МИА ФлешПакети

МИА Флеш

17 септември 2020

17 септември 2020

Скопје, 17 септември 2020 (МИА) – Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со слаб до умерен ветер од променлив правец. Попладне во југозападните делови ќе има услови за локален пороен дожд и грмежи. Минималната температура ќе биде во интервал од седум до 15, а максималната ќе достигне од 27 до 32 степена.

Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност, попладне со слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 13, а максималната ќе достигне 30 степени.

Скопје, 17 септември 2020 (МИА) – Во Куршумли Ан во скопската чаршија вечер почнува 14-тото издание на „Скупи Фестивал“. Фестивалот завршува на 22 септември 2020.

Фестивалот, како што соопштија организаторите, нуди значајни средби со претстави од странство, со што, денес, нуди и поглед во иновативниот театар желен за ризик и прогресивно размислување. Програмата на фестивалот се состои од претстави, каде што новите тенденции во театарот не се единствено уметничка цел, туку се одвиваат и заедно со критичкото размислување за социјални и политички предизвикувачки прашања. Сите претстави се со почеток од 20 часот.

Скопје, 17 септември 2020 (МИА) – Министерот за надворешни работи Бујар Османи  денеска ќе има  билатерална средба со овластениот министер за Европа и надворешни работи на Република Албанија Гент Цакај, кој ќе престојува во официјална посета на Република Северна Македонија.

Како што соопшти МНР, главни теми на средбата се очекува да бидат соработката меѓу Северна Македонија и Албанија во остварувањето на заедничките стратешки цели за членство во Европската унија, состојбата со билатералните односи и можностите за понатамошната соработка и нивно унапредување, соработката во НАТО, состојбите со актуелната глобална здравствена криза и други прашања од заеднички интерес и значајни за нашиот Регион.За време на официјалната посета, министерот Цакај ќе биде примен и од претседателот на Собранието  Талат Џафери, од претседателот на Владата на Зоран Заев и од други високи претставници на државата.

Скопје, 17 септември 2020 (МИА) – Во дворот на ОУ „Живко Брајковски“  денеска градоначалникот на Општина Бутел, Велимир Смилевски ќе им додели сертификати на наставниците кои дадоа особен придонес во реализацијата на учењето од далечина, информираат од оваа скопска општина.

– Сертификати ќе добијат 50 наставници од сите седум основни училишта во Општина Бутел, од кои: 19 за подготовка и учество во телевизиските образовни емисии во рамките на ,,ТВ училница,, што одеа во живо на Македонската телевизија, и 31 наставник кои учествуваа во подготовката на Националната веб-платформа ЕДУИНО, соопштија од Општина Бутел.

Скопје, 17 септември 2020 (МИА) – Мајките на деца до шестгодишна возраст за денеска најавија протест поради одлуката да им се прекине породилното отсуство и да се вратат на своите работни места.

Имено, согласно владината одлука мајките треба да се вратат на работа на 23 септември. Тие барааат да бидат на продолжено породилно отсуство до крајот на годинава, бидејќи децата не им се запишани во градинка поради немање место.

Скопје, 17 септември 2020 (МИА) – Во Основниот кривичен суд во Скопје денеска треба да продолжи судењето за насилствата пред Општина Центар во јуни 2013 година.

Претходното рочиште на 17 август, судењето беше одложено поради промена на адвокатот на еден од обвинетите, кој побара судот да оствари простор да се запознае со предметот.

Скопје, 17 септември 2020 (МИА) – На шест страници со долги историски образложенија за „државна антибугарска идеологија“ во Северна Македонија, Бугарија испрати објаснувачки меморандум до земјите членки на ЕУ во пресрет на одлуката за отпочнувањето на преговорите со Унијата. Официјална Софија бара поддршка од нив за својата позиција во однос на македонскиот идентитет и јазик.

Софија нагласува дека земјите кандидати не треба да внесуваат отворени спорови во ЕУ, и смета дека несогласувањата со Скопје претставуваат нерешен конфликт кој „би можел при зачленувањето на Северна Македонија негативно да влијае врз носењето одлуки во ЕУ“.

Кавадарци, 17 септември 2020 (МИА) – Со два бастуна се движи низ Кавадарци, 85-годишниот Митре Јаневски е пример за своите сограѓани. Тие што го познаваат, велат дека од него треба да учат помлади кои наместо да се рекреираат и да се движат во природа, прекумерно седат пред компјутери и со паметните телефони, но и постари, кои не знаат што со себе во третата доба и како паметно да се искористи вишокот слободно време во староста.

Го сретнав на излезот од кавадаречкиот градски парк, кој важи за еден од најубавите во државата, кај некогашниот култен ресторан ,,Бриони“, а го фотографирав и како се движи полека накај градот. Ми кажа дека пешачењето му е редовен ритуал на кој му посветува внимание и од кој не се откажува.

Скопје, 17 септември 2020 (МИА) – Собранието денеска треба да ја одржи 12. седница на која на дневен ред се измените и дополнувањата на законите за основно и за средно образование, по скратена постапка, како и одлука за испраќање на припадник на Армијата во меѓународната операција во Либан.

Во услови на вонредни околности учебната година да може да започне и да заврши во различно време за што треба да одлучи Владата, предвидуваат измените и дополнувањата на законите за основно и за средно образование, по скратена постапка. Како вонредни околности, во законите, се наведуваат прогласена кризна состојба, прогласена епидемија, односно пандемија, пожари, поплави или други големи природни непогоди.

Скопје, 17 септември 2020 (МИА) – Четвртиот пакет економски мерки се подготвува, а неговата реализација нема да придонесе да се зголеми јавниот долг над проектираните 60 проценти од БДП. Финансирањето е стабилно. Приходите и расходите во Буџетот се согласно проекциите со ребалансот на буџетот.

Ова го соопшти министерот за финансии Фатмир Бесими на вчерашната прес-конференција на која презентираше приоритетите во неговиот четиригодишен мандат како прв човек на Министерството за финансии.

Атина, 17 септември 2020 (МИА) – Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис сака да дојде во Скопје, затоа што сака да се потсети на тогашните години 1999-2000 кога бил главен, одговорен на Националната банка на Грција за аквизицијата или купувањето на Стопанска банка – Скопје. Тој има убави спомени од тој период. Нема дојдено од тогаш, открива претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев во интервјуто за МИА, по средбата со неговиот грчки колега.

Во разговор со дописничката на МИА од Атина, македонскиот премиер детално и опширно говори за разговорите со грчкиот државен врв при неговата прва посета на грчката престолнина, открива кои се следните чекори на билатерално ниво, најавувајќи интензивирање на соработката,  а ги коментира и последните случувања во односите со Бугарија.

Скопје, 17 септември 2020 (МИА) – Министерот за локална самоуправа Горан Милевски денеска ќе ја отвори работилницата за разгледување на нацрт на Студија со секторска анализа на земјоделството и руралниот развој.
Работилницата е наменета за Стратегијата за регионален развој на Република Северна Македонија за периодот 2020 – 2029 година.

Кавадарци, 17 септември 2020 (МИА) – Поради дефект на главен вентил на водоводна линија,  денеска   прекин во водоснабдувањето до 15 часот ќе има во населбата ,,Бел камен” во Кавадарци, известија од кавадаречкото јавно претпријатие ,,Комуналец”.

Оттаму побараа трпение и разбирање од жителите кои живеат во тој дел на градот Кавадарци.

Скопје, 17 септември 2020 (МИА) – Амбасадорот Виктор Габер, кој беше првиот македонски амбасадор во Рим, е одликуван со „Ѕвезда на Италија“ заради неговата долгогодишна активност во развојот на билатералните македонско-италијански односи.

Одликувањето му го врачи италијанскиот амбасадор во земјава Карло Ромео во име на италијанскиот претседател Серџо Матарела.

Скопје, 17 септември 2020 (МИА) – Министерот за здравство Венко Филипче вчера се сретна со Никола Бертолини, шеф на секторот за Програми за финансиска поддршка при Делегација на Европската Унија во Скопје.

На средбата, како што соопшти Министерството за здравство, се разговараше за десет-годишната стратегија за развој на здравството со поддршка на ЕУ.

Атина, 17 септември 2020 (МИА) – Во следните месеци, односно на зима, во зависност од развојот на пандемијата, во Атина ќе се одржи втората меѓувладина седница на Северна Македонија и Грција. Потпишување на договорот за избегнување на двојно оданочување, нешто што веќе со години го бараа бизнисмените, состанок на коморите меѓу двете земји во Скопје за трговските ознаки, соработка во низа области – економијата, енергетиката, инвестициите, се дел од следните чекори во македонско – грчките односи, кои биле вчера дискутирани и договорени на средбата на премиерите на двете земји, открива претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев во видео интервјуто за МИА.

Поканата од „Економист“ до македонскиот премиер за учество на „24-та тркалезна маса со грчката Влада“ на 15 и 16 септември во Атина донесе и низа средби за Заев, како со грчкиот државен врв, така и со грчки бизнисмени.

Брисел, 17 септември 2020 (МИА) – Делегациите на Србија и Косово денеска ќе го продолжат техничко-експертските разговори за нормализирање на односите.

Европската унија, која е медијатор, најави дека ќе продолжат разговорите за темите покренати на последниот состанок на високо ниво, одржан на 7 септември во Брисел.

Загреб, 17 септември 2020 (МИА) – Во Загреб, 49 деца во образовните институции се заразени со новиот коронавирус.

Според Градскиот оддел за образование, две деца од градинки и осум вработени биле заразени со вирусот. Единаесет деца и шест вработени се заразени во основните училишта, а 206 ученици се во самоизолација.

Загреб, 17 септември 2020 (МИА) – Првата дама на Хрватска, Сања Музик Милановиќ коментираше за исхраната на децата во Хрватска, имајќи предвид дека Хрватска е на врвот на листата на европски земји според бројот на деца кои имаат проблем со дебелина.

– Нашите момчиња се најдебели на Медитеранот. Најголем извор на калории се грицките и соковите. Тие пијат многу засладени сокови, изјави Музик Милановиќ за РТЛ.

Лондон, 17 септември 2020 (МИА) – Велика Британија регистрираше речиси 4.000 новопотврдени случаи на инфекција со коронавирусот, најмногу во еден ден од мај, и поради тоа расте загриженоста дека земјата е на раб на второт бран на епидемијата.

Во претходните 24 часа беа регистрирани нови 3.991 заразено лице, значително повеќе од 3.105 претходниот ден.  Бројот на новоинфицирани лица објавен синоќа е повеќе од двојно поголем од оној пред неколку недели.

Вашингтон, 17 септември 2020 (МИА) – Британските власти сметаат дека е речиси сигурно дека труењето на Алексеј Навални го извршиле руските специјални служби. Тоа го изјави министерот за надворешни работи на Велика Британија Доминик Раб.

– Од гледна точка на Велика Британија, многу е тешко да се најде некое веродостојно објаснување дека тоа може да го направил некој друг, освен руските тајни служби, но секако руските власти имаат што да кажат за нивно оправдување, рече Раб во Вашингтон на прес-конференција со американскиот државен секретар Мајк Помпео.

Минск, 17 септември 2020 (МИА) – Во воената вежба „Словенско братство 2020“ во Белорусија учествуваат и 300 руски падобранци, а во Минск пристигна и рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу.

И покрај тоа што Русија најави дека нема да се меша во внатрешните работи на Белорусија испрати 300 падобранци. Воената вежба почна на 14 септември, а рускиот претседател Владимир Путин тогаш изјави дека падобранците ќе се вратат во Русија по завршувањето на воената вежба.

Будимпешта, 17 септември 2020 (МИА) – Два месеца откако на новинарите од унгарскиот портал „Индекс.ху“ поднесоа оставки, тие најавија нов проект по пат на мешовито финансирање.

– Повеќе од 50 поранешни новинари на „Индекс“ набрзо ќе покренат нов портал „Телекс“ благодарение на донациите од над 30.000 читатели… Никој уште не покренал од нула независен портал со толку вработени, потпирајќи се на поддршката од читателите, изјави главната уредничка Вероника Мунк, која 18 години работеше во „Индекс“ до јули, кога заедно со 80 колеги поднесе оставка.

Рим, 17 септември 2020 (МИА) – Наставата на факултетите ширум Италија почнува в понеделник на 21 септември, а студентите на предавањата ќе мора да носат заштитни маски за да се спречи ширењето на вирусот Ковид-19, изјави италијанскиот министер за високо образование Гаетано Манфреди.

Универзитетите во Италија беа затворени во март, на почетокот на пандемијата со новиот коронавирус.

Виена, 17 септември 2020 (МИА) –  Се поголем број луѓе се заразени со новиот коронавирус во седиштето на Обединетите нации во Виена.

Здравствената служба во седиштето на ОН во Виена соопшти дека се откриени пет нови случаи на инфекција со вирусот.

Вашингтон, 17 септември 2020 (МИА) – САД ќе се обратат до ОН со цел повторно да воведат санкции за Иран следната недела, а Вашингтон ќе стори се што е потребно за тие санкции да бидат спроведени, изјави американскиот државен секретар Мајкл Помпео.

– САД ќе го сторат тоа што го прават секогаш. Ќе преземат свој дел од одговорноста … Ние повторно ќе се обратиме до ОН за да се воведат санкции, така што трајното ембарго за оружје да стапи на сила следната недела, изјави Помпео на заедничката прес-конференција во Вашингтон. со британскиот колега Доминик Раб.

Вашингтон, 17 септември 2020 (МИА) – Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека најмалку 100 милиони дози вакцина против новиот коронавирус би можеле да бидат дистрибуирани во САД до крајот на годината.

– Откако Агенцијата за лекови ја одобри вакцината… ќе можеме да дистрибуираме 100 милиони дози до крајот на 2020 година и значителен број многу пред тоа, посочи Трамп.

Њујорк, 17 септември 2020 (МИА) – Градоначалникот на Њујорк, Бил де Блазио објави дека тој и неговиот персонал ќе бидат на неплатено отсуство една недела поради „невидени буџетски предизвици“ што се должат на пандемијата на новиот коронавирус, јави ДПА.

– Од 1 октомври, сите градски власти ќе заминат на неплатен одмор, и ова очигледно важи и за мене, нагласи Де Блазио на прес-конференција.

Женева, 17 септември 2020 (МИА) – Светската здравствена организација предупреди дека Ковид-19 се шири со алармантно висока брзина во делови на северната хемисфера, неколку месеци пред зимската сезона на грип.

– Почнуваме да гледаме вознемирувачки трендови во некои држави, изјави Марија ван Керхов, водечки технички експерт за Ковид-19 при СЗО, на презентацијата преку социјалните мрежи.

Каиро, 17 септември 2020 (МИА) – Премиерот на меѓународно признатата либиска Влада Фајез Сараџ изјави дека сака да ја предаде власта на новата администрација во октомври, во време на преговори за ставање крај на граѓанската војна во Либија.

Ривалските страни во либискиот конфликт, владата на Сараџ во Триполи, што има поддршка од ОН и бунтовничката Влада што го контролира истокот на земјата, треба наскоро да започнат мировни преговори.

Вашингтон, 17 септември 2020 (МИА) – Речиси две-третинии од младите Американци не знаат дека во холокаустот се убиени шест милиони Евреи, додека секој десети смета дека Евреите го предизвикале холокаустот, покажуваат резултатите од истражувањето на Конференцијата на еврејски материјални обвиненија против Германија (Claims Conference).

Од испитаниците на возаст од 18 до 39 години, 48 проценти не можеле да наведат ниту еден логор или гето од Втора светска војна, додека дури 23 отсто изјавиле дека холокаустот е мит и се претерува кога се зборува за тоа.

Њујорк, 17 септември 2020 (МИА) – Носењето заштитни маски може да обезбеди подобра заштита од Ковид-19 отколку вакцините, смета директорот на Американскиот центар за контрола и превенција на болести, Роберт Редфилд.

– Можеби би отишол дотаму да кажам дека оваа маска ќе ми гарантира поголема заштита од коронавирусот отколку ако би биле вакцинирани против Ковид, бидејќи имуногеноста би била 70 проценти, и ако не добијам имунолошка реакција, вакцината нема да ме заштити. Оваа маска ќе ме заштити, нагласи Редфилд во Сенатот, пренесе Си-Ен-Ен.

Њујорк, 17 септември 2020 (МИА) – Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, изјави дека пандемијата на новиот коронавирус и понатаму е „надвор од контрола“ и дека светот се приближува до „најцрната пресвртница од милион загубени животи поради вирусот“.

Гутереш рече дека вирусот е „број еден закана за глобалната безбедност во денешниот свет“ и дека тој претставува криза што не се разликува од онаа што ја доживеавме.

Вашингтон., 17 септември 2020 (МИА) – Ураганот Сали што вчера го погоди брегот на Алабама и на Флорида доведе до историски и катастрофални поплави и масовен прекин во снабдувањето со електрична енергија, соопшти американскиот Национален центар за урагани.

Речиси еден метар вода имаше на улиите во центарот на Пенсакола, Флорида, додека голем број патишта и мостови се уништени, а бурата го зафати и градот Мобил во Алабама.

Њујорк, 17 септември 2020 (МИА) – Бројот на потврдени случаи на коронавирус во светот достигна 30.042.218, покажуваат податоците објавени на веб-страницата на Worldometers.

Од Ковид-19 досега починаа 945.159 луѓе, а 21.808.302 се излекувани.

Њујорк, 17 септември 2020 (МИА) – Како резултат на пандемијата со коронавирусот и карантинските мерки, уште 150 милиони деца се погодени од сиромаштија, се наведува во анализите на УНИЦЕФ и „Спасете ги децата“.

Од почетокот на пандемијата, има 15 отсто пораст на бројот на деца кои живеат во сиромаштија во земјите со среден и низок приход, со што вкупниот број достигнува околу 1,2 милијарди, соопшти организацијата.

Њујорк, 17 септември 2020 (МИА) – Податоците за руската вакцина против Ковид-19 се нецелосни, има недоследности и повторување како „копи/пејст“. Тоа го предупредија 38 научници, чија позиција беше објавена во списанието „Nature“.

Изданието потсетува дека руските податоци беа објавени овој месец во медицинското списание „The Lancet“.

Ерусалим, 17 септември 2020 (МИА) – Третото најсвето место за муслиманите, џамијата Ал-Акса во Ерусалим од петок ќе биде затворена поради зголемување на бројот на заразени со новиот коронавирус.

Џамијата Ал-Акса ќе биде затворена три недели поради раст на бројот на заразени со Ковид-19 и во Израел и во палестинските териториии.

Лос Анџелес, 17 септември 2020 (МИА) – Тренерот на НБА-лигашот Лос Анџелес Клиперс, Док Риверс ќе остане на функцијата и следната сезона.

Според „Јаху Спортс“, клубот не ја разгледува опцијата за смена на Риверс и покрај тоа што Клиперс бае поразен од Денвер во полуфиналето на Западната конференција на НБА.

Лондон, 17 септември 2020 (МИА) – Напаѓачот на Арсенал, Пјер-Емерик Обамејанг призна дека сака да го запише своето име во историјата на клубот.

-Сакам да станам легенда на Арсенал, како Тиери Анри, Јан Рајт, Тони Адамс и Денис Бергкамп. Сакам да оставам трага во историјата на клубот, ова е моето место, ова е моето семејство, изјави Обамејанг.

Амстердам, 17 септември 2020 (МИА) – Кралската фудбалска асоцијација на Холандија (КНВБ) го разгледува Франк де Бур за кандидат за нов селектор на репрезентацијата. Според „De Telegraaf“, наскоро ќе се одржи првата средба меѓу двете страни.

КНВБ сака да го претстави новиот селектор на националниот тим пред следниот циклус репрезентативни настапи, кога Холанѓаните ќе играат против Мексико, Босна и Херцеговина и Италија.

Вашингтон, 17 септември 2020 (МИА) – Најсилната светска кошаркарска лига – НБА ја објави идеалната петорка за сезоната 2019/20.

Место во најдобрите пет има за:
Леброн Џејмс (Лос Анџелес лејкерс)
Јанис Адетокунбо (Милвоки)
Лука Дончиќ (Далас)
Ентони Дејвис (Лос Анџелес лејкерс)
Џејмс Харден (Хјустон).

Берлин, 17 септември 2020 (МИА) – Во една од пониските дивизии во Германија, натпревар заврши со резултат 37:0, објави „Goal.com“.

Фудбалерите на клубот Рипдорф-Молзен II во текот на целиот натпревар против Холденштет ги почитуваа правилата за социјално дистанцирање. Причината за ваквите постапки беше тоа што играчите на Холденштет беа во контакт со заразен коронавирус во пресрет на натпреварот.

 

Провери го и ова

Close
Back to top button
Close
Close