МИА ФлешПакети

МИА Флеш

4 септември 2020

4 септември 2020

Њујорк, 4 септември 2020 (МИА) – Во следните две години 28 компании од десет земји можат да произведат огромни количества вакцина против коронавирусот, соопшти УНИЦЕФ, откако потврди дека ќе помогне во управувањето со нивната набавка и дистрибуција.

УНИЦЕФ соопшти дека 28 фармацевтски компании потврдиле дека во следните две години ќе бидат вклучени во производството на вакцината против Ковид-19, пренесуваат британските медиуми.

Производителите, меѓутоа, посочуваат дека проекциите за производство на вакцини во следните две години во голема мера, меѓудругото, ќе зависат од успехот на клиничките испитувања, склучените договори за купување, потврденото финансирање и поедноставување на регулаторните процедури.

Улогата на УНИЦЕФ во управувањето со набавката и дистрибуцијата на вакцините е дел од програмата „Ковакс“ за развој на вакцина, во која во моментов учествуваат 76 нации.

Подгорица, 4 септември 2020 (МИА) – Лидерот на црногорската коалиција на последните избори, Црно на бело, Дритан Абазовиќ, изјави дека тој е погрешната адреса, ако, како што рече, некој побара на Мило Ѓукановиќ“ да му се даде „политичко вештачко дишење“.

– Луѓето имаат право да кажат што сакаат, но ако побараат некој да му даде политичко вештачко дишење на Ѓукановиќ – јас сум погрешна адреса. Единствено што можат да добијат е фер судење за сите што го прекршиле законот , вели Абазовиќ во интервју за Би Би Си на српски јазик.

На идејата дека албански премиер може да ги помири Црногорците и Србите, водачот на УРА одговори дека таквата идеја ќе разбие многу предрасуди.

Лондон, 4 септември 2020 (МИА) – Поп-пејачот Роби Вилијамс ја минува корона-пандемијата на планина во Швајцарија. Тој тоа го откри во видеоразговор со Стив Рајт за Би-би-си радио 2.

– Е па, да, јас сум малку невротичен и си мислев – каде да се сместам, за (коронавирусот) да не „ме фати“? Па, си велам – ќе одам шест месеци на Мон Блан, објасни Роби.

Поп-ѕвездата е на Алпите со своето семејство. Минатиот месец, тој и сопругата Аида ја прославија 10-годишнината од бракот. Имаат четири деца: ќерките Теди и Коко (родени 2012 и 2018 година), синот Чарли (2014 година) и Бју, роден годинава од сурогат-мајка, како и Коко.

Тирана, 4 септември 2020 (МИА) – Албанската дијаспора побара да и се обезбеди учество на претстојните парламентарни избори.

Движењето „Дијаспора за слободна Албанија“ упати официјално барање до претседателот Илир Мета, премиерот Еди Рама, спикерот Грамоз Ручи, министерот за дијаспора Пандели Мајко и до Централната изборна комисија (ЦИК) да овозможат своето право на глас иселениците да го остварат во земјите каде што живеат.

Скопје, 4 септември 2020 (МИА) – Времето денеска ќе биде сончево со мала локална облачност и посвежо. Ќе дува засилен, повремено силен северен ветер, чија брзина наместа ќе надминува 70 км/час. Максималната температура ќе биде во интервал од 22 до 30 степени.

Времето во Скопје ќе биде сончево со мала облачност и со засилен северен ветер. Максималната температурата ќе биде 26 степени.

Золинген, 4 септември 2020 (МИА) – Во германскиот град Золинген, 27-годишна мајка отрула пет од своите шест деца пред да се обиде да си го одземе животот фрлајќи се под воз.

Таа се фрлила на пруга во Дизелдорф, нешто повеќе од 30 километри од станот каде со апчиња ги убила своите деца.

Германската полиција, која вчера ги пронајде телата на децата, соопштија дека станува збор за девојчиња на возраст од една, две и три години, како и две момчиња на шест и осум години. Шестото, најстаро дете е 11-годишен син, кој е на безбедно кај негови роднини. Локалните медиуми јавија дека тој со воз одел со мајка си кај баба му, кога мајката излегла на станица во Дизелдорф и се фрлила под воз. Полицијата ги пронашла телата на децата, откако бабата ги упатила таму. Засега не е познато дали преживеаниот син бил сведок на настаните во станот.

Атина, 4 септември 2020 (МИА) – Основен предуслов за почеток на разговори со Турција е практична деескалација од страна на Анкара, не постои договор за дијалог, вели портпаролот на грчката Влада Стелиос Пецас во интервјуто за телевизијата „Скај“, додека пак дипломатски извори за грчките медиуми синоќа коментираа дека „информациите за технички разговори во НАТО, не одговараат на реалноста“, јави дописничката на МИА од Атина.

Реакциите доаѓаат по изјавата на генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг кој рече дека „по разговорите со грчкиот и турскиот лидер, двата сојузника се согласија да влезат во технички разговори во НАТО за воспоставување механизми за избегнување на воен конфликт и за намалување на ризикот од инциденти и несреќи во Источниот Медитеран“.

Сиднеј, 4 септември 2020 (МИА) – Австралија соопшти дека ќе ја продолжи забраната за патување за уште најмалку три месеци за да ја заштити земјата од ширењето на коронавирусот.

Ограничувањата за посетителите од целиот свет беа воведени во март, а на Австралијците и на оние со постојан престој, исто така, им е забрането да ја напуштаат земјата освен ако не им се одобри изземање, пренесува Хина.

Рочестер, 4 септември 2020 (МИА) – Суспендирани се седуммината полицајци, кои учествувале во задушувањето на Афроамериканецот Даниел Прајд, кој почина на 30 март 2020 година, соопшти градоначалничката на Рочестер, Ловли Ворен, откако претходно беше објавена снимка од инцидентот.

Даниел Прајд почина седум дена откако во март годинава полициските службеници на државата Њујорк му ставиле качулка на главата и лицето му го притинале на тротоарот, оневозможувајќи му да дише.

Неговата смрт го привлече вниманието на јавноста дури пред два дена, кога неговото семејство одржа прес-конференција и прикажа полициски снимки и извештаи.

Белград, 4 септември 2020 (МИА) – Шефот на српската дипломатија, Ивица Дачиќ, изјави дека денеска се очекува да се финализираат преговорите меѓу Белград и Приштина во Белата куќа и дека на потпишувањето на „економскиот документ“ ќе присуствува и самиот врв на американска администрација, што ќе биде гарант за потпишаното.

-Се шпекулираше дека тоа ќе биде потпретседателот Мајк Пенс или претседателот Доналд Трамп … Доколку средбата биде успешна, на потпишувањето сигурно ќе присуствува и Трамп, рече Дачиќ утринава за ТВ Прва.

Тој смета дека присуството на Трамп ќе биде голема предност затоа што на тој начин американскиот претседател ќе стане гарант за потпишаното.

Вашингтон, 4 септември 2020 (МИА) – Американскиот претседател Доналд Трамп обраќајќи им се на своите приврзаници вчера, на митинг го Пенсилванија, го исмеја својот противник на изборите во ноември, Џо Бајден, затоа што носи заштитна маска за лицето.

На митингот Трамп ги праша собраните приврзаници, од кои повеќето немаа заштитна маска на лицето, дали знаат за човек „кој повеќе сака маска од Бајден“.

-Таа му дава чувство на сигурност, продолжи Трамп и додаде: „да бев психијатар би рекол дека човекот има големи проблеми“.

 

Back to top button
Close
Close