1-ви мај 2020 година кога стапи на сила владината уредба за задолжително носење заштитни маски на лицето за превенција од ширење на коронавирусот на тетовското подрачје досега изготвени се 3676 поднесоци, информира денес СВР Тетово.

За дел од нив се изготвени платни налози кои се платени веднаш или по судски пат, а има и  писмени предупредувања. Согласно уредбата за  таков платен налог глобата е 20 евра во денарска противвредност.

Скопје, 17 септември 2020 (МИА) – Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски денеска го потпишал Правилникот за урбанистичко планирање, со што се овозможува примена на новиот Закон за урбанистичко планирање.

-Ќе овозможиме вистински развој на урбаните средини преку рационално и хумано планирање на просторот, рече Бочварски на прес-конференција во Владата, посочувајќи дека законот овозможува вистинско вклучување на јавноста во креирање на реалните потреби и состојби во планирањето на просторот.

Скопје, 17 септември 2020 (МИА) – Во изминатите десет години сме финансирале 2.247 проекти за регионален развој со вкупна сума од 373 милиони евра или по 166 илјади евра по проект што е недоволно за добар економски развој. Се надевам дека до крјаот на октомври ќе биде изработена новата Стратегија за регионален развој за периодот 2020 – 2029 година што ја прави тим на експерти поддржани  од Швајцарската развојна агенција и оти ќе овозможи подобар рамномерен развој, посочи денеска министерот за локална самоуправа Горан Милевски.

Тој нагласи дека новата стратегија треба да биде функционална до крајот на годинава и да ги помине владините и собранските процедури за да не се доведе во прашање финасирањето преку МЛС на проектите кои се однесуваат на регионален развој за наредната година.

Скопје, 17 септември 2020 (МИА) – Меѓу зградите на улицата „Московска“ во Тафталиџе, Општина Карпош засадува ново зеленило, поточно 108 украсни растенија. На овој начин, како што соопшти Општината, јавениот простор во овој дел од Карпош се раззеленува, добива нов лик и вредност.

За да се обезбеди одржување и долготрајност на зеленилото. претходните денови, на оваа локација бил поставен и систем за наводнување.

Скопје, 17 септември 2020 (МИА) – Делегација на Македонскиот полициски синдикат (МПС) предводена од претседателот Марјан Кицев и генералниот секретар Киро Трајковски оствари работна средба со директорот на Агенцијата за разузнавање Еролд Муслиу.

На средбата, како што соопшти МПС, директорот на АР Муслиу, ја потенцирал важноста од добрата соработка со Македонскиот полициски синдикат, како единствен репрезентативен синдикат за вработените во Агенцијата за разузнавање и подготвеноста за соработка во интерес на вработените.

Загреб, 17 септември 2020 (МИА) – Првата дама на Хрватска, Сања Музик Милановиќ коментираше за исхраната на децата во Хрватска, имајќи предвид дека Хрватска е на врвот на листата на европски земји според бројот на деца кои имаат проблем со дебелина.

– Нашите момчиња се најдебели на Медитеранот. Најголем извор на калории се грицките и соковите. Тие пијат многу засладени сокови, изјави Музик Милановиќ за РТЛ.

Приштина, 16 септември 2020 (МИА) – Собранието на Косово денеска ќе одржи пленарна седница со преостанатите точки од минатите седници, како и една нова сесија, на чиј дневен ред е извештајот на премиерот Авдулах Хоти за дијалогот со Србија, јави дописникот на МИА од Приштина.

Ќе се расправа и за интерпелацијата за министерот за образование и наука Рам Ликај, од кого опозициското Движење самоопределување побара оставка поради наводните пропусти во подготовките за почетокот на новата учебна година во услови на пандемијата на Ковид-19.

Атина, 17 септември 2020 (МИА) – На егејскиот остров Лезбос грчката полиција спроведува операција за префрлање на повеќе од илјади мигранти и бегалци во нов камп на островот откако се во пожар изгоре прифатниот камп Морија.

Полицијата се обидува да ги убеди мигрантите и бегалците да се преселат во нов камп, а на почетокот од операцијата не е забележано насилство.

Подгорица, 17 септември 2020 (МИА) – Синоќа почнаа преговорите меѓу претставниците на трите коалиции за формирање на нова влада во Црна Гора, траеја четири часа, но не е отворен разговор за целиот пакет, пишува подгоричкиот весник „Вијести“.

Повикувајќи се на информации од повеќе извори, подгоричкиот весник пишува дека врз основа на резултатите од изборите, премиерската позиција треба да и припадне на коалицијата „За иднината на Црна Гора“, додека втората најсилна коалиција – „Мирот е нашата нација“, веројатно ќе ја преземе функцијата претседател на Парламентот.

Љубљана, 17 септември 2020 (МИА) – Уставниот суд на Словенија пресуди дека  одлуката на Владата за забрана на движење на граѓаните надвор од нивните матични општини за време на првиот бран на пандемијата со Ковид-19 во средината на април не била прекумерна и не ги ограничувала личните слободи загарантирани со Уставот.

Според Уставниот суд, човековите права можат да бидат ограничени во исклучителни, со Устав утврдени ситуации, со цел да се заштитат правата на другите.

Загреб, 17 септември 2020 (МИА) – Пандемијата на коронавирусот ја намали побарувачката за нови автомобили во Европа за една третина во првите осум месеци од годинава, додека во Хрватска е речиси преполовена, покажуваат податоците на здружението на производители АЦЕА.

Во периодот од јануари до август, регистрирани се вкупно 6,12 милиони нови автомобили во 26 земји на ЕУ (со исклучок на Малта), 32 проценти помалку отколку во првите осум месеци од 2019 година.

Берлин, 17 септември 2020 (МИА) – Критичарот на Кремљ, Алексеј Навални на Инстаграм објави дека бил отруен со шише вода во хотелската соба во сибирскиот град Томск.

На Навални минатиот месец за време на летот од Томск за Москва му се слоши при што беше хоспитализиран во Русија, а потоа беше префрлен на лекување во Германија.

Лондон, 17 септември 2020 (МИА) – Британскиот министер за здравство, Едвард Аргар, предупреди денеска за тешкотиите при спроведување на тестови за Ковид-19 во Велика Британија и повика на почитување на мерките со цел да се избегне ново затворање на државата.

– Велика Британија се соочува со тешкотии во спроведувањето на тестови за Ковид-19 поради недостиг на лабораториски капацитети, истакна Аргар.

Рим, 17 септември 2020 (МИА) – Мобилните телефони можат да го пренесат коронавирусот, сугерира истражување спроведена на италијанскиот универзитет „Тор Вергата“ во Рим.

Истражувачите, предводени од професорот Џанлорето Д’Ало, откриле дека 93 проценти од студентите кои се на пракса во болнички одделенија користат мобилни телефони за време на нивната работа, а само 16 проценти потврдиле дека при тоа носат заштитни ракавици.

Хаг, 17 септември 2020 (МИА) – Германските власти побараа помош од Организацијата за забрана на хемиско оружје во истрагата за наводното труење на рускиот опозиционер Алексеј Навални, соопшти денеска меѓународната организација со седиште во Хаг.

– Техничкиот секретаријат на Организацијата за забрана на хемиско оружје прими барање од Сојузна Република Германија за техничка помош, се наведува во соопштението на Организацијата.

Париз, 17 септември 2020 (МИА) – Групата на Републиката во движење (ЛРЕМ) партијат создадена од претседателот Емануел Макрон во Националното собрание го регистрираше 40-тото заминување од почетокот на мандатот. Пратеникот  од Па-де-Кале Беноа Потери одлучи да и се приклучи на групата Ажир, која ги обединува десноцентристичките пратеници од  мнозинството, јави дописникот на МИА.

Пратеникот сепак сака да појасни дека „нема забелешки кон групата ЛРЕМ“. Тој исто така останува член на движењето. „Во мојот департман многу членови на движењето доаѓаат од социјалистичката партија, сакав да ја покажам мојата чувствителност кон десниот центар“, објаснува тој. Беноа Потери, исто така, посочува дека тој претпочита да работи во помала парламентарна група каде што „неговиот глас се слуша“ и каде што има „повеќе време да зборува“.

Москва, 17 септември 2020 (МИА) – Руски воен авион МиГ-31 пресретна два американски стратешки бомбардери Б-1Б над Берингово Море и ги следеше се додека не се оддалечија од руската граница, соопшти денеска рускиот Центар за контрола на националната одбрана.

– Млазен ловец на Тихоокеанската флота, МиГ-31 полета да идентификува цели и да спречи навлегување во руските граници. Екипажот на авионот целите ги идентификува како два стратешки бомбардери на американското воддухопловство Б-1Б Лансер и ги спроведе над водите на Берингово Море, соопшти Центарот, при тоа додавајќи оти операцијата била извршена во согласност со меѓународното воздушно право.

Лондон, 17 септември 2020 (МИА) – Кандидатот за претседател на САД на демократите Џо Бајден ја предупреди Велика Британија дека мора да го почитува мировниот договор во Северна Ирска при излезот од Европската унија или во спротивно нема да има договор за трговија со САД.

– Не можеме да дозволиме договорот на Велики петок, што донесе мир во Северна Ирска, да стане жртва на Брегзит, напиша Бајден на Твитер.

Вашингтон 17 септември 2020 (МИА) Директорот на Федералното биро за истраги (ФБИ), Кристофер Реј, синоќа изјави дека во предвечерје на претседателските избори во ноември нема странско мешање врз изборниот систем на САД, но дека бирото будно ги следи заканите по основите на американската демократија.  

Додаде дека безбедносни агенции на САД работат сите кои се закана за изборниот систем на САД да платат висока цена за тоа. 

Мадрид, 17 септември 2020 (МИА) – Глобалното економско заздравување од кризата настаната од пандемијата со новиот коронавирус може да потрае и до пет години, изјави денеска главната економистка на Светска банка, Кармен Рејнхарт.

– Најверојатно ќе дојде до брзо заздравување со оглед на тоа што сите рестриктивни мерки поврзани со блокадите се укинати, но целосната обнова може да трае дури и пет години, истакна Рејнхарт.

Берлин, 17 септември 2020 (МИА) – Во една од пониските дивизии во Германија, натпревар заврши со резултат 37:0, објави „Goal.com“.

Фудбалерите на клубот Рипдорф-Молзен II во текот на целиот натпревар против Холденштет ги почитуваа правилата за социјално дистанцирање. Причината за ваквите постапки беше тоа што играчите на Холденштет беа во контакт со заразен коронавирус во пресрет на натпреварот.

Барселона, 17 септември 2020 (МИА) – Новиот тренер на Барселона, Роналд Куман, може да го пропушти првиот официјален натпревар на тимот во сезоната 2020/21.

Според „Мундо Депортиво“ каталонскиот клуб сè уште не ги договорил условите за раскин на договорот со поранешниот тренер на тимот, Кике Сетиен.

Цирих, 17 септември 2020 (МИА) – Македонската фудбалска репрезентација бележи скок од две позиции на ФИФА ранг листата за месец септември.

„Црвено-жолтите“ по победата над Ерменија, и нерешениот исход со Грзуија во Лигата на нации, се најдоа на 66. место на рангирањето коешто денес го изврши Светската фудбалска асоцијација.

Париз, 17 септември 2020 (МИА) – Фудбалерите на Пари Сен-Жермен не се задоволни од работата на тренерот Томас Тухел, објави „РМЦ Спорт“.

Играчите не се согласуваат со стилот на играта на тимот. Тие се шегуваат меѓу себе дека единствениот план на ПСЖ е: „Дајте ја топката на Нејмар“.

Мадрид, 17 септември 2020 (МИА) – Двајца играчи на Реал Мадрид, дефанзивецот Серхио Регилон и напаѓачот Герет Бејл, се подготвуваат да му се приклучат на Тотенхем, објави „Скај Спорт“.

Според изворот, двајцата ќе бидат подложени во Мадрид на медицински преглед. После тоа, пријавено е дека играчите летаат за Лондон за да го комплетираат трансферот во Тотенхем.

Скопје, 17 септември 2020 (МИА) – Ракометниот клуб Голден Арт КЛ7 ја информира целокупната спортска јавноста и надлежните институции дека по натпреварот од второто коло на македонската Суперлига во ракомет, кој се одигра во Радовиш против истоимениот тим, кај дел играчите се појавија симптоми карактеристични за коронавирусот (покачена температура, губење на вкус и мирис).

-Поради тоа клубот како институција која е максимално одговорна спрема своите играчи и вработени веднаш изврши Ковид тестирање во Клиника Жан Митрев (преку брис од нос и грло) на комплетниот играчки кадар, стручниот штаб и комплетната логистика на клубот, по кое се откриени 16 Ковид19 позитивни резултати. Според прописите за третман на лица кои се Ковид19 позитивни и лицата кои имале контакт со нив, комплетниот играчки кадар ќе биде ставен во изолација во следните 15 денови, соопштија од клубот Голден Арт КЛ7.

 

 

Провери го и ова

Close
Back to top button
Close
Close