МИА ФлешПакети

МИА Флеш

25 август 2020

25 август 2020

Скопје, 25 август 2020 (МИА) – Собранието на Република Северна Македонија попладнево ја констатира оставката од пратеничката функција на лидерот на СДСМ Зоран Заев кој е мандатар за составување на новата влада.

Претседателот на Парламентот Талат Џаферија кажа дека Заев нема да ја образложи оставката и ја прекина седницата се додека не го добијат потребниот извештај од ДИК кој треба да му издаде уверение за пратеник на следниот на кандидатската листа на СДСМ и Коалицијата „Можеме“, кој што ќе дојде на местото на Заев. По добивањето на уверението од ДИК, седницата ќе продолжи со верификација на мандатот на новиот пратеник.

Скопје, 25 август 2020 (МИА) – Трифун Костовски, како акционер на Еуростандард банка, преку јавен повик ги повикува сите политички партии, сите институции, сите владини, невладини и верски организации, да дадат поддршка Народна банка на Република Македонија, да ја повлече одлуката за стечај на Еуростандард банка и да ја врати во првобитна состојба.

-Легалистите би рекле дека ваквото повлекување на стечајна постапка не е можно согласно Законот за банки. Сакам да ве убедам дека не може законот да биде над интересите на граѓаните, наведува Костовски.

Скопје, 25 август 2020 (МИА) – Собранието попладнево го верификува мандатот на новиот пратеник од ДУИ Бедри Фазлиу кој во законодавниот дом доаѓа на местото на Фљорин Бесими.

Претходно, Парламентот ја констатира оставката на Фљорин Бесими, која тој ја поднесе по реакцијата на Антикорупциската комисија, бидејќи неговиот брат Фатмир Бесими треба да биде предложен за министер за финансии.

Скопје, 25 август 2020 (МИА) – Во последните 24 часа се направени 1.768 тестирања, а регистрирани се 127 нови случаи со Ковид-19 во: Скопје-38, Куманово-23, Дебар-1, Штип-3, Прилеп-15, Тетово-8, Струга-2, Велес-5, Битола-1, Охрид-1, Кавадарци-1, Гостивар-12, Струмица-1, Пробиштип-3, Пехчево-2, Берово-3, Виница-1, Делчево-3, Свети Николе-3, Неготино-1. Починати се пет лица, една пациентка од Крива Паланка (69 г.), двајца од Гостивар (77 г. и 63 г.), еден пациент од Неготино (69 г.) и еден од Скопје (70 г.). Сите се починати во болнички услови.

Приштина, 25 август 2020 (МИА) – Поранешниот министер за надворешни работи на Косово и висок функционер на сега опозициското Движење самоопределување (ВВ), Глаук Коњуфца вели дека не треба да се продолжи со последната фаза на преговори со Србија, сé додека Косово има, како што вели, „влада без легитимитет“ и „премиер марионета“, јави дописникот на МИА од Приштина.

Коњуфца на денешната прес-конференција изјави дека преговарачкиот тим на Косово, предводен од премиерот Авдулах Хоти, заминува за Вашингтон, каде што на 4 септември треба да се одржи нова рунда преговори со српската страна, без платформа усвоена од Собранието и „без никаков друг документ легитимиран од народните избраници“.

Париз, 25 август 2020 (МИА) – Франција смета дека станува збор за „кривично дело“ во однос на случајот на рускиот опозиционер Алексеј Навални, кој според германските лекари е жртва на труење, и побара од руските власти „брза и транспарентна истрага“, јави дописникот на МИА од Париз.

– Франција ја искажува својата длабока загриженост за ова кривично дело извршено против голем играч во рускиот политички живот, изјави заменик-директорот за медиуми во Министерството за надворешни работи.

Женева, 25 август 2020 (МИА) – Првиот состанок на Паневропската комисија за здравство и одржлив развој, свикана како одговор на кризата со Ковид-19, ќе се одржи утре за да го означи почетокот на својата работа, соопшти Регионалната канцеларија на Светската здравствена организација (СЗО) за Европа.

Регионалната канцеларија на СЗО за Европа ја свика оваа комисија за да ги преиспита политичките приоритети за време на пандемијата на коронавирусот.

Рамала, 25 август 2020 (МИА) – Во Појасот Газа денеска се воведени мерки за карантин, откако беа потврдени првите случаи на заразени со коронавирус во палестинската енклава.

Портпаролот на владата рече дека четири случаи на Ковид-19 биле потврдени во едно семејство во бегалски камп.

Властите синоќа наредија затворање на претпријатијата, училиштата и џамиите најмалку 48 часа. Улиците претежно беа празни, со исклучок на мал број луѓе кои излегоа да купат намирници во прехранбените продавници и пекари, кои се меѓу ретките отворени објекти.

Back to top button
Close
Close