МИА ФлешПакети

МИА Флеш

26 август 2020

26 август 2020

Атина, 26 август 2020 (МИА) – До доцна синоќа, во спасувачка акција на крајбрежната служба на Грција, во Егејското море биле спасени 92 лица, странски државјани, веројатно мигранти, откако почнал да тоне чамец со кој пловеле 21 наутичка милја западно од островот Халки, јави дописничката на МИА од Атина.

Веројатно е дека станува збор за мигранти кои од турското крајбрежје тргнале кон грчките острови.

Од Министерството за поморство на Грција соопштуваат дека во спасувачката акција учествувале четири патролни бродови, еден спасувачки брод, еден од воената морнарица и четири трговски бродови кои во тој момент биле во конкретната област, додека пак биле вклучени и два хеликоптери.

Нешвил, 26 август 2020 (МИА) – Познатиот американски синџир ресторани „Кентаки фрајд чикен“ (КФЦ) привремено ќе го повлече долгогодишниот слоган „Добро е, прсти да излижеш“, затоа што утврдиле оти тој е несоодветен во време на пандемијата на коронавирусот. Отсега тоа ќе гласи само: „Добро е“.

Раководството на оваа американска компанија смета дека тоа треба да придонесе во борбата против пандемијата, во којашто личната хигиена е приоритет.

„Додека ни кажуваат од сите страни дека мора да носиме заштитни маски и да ги миеме рацете често, додека здравствените работници препорачуваат да не го допираме лицето, раководството на КФЦ одлучи дека овој стар, добро познат слоган веќе не звучи како што треба“, се истакнува во известувањето.

Пекинг, 26 август 2020 (МИА) – Во болниците во Пекинг, првпат од почетокот на пандемијата на коронавирусот во Кина, нема повеќе пациенти со Ковид-19.

Последните двајца пациенти кои биле лекувани од коронавирус се пуштени од болница, соопшти Одборот за здравствена заштита во Пекинг.

Од почетокот на епидемијата во Кина, во Пекинг се регистрирани 935 случаи на заболени со овој вирус.

Лондон, 26 август 2020 (МИА) – Во Велика Британија, еден човек вчера беше осуден на 18 месеци затвор поради уништување слика на Пабло Пикасо, вредна 20 милиони фунти, во уметничката галерија Тејт во Лондон.

Судот објави дека лани на 28 декември, Шакил Маси неколкупати ја удрил сликата со катанец, а потоа ја симнал од ѕидот и ја фрлил на земја. Маси (20) го признал делото.

Се работи за сликата под наслов „Биста на една жена“ од 1994 година.

Скопје, 26 август 2020 (МИА) – Претседателот на СДСМ Зоран Заев денеска во 11 часот ќе го достави до Собранието предлог составот на новата Влада и програмата за нејзина работа.

Поднесувањето на предлог составот на новиот владин кабинет следува по повлекувањето на пратениците кои ќе бидат идни министри и верификацијата на мандатите на новите пратеници кои дојдоа на нивните места во законодавниот дом.

Новата Влада ќе биде помала, односно ќе има 19 министри, наместо досегашните 26.

Москва, 26 август 2020 (МИА) – Министерството за здравство на Русија регистрираше сува вакцина против коронавирусот на центарот „Гамалеј“ за подготовка на раствор за интрамускулни инекции, соопшти прес-службата на руското Министерство.

„Министерството за здравство издаде регистрација за вакцината ’Гам-КОВИД-Вак-Лио’, развиена од Научно истражувачкиот центар за епидемиологија и микробиологија ’Гамалеј’ на Министерството за здравство на Русија, која е произведена во форма на лиофилизати за подготовка на раствор за интрамускулна инекција“, се наведува во соопштението.

Истанбул, 26 август 2020 (МИА) – Италијанец кој извршил пресадување на коса во Истанбул ја тужи турската авиокомпанија „Туркиш ерлајнс“ за причинетата штета кога во авион му паднала патна торба врз неговата оперирана глава.

Маж од градот Таранто на југот на Италија, 37-годишен, подигна обвинение дури неколку месеци по несреќниот настан, оти пресадената коса успешно му пораснала на сите места, освен таму каде што бил удрен со торбата. Според агенцијата специјализирана за меѓународни спорови „Студио 3-А“, патникот бара отштета од 135.000 евра.

Вашингтон, 26 август 2020 (МИА) – САД се длабоко загрижени од извештаите за прелиминарните заклучоци на медицински експерти од Германија дека рускиот опозициски активист Алексеј Навални е отруен, сооопшти синоќа американскиот државен секретар Мајк Помпео.

Ако се потврди дека извештаите се точни, САД го поддржуваат повикот на ЕУ за продлабочена истрага и се подготвени да помогнат во таквите напори, јави дописникот на МИА од Вашингтон.

Бразилија, 26 август 2020 (МИА) – Флавио Болсонаро, најстариот син на бразилскиот претседател Жаир Болсонаро, е позитивен на коронавирусот.

Кабинетот на сенаторот од Рио де Женеиро соопшти дека Флавио Болсонаро е позитивен и дека нема никакви симптоми, објави Си-Ен-Ен.

Флавио Болсонаро работи од дома и го зема лекот хидроксихлорокин, за чија употреба во третманот на коронавирус се залага неговиот татко, иако за тоа нема научни докази, додава американската телевизиска мрежа.

Back to top button
Close
Close