МИА ФлешПакети

МИА Флеш

9 септември 2020

9 септември 2020

Скопје, 9 септември 2020 (МИА) – Пожарот кој утринава избувна во просториите на поранешна Комерцијална банка е локализиран. Нема повредени, а според првичните проценки оштетени се шест простории на првиот кат каде е сместен Инспекторатот за животна средина. Во зградата се сместени и Секретаријатот за европски прашања и Медиумската информативна агенција.

Интервенирале 24 пожарникари со девет противпожарни возила.

Командантот на Територијалната противпожарна бригада на Град Скопје, Владимир Симоновски изјави дека пожарот е локализиран во 08:50 часот.

Скопје, 9 септември 2020 (МИА) – Повлечена е последната транша од 20,4 милиони евра од евтините кредити за домашните компании. Заклучно со оваа транша, Развојната банка на Северна Македонија досега има повлечено вкупно 50,9 милиони евра. Со денеска повлечената транша добиени се сите средства што беа предвидени како евтини кредити за домашите компании.

-Седмата транша од кредитната линија ЕИБ фаза 5 која ја користи Развојна банка е одобрена за нови 73 проекти на домашни компании. Со ова, досега на вкупно 186 домашни компании преку шест комерцијални банки им се овозможи да користат евтини кредити со каматна стапка до 1,6 отсто. Овие 186 домашни компании ќе поддржат вработување на вкупно 605 лица, информираат од Развојната банка.

Сараево, 9 септември 2020 (МИА) – Специјалниот претставник на САД за Западен Балкан Метју Палмер денеска ќе го посети Сараево, каде ќе се состане со членови на Претседателството на БиХ и други официјални претставници.

Се очекува на состанокот со членовите на претседателството да се разговара за одлуката на Националното собрание на Република Српска според која меморандумот меѓу Централната изборна комисија на БиХ и Меѓународната фондација за изборни системи е штетен за виталните национални интереси.

Атина, 9 септември 2020 (МИА) – Во пожар што изби во текот на ноќта во Мориа, најголемиот бегалски камп во Грција, на островот Лезбос, според првичните информации, изгоре голем дел од центарот за прием и регистрација на бегалци и мигранти и околните шатори во кој се сместени 12.580 лица, јави дописничката на МИА од Атина.

Веројатно е дека станува збор за подметнат пожар, односно по реакциите од лицата кои вчера беше потврдено дека се позитивни на коронаврусот или од нивните контакти, кои, според локалните медиуми, одбиле да бидат изолирани, по што следеле и инциденти.

Лондон, 9 септември 2020 (МИА) – Британскиот министер за здравство Мет Ханкок денеска изјави дека одлуката на АстраЗанека привремено да го прекине тестирањето на вакцината против Ковид-19 е предизвик, но оти не значи дека мора да ги уназади напорите за развој на вакцината.

– Очигледно тоа е предизвик за ова тестирање на вакцината. Всушност, не е првпат ова да се случува со вакцината на Оксфорд, изјави Ханкок за Скај Њуз.

Тој прецизираше дека доцнењето нема да го уназади процесот за развој на вакцината, а сето тоа зависи од тоа што ќе се открие за време на истрагата.

Њујорк, 9 септември 2020 (МИА) – Според податоците на интернет страницата Worldometers, бројот на луѓе кои досега починале од последици од Ковид-19 во светот надмина 900.000.

Од вкупно 27.681.757 луѓе кај кои е потврден коронавирусот, досега починале 900.004 пациенти.

Од почетокот на пандемијата, излекувани се 19.733.597 лица.

На прво место во светот според бројот на заразени лица се САД со потврдени 6.504.531 случај, а земјата има и најмногу смртни случаи од последици од Ковид-19, односно 193.867.

Монтреал, 9 септември 2020 (МИА) – Само неколку дена по отворањето, во речиси 50 училишта во канадската провинција Квебек беа пријавени случаи на Ковид-19, а четири дена подоцна тројно се зголеми бројот на училишта во кои се регистрирани заразени со коронавирусот.

Според канадскиот весник Ла Прес, вкупно 120 училишта пријавиле случаи на Ковид-19.

Од овој број, случаите пријавени во 50 училишта се проверуваат, бидејќи информациите „не биле пренесени во согласност со утврдените правила“.

Сепак, 70 основни и средни училишта низ провинцијата имаат барем еден потврден случај на коронавирус.

Back to top button
Close
Close