МИА ФлешПакети

МИА Флеш

21 август 2020

21 август 2020

Мадрид, 21 август 2020 (МИА) – Во пожарот што изби во хотел во шпанско летувалиште Марбела едно лице загина, а десет се повредени.

Покрај гостите во хотелот, евакуирани се и жителите од околните згради поради пожарот.

Не е објавена националноста на загинатиот, освен дека настрадал додека се обидувач да побегне од запалениот хотел.

Марбела е популарна дестинација на британските туристи.

Скопје, 21 август 2020 (МИА) – Собранието на Република Северна Македонија ја продолжи конститутивната седница сo претрес за предлогот за претседател на законодавниот дом повторно да биде избран Талат Џафери. Со 62 потписи на пратениците од СДСМ и Коалицијата „Можеме“, ДУИ и ДПА, Џафери е предложен за уште еден четиригодишен мандат за претседател на Собранието. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и Левица во дебатата се изјаснија дека ќе гласаат против предлогот, а пратениците од Алијанса на Албанците и Алтернатива најавија дека нема да присуствуваат на гласањето.

Пратениците во моментов се на едночасовна пауза, а седницата ќе продолжи во 16 часот.

Атина, 21 август 2020 (МИА) – Во воената база Суда на грчкиот остров Крит, се очекува да пристигнат четири борбени авиони Ф-16 од Обединетите Арапски Емирати за заедничка обука со вооружените сили на Грција, објавија грчките медиуми, јави дописничката на МИА од Атина.

Онлајн изданието на весникот „То вима“ пишува дека станува збор за „потег со голема симболика“ и додава за период од една или две седмици ќе имаат заедничка обука со грчкото воено воздухопловство „во време на ескалирачка турска активност во Источниот Медитеран“.

Анкара, 21 август 2020 (МИА) – Нашиот брод за сондажа „Фатих“ откри резерва на природен гас од 320 милијарди кубни метри, соопшти турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган и додаде дека слична вест се очекува и од Медитеранот, јави Анадолија.

Тој ги потврди вчерашните најави во медиумите дека Турција во Црното Море пронашла најголеми залихи на природен гас во својата историја

– Одлучни сме енергетското прашање на нашата земја да го решиме од корен. За нас нема одмор и запирање се додека не дојдеме до позиција на нето-извозник во енергетиката, додаде Ердоган.

Братислава, 21 август 2020 (МИА) – Словачка денеска пријави 123 новозаболени лица со Ковид-19, што е најголем пораст на дневно ниво од март, кога во земјата е регистриран првиот случај на новиот коронавирус.

Словачкото Министерство за здравство соопшти дека третпат се регистрирани над сто инфицирани лица.

Словачка со 5,5 милиони жители, има мал број на заразени лица во споредба со другите европски држави. Досега се регистрирани вкупно 3.225 инфицирани лица и 33 смртни случаи.

Скопје, 21 август 2020 (МИА) – Во јули 2020 година, паричната маса се зголеми за 0,7 отсто на месечна основа под влијание на растот на депозитните пари, краткорочните депозити и готовите пари во оптек, при остварен пад на долгорочните депозити до две години. На годишна основа, паричната маса е зголемена за 9,3 отсто, во поголем дел како резултат на повисоките депозитни пари.

Гостивар, 21 август 2020 (МИА) – Рампата на локалниот пат што води од Гостивар до регионалната депонија Русино ќе биде спуштена уште десет дена. Претставници на граѓанската иницијатива „Стоп Русино – чист воздух за Гостивар“, полошкиот плански регион и на швајцарската агенција која финансира проект за управување со отпадот ќе се состанат вечер и ќе ја разгледуваат моментната состојба.

Приштина, 21 август 2020 (МИА) – Состанокот на челниците на Косово и Србија во Белата куќа во Вашингтон, закажан за 2 септември, можно е да се одложи со цел на неа да учествува и претседателот на Соединетите Американски Држави Доналд Трамп, објави порталот „Газета експрес“.

Повикувајќи се на сопствени неименувани дипломатски извори, приштинскиот медиум тврди дека состанокот кој го свика специјалниот пратеник на Трамп за дијалогот Приштина-Белград, амбасадорот Ричард Гренел, а го организира советникот на американскиот претседател за национална безбедност Роберт О‘Брајан, може да се одложи за два дена, односно да се одржи на 4 септември.

Скопје, 21 август 2020 (МИА) – Во последните 24 часа се направени 1.825 тестирања, а регистрирани се 115 нови случаи со Ковид-19 во: Скопје-32, Куманово-7, Дебар-8, Штип-14, Прилеп-2, Тетово-10, Велес-2, Охрид-3, Гостивар-11, Гевгелија-3, Крива Паланка-3, Кочани-1, Пробиштип-1, Берово-8, Делчево-3, Свети Николе-4 и Кичево-3. Починати се тројца пациенти од кои двајца од Скопје на 62 и 68 години и еден од Струга на 68 години, сите во болнички услови.

Сараево, 21 август 2020 (МИА) – Во Босна и Херцеговина дури 93,8 проценти од жените ги извршуваат сите домашни работи, што остава негативни последици врз нивниот приватен и професионален живот, се резултатите од истражувањето спроведено од Агенцијата за рамноправност меѓу полови, при Министерството за човекови права и бегалци.

Резултатите од истражувањето покажуваат дека вршењето рутински работни задачи во домаќинството, како што се пеглање, промена на постелнината, чистење бањи, миење облека, бришење подови, готвење и миење садови и купување набавки во 93,8 проценти од односите ги прави само жени, објави Агенцијата за родова еднаквост во БиХ.

 

Back to top button
Close
Close