7 септември 2020

Брисел, 7 септември 2020 (МИА) – Одредбата од вашингтонскиот договор помеѓу Србија и Косово што се однесува на префрлањето на амбасадата на Србија во Израел од Тел Авив во Ерусалим не е во согласност со надворешната политика на ЕУ, јави дописничката на МИА од Брисел.

Во одговор до МИА, портпаролот на ЕУ за надворешни работи, Петер Стано објасни дека политиката на ЕУ кон израелско-палестинското прашање е јасна и во согласност со резолуциите на Советот за безбедност на Обединетите нации, поточно резолуцијата 478 која ги повикува сите земји членки на ОН да ги етаблираат своите амбасади во Тел Авив.

Сиднеј, 7 септември 2020 (МИА) – Австралиските власти соопштија дека првите количества од вакцината против Ковид-19 ги очекува во јануари, а премиерот Скот Морисон вчера кажа дека дневниот број на новоинфицирани е најмал во последните 10 недели.

Морисон притоа откри дека владата со компанијата CSL Ltd постигнала договор за производство на две вакцини.

Првата е развиена од конкурентската фармацевтска компанија АстраЗенека, во соработка со Универзитетот во Оксфорд, а втората е таа што во своите лаборатории ја развива компанијата CSL Ltd, во соработка со Универзитетот во Квинсленд, пренесоа британските меидуми.

Виборг, 7 септември 2020 (МИА) – Епл има намера да изгради две парк-ветерници во местото Есбјерг, во Данска, и тоа ќе бидат најголемите два такви комплекса во светот. Целта е инвестирање во обновлива енергија.

Епл соопшти дека ветерниците високи 200 метри треба да произведуваат енергија од 62 гигават-часови секоја година, што е доволно за снабдување на речиси 20.000 домови. Овие ветерни електрани ќе служат и како експериментално поле за ветерни турбини во иднина.

Електричната енергија, која ќе се произведува во Есбјерг, е наменета за центарот за податоци на Епл во Виборг во северозападна Данска. Со помош на тој центар, ќе функционираат „Еп-стор“, „Епл мјузик“, „Ај-месеџ“, „Сири“ и други услуги во Европа.

Брисел, 7 септември 2020 (МИА) – Во Брисел денеска, со средбата на српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Авдулах Хоти, продолжува дијалогот меѓу Белград и Приштина за нормализирање на односите, под покровителство на ЕУ,

Домаќин на состанокот е високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Јозеп Борел и специјалниот претставник на ЕУ за дијалог Белград-Приштина, Мирослав Лајчак.

ЕУ соопшти дека на средбата ќе бидат разгледани прашања за малцинските заедници, меѓусебните побарувања и имотот, како дел од патот кон сеопфатен договор за нормализирање на односите меѓу Косово и Србија.

Скопје, 7 септември 2020 (МИА) – Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев и владиниот економски тим денеска ќе имаат средба со претставници на Сојузот на синдикати (ССМ).

Средбата, како што најавија од владината прес-служба, е предвидено да почне во 14 часот во зградата на ССМ.

Пред самиот почеток на состанокот претседателот на Владата, Зоран Заев и претседателот на ССМ, Дарко Димовски, како што е најавено, ќе дадат изјава за медиуми.

Токио, 7 септември 2020 (МИА) – Силен земјотрес, со јачина од 5,2 степени според Рихтеровата скала, денеска го погоди источниот дел на јапонскиот остров Хоншу, а засега нема предупредување за цунами, соопшти јапонската Агенција за метеорологија.

Епицентарот на земјотресот бил во близина на округот Ибараки, што се граничи со Токио, на длабочина од 20 километри во океанот, пренесува Tасс.

Засега нема податоци за можни штети, но земјотресот го почувствувале жителите на неколку области – Токио, Чиба, Ибараки, Миаџија и Фокушима.

Дамаск, 7 септември 2020 (МИА) – Повеќе од 200 претставници на ОН во Сирија се заразени со Ковид-19, соопштија вработени во организацијата.

Британските медиуми потсетуваат дека здравствената структура на земјата е веќе уништена од војната, а ОН се обидува да ги зајакне своите капацитети за борба против вирусот.

„Меѓу персоналот на ОН пријавени се повеќе од 200 случаи на Ковид-19, од кои некои се хоспитализирани, а тројца се медицински евакуирани“, наведува висок претставник на ОН во писмото што агенцијата Ројтерс го добила од заразено лице од локалниот персонал.

Њу Делхи, 7 септември 2020 (МИА) – Во текот на последното деноноќие Индија го мина Бразил по бројот на заразени со коронавирус и сега е на второто место во светот како најсилно зафатена земја од пандемијата, по САД, јавија светските агенции.

До овој момент во Индија се регистрирани 4.200.000 инфицирани лица, покажуваат најновите податоци на Министерството за здравство, во споредба со 4.120.000 во Бразил и 6.250.000 во САД.

Во Индија веќе има 71. 642 умрени лица од Ковид-19, што е помалку од починатите во Бразил и САД.

 

Back to top button
Close
Close