МИА ФлешПакети

МИА Флеш

24 август 2020

24 август 2020

Киноша, 24 август 2020 (МИА) – Во градот Киноша, во американска сојузна држава Висконсин, вчера избувнаа протести откако полицијата застрела невооружен Афроамериканец, поради што локалните власти воведоа полициски час.

Жртвата е идентификувана како Џејкоб Блејк, црнец од Киноша, кој во сериозна здравствена состојба е хоспитализиран со повеќе рани од огнено оружје.

Гувернерот на Висконсин, Тони Еверс, ја осуди прекумерната употреба на сила од страна на полицијата и побара таа во иднина да постапува со помалку агресија кон црнците во Висконсин, пренесуваат британските медиуми.

Скопје, 24 август 2020 (МИА) – Претседателот Стево Пендаровски синоќа се обрати на затворањето на осмото издание на Фестивалот за феминистичка култура и акција „Прво па женско“ и истакна дека оваа манифестација во континуитет придонесува за промовирање на родовата еднаквост и феминистичките вредности во нашето општество кое, како што рече, за жал, нема традиција на културни и активистички практики од овој тип.

– Овие месеци сме соочени со огромниот предизвик, да се справуваме со најголемата здравствена криза во овој век, која сериозно се одрази во сите општествени сфери и ги промени нашите животи. Пандемијата придонесе за продлабочување на постојните нееднаквости во различни области и на различни нивоа и ни покажа колку е важно да се работи на градењето на подобар свет, на заедници во кои еднаквоста, грижата, почитта, солидарноста ќе бидат наши носечки принципи, инаку, принципи кои се и во основата на феминизмот и движењата за родова и социјална правда, рече Пендаровски.

Атина, 24 август 2020 (МИА) – Договорите на Грција со Италија и Египет за одредување на Ексклузивната економска зона, денеска ќе бидат разгледани пред парламентарната комисија за национална одбрана и надворешни прашања, а во среда ќе бидат ратификувани од Парламентот, јави дописничката на МИА од Атина.

На почетокот на август, шефот на грчката дипломатија Никос Дендиас итно замина за Каиро, за со неговиот египетски колега Самех Шукри да го потпишат договорот за одредување на Ексклузивната економска зона со Египет, по преговорите меѓу двете земји што траеа 15 години.

Токио, 24 август 2020 (МИА) – Јапонскиот премиер Шинѕо Абе повторно беше во болница во Токио, вторпат во текот на изминатава недела.

Абе, кој долго време страда од воспаление на цревата, во последно време, исто така, се жалел и на замор, пренесуваат британските медиуми.

Во краткото обраќање по враќање од болницата Абе кажа дека сака да стори се да може да биде здрав и да го даде својот максимум на работа.

Се шпекулира, меѓутоа, дека Абе заради здравствените проблеми ќе се повлече од функцијата прв човек на јапонската Влада, а како еден од најсериозните кандидати кои можат да го заменат на оваа функција се споменува владиниот портпарол Jошидо Суга.

Лос Анџелес, 24 август 2020 (МИА) – Оперскиот пејач Пласидо Доминго (80) денеска одрече дека ја злоупотребил својата позиција додека управувал со две американски оперски куќи.

Две истраги открија оти тврдењата дека тој учествувал во „несоодветно однесување“ кон жените се веродостојни. Во интервју Доминго не одговори директно на прашањето дали сексуално злоупотребил жена. Но, жртвите го обвинуваат дека се обидел да ги присили на сексуален однос, нудејќи им улоги.

– Никогаш не ветував улога на пејачка, ниту пак, преземав улога од некого. Цел живот го поминав помагајќи им на другите, охрабрувајќи ги и мотивирајќи ги, рече славниот тенор.

Ерусалим, 24 август 2020 (МИА) – Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вчера го прифати предлогот за продолжување на разговорите за буџетот, со што спречи паѓање на владата.

Во телевизиското обраќање тој кажа дека сега не е време земјата да се втурне во несакни избори, пренесуваат американските медиуми.

-Сега е време за обединување, не за избори, рече Нетанјаху.

Тој и неговиот коалициски партнер, Бени Генц, до вечерва имаат рок да се договорат за буџетот. Во спротивно владата ќе падне, што автоматски ќе доведе до нови парламентарни избори, четврти за помалку од две години.

Вашингтон, 24 август 2020 (МИА) – Американскиот претседател Доналд Трамп соопшти дека ФДА итно ја одобрила употребата на крвна плазма на излекувани пациенти со Ковид-19 во третманите со заразените со коронавирус.

На вонредна прес-конференција, Трамп ова го нарече „историска пресвртница во борбата против коронавирусот“.

-Ова е навистина историски ден. Станува збор за моќна терапија која овозможува трансфузија на многу силни антитела од крвта на оздравени пациенти за да им помогнат на пациентите кои се борат со инфекцијата. Резултатите покажуваат дека овој третман е исклучително успешен, рече Трамп и ги повика луѓето кои се излекувале од Ковид-19 да даруваат крвна плазма.

Провери го и ова

Close
Back to top button
Close
Close