МИА ФлешПакети

МИА Флеш

9 септември 2020

9 септември 2020

Вашингтон, 9 септември 2020 (МИА) – Односите меѓу Србија и Косово беа разгледани во Вашингтон во четвртокот и петокот, но клучните точки во документот за „економска нормализација“ за американската администрација се тоа што тој ги регулира односите меѓу двете страни со Израел и дека ги „оддалечува од Русија и Кина“. Во таа смисла, „економската нормализација“ меѓу Белград и Приштина „е голема дипломатска победа за Доналд Трамп“, изјави за американските медиуми специјалниот пратеник на Трамп за мировни преговори меѓу Србија и Косово и домаќинот и иницијатор на состанокот во Вашингтон, Ричард Гренел.

Брисел, 9 септември 2020 (МИА) – Од белгискиот институт за јавно здравје изјавија дека инцидентот со вакцината на АстраЗенека, стопирана поради тешки нус ефекти кај еден од волонтерите е „нормална појава“ и „доказ дека се работи коректно“, јави дописничката на МИА од Брисел.

Портпаролот на институтот, Ив Ванлатем, за медиумите изјави дека прекинот во клиничките тестови за вакцината против Ковид-19 на АстраЗенека е доказ дека работата се врши сериозно.

Скопје, 9 септември 2020 (МИА) – Од 70 функционални градинки кои имаат 311 објекти на ниво на држава, само еден објект кој е дел од градинката „Рахилка Гонева“ од Свети Николе не е отворен денеска за прием и згрижување на деца, информира Министерството за труд и социјална политика.

Според информациите што Министерството ги добило од оваа градинка, се чека да се направи тестирање за Ковид – 19 на едно вработено лице, по што, ќе биде донесена одлука за отворање на овој објект.

Скопје, 9 септември 2020 (МИА) – Во последните 24 часа се направени 793 тестирања, а регистрирани се 72 нови случаи со Ковид-19 во: Скопје-24, Куманово-6, Дебар-4, Штип-3, Прилеп-1, Тетово-2, Струга-9, Велес-1, Охрид-1, Кавадарци-1, Гостивар-4, Гевгелија-3, Крива Паланка -1, Радовиш-1, Кочани-3, Пробиштип-1, Берово-1, Валандово-1, Виница-1, Делчево-3, Свети Николе-1. Починаа тројца пациенти од кои еден од Струмица (44 г.), еден од Гостивар (58 г.) веднаш по прием и еден од Охрид (79 г.). Сите се починати во болница.

Лондон, 9 септември 2020 (МИА) – Завршните клинички испитувања на вакцината против коронавирус, развиена од АстраЗенека и Универзитетот Оксфорд, беа суспендирани откако учесникот во студијата имаше несакана реакција. Иако фармацевтската компанија не даде детали за негативната реакција развиена од еден од вакцинираните волонтери, во меѓувреме се појави информација дека тој има трансверзален миелитис, односно воспаление на ‘рбетниот мозок, пренесува Би Би Си.

АстраЗенека го опиша прекинот како „рутински“, а болеста како „необјаснета“. Сепак, „Њујорк Тајмс“ известува дека доброволец во британската група испитаници развил воспалителен синдром кој влијае на ‘рбетниот мозок и кој може да биде резултат на вирусна инфекција или жариште на автоимуна болест.

Скопје, 9 септември 2020 (МИА) – Во пожарот што утринава избувна во Инспекторатот за животна средина направена е штета во просторијата каде се чува архивата, но оттаму потврдуваат дека за сите документи имаат и електронска евиденција.

Во изјава за МИА, од Инспекторатот посочија дека е оштетена просторијата со архива со оглед на тоа што пожарот избувнал во соседната просторија. Оттаму информираат дека е причинета и друга материјална штета, меѓутоа не можат да кажат што конкретно е уништено, бидејќи тоа ќе биде познато откако ќе заврши увидот.

Атина, 9 септември 2020 (МИА) – Наш приоритет останува безбедноста и здравјето на сите и на жителите и на мигрантите, вели грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во видео пораката за пожарот во бегалскот камп Мориа, јави дописичката на МИА од Атина.

-Го изразувам моето жалење за вчерашните настани во Мориа. Ги препознавам тешките околности, но ништо не може да биде алиби за насилните реакции за здравствена контрола, а уште повеќе за немири од вакви размери. Ситуацијата во Мориа не може да продолжи, бидејќи во исто време е прашање за јавното здравје, хуманизмот, но и националнаата безбедност, рече Мицотакис.

Минск, 9 септември 2020 (МИА) – Белорусија ќе влезе во војна доколку западните земји покажат агресија кон Русија, изјави претседателот Александар Лукашенко во интервју за руските медиуми.

– Ако некој покаже агресија против Русија преку Белорусија или покрај неа, ние веднаш би ја бранеле Русија, цитираше ТАСС дел од изјавата на Лукашенко.

Тој рече дека неговата земја ја засилила безбедноста на своите граници во сите правци, освен на границата со Русија.

Претходно, Лукашенко му нареди на Министерството за одбрана внимателно да го следи движењето на трупите на НАТО во Полска и Литванија и да ги распореди војниците долж западната граница во целосна борбена готовност поради напнатата ситуација во регионот.

Скопје, 9 септември 2020 (МИА) – Предизвиците со кои се соочуваат занаетчиите во периодот на социо-економската криза предизвикана од КОВИД-19 и нивните видувања за начините на поддршка за опстојување и развој на занаетчиството во нашата земја, беа тема на разговор на денешната средба на вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи и министерот за економија Крешник Бектеши со претставници на занаетчискиот еснаф.

На средбата, како што информираат од кабинетот на Битиќи, вицепремиерот и министерот за економија истакнаа дека со претходните три пакета на мерки, Владата обезбеди поддршка на голем број граѓани и компании, а главна водилка беше да се помогне на сите кои бележат загуби поради пандемијата и на тој начин да се одржи ликвидноста на компаниите и да се зачуваат работни места.

Back to top button
Close
Close