МИА ФлешПакети

МИА Флеш

20 август 2020

20 август 2020

Скопје, 20 август 2020 (МИА) – Од Институтот за трансфузиона медицина информираат дека се обезбедени 75 единици конвалесцентна плазма за третман на пациенти заразени со Ковид-19. Повикот за дополнително и континуирано дарување на крвна плазма е активен, а оваа установа е достапна во секое време за сите донори, соопшти Министерството за здравство.

– Благодарни сме на сите пациенти кои доброволно донираа плазма. Ги повикуваме сите излекувани пациенти да се пријават преку електронскиот формулар на веб-страницата на Институтот, со директно јавување, како и преку социалните мрежи да даруваат и со ова да помогнат на нашите пациенти да го победат вирусот, изјави директорот на Институтот, Седула Усеини.

Скопје, 20 август 2020 (МИА) – При несреќен случај во Рудникот Суводол во РЕК Битола, синоќа при работа со градежна машина, животот го загуби работник В.К. 60 години, информираат од РЕК Битола.

– Во моментот на несреќата, работникот беше ангажиран на извршување на редовни работни активности. Стручните служби на РЕК Битола и надлежните органи се на терен за расчистување на околностите под кои се случи несреќата. Телото ќе биде предадено на обдукција, по што ќе се знаат и причините за смртта на работникот, стои во соопштението од РЕК Битола.

Атина, 20 август 2020 (МИА) – Секако дека секогаш ќе ги браниме нашите суверени права, но нема да бидеме оние кои ќе се стремат кон ескалација. Според тоа, мојата порака до Турција е многу едноставна: запрете со провокациите и дојдете да разговараме како цивилизирани соседи, вели грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во интервјуто за „Си-Ен-Ен“, јави дописничката на МИА од Атина.

Мицотакис објаснува дека Европската унија се обврзала, до крајот на месецов да подготви листа со опции „во кои ќе бидат опишани низа санкции за Турција што би можеле да се разгледаат“, доколку Анкара продолжи со истата позиција.

Париз, 20 август 2020 (МИА) – За да ја потврди цврстината на француско-германската врска, францускиот претседател Емануел Макрон денеска ќе ја пречека канцеларката на Германија, Ангела Меркел, во тврдината Бргансон каде ќе разговараат за кризите што го тресат светот и европскиот континент, јави дописникот на МИА.

Тврдината Брегансон со текот на летата се претвори во втора Елисејска палата, каде францускиот претседател се сели за време на летната пауза. Истовремено таа се претвора и во дипломатска алатка, која тој ја користи за да ги почести своите меѓународни гости и да се обиде да ги реши жешките моменталните проблеми.

Скопје, 20 август 2020 (МИА) – Претседавачот на Собранието Талат Џафери се очекува денеска да свика продолжение на конститутивната седница на која би требало да биде избран претседател на законодавниот дом.

Според договорот меѓу СДСМ и ДУИ за владина коалиција и за парламентарно мнозинство, претседател и на новиот собраниски состав ќе биде Талат Џафери, кој и досега беше на оваа функција.

Изборот на Џафери за денеска го најави лидерот на ДУИ Али Ахмети по синоќешниот состанок на Централниот совет на партијата на кој беше потврден коалицискиот договор со СДСМ и беа објавени имињата на кандидатите за министри во новата влада.

Курск, 20 август 2020 (МИА) – Повозрасна жена „се врати од мртвите“ по цела ноќ мината во мртовечница во помало место во Курската Област, во западна Русија, што секако, ги изненадило болничарите и одговорните во здравствената установа.

Зинаида Кононова (81) била прогласена за мртва по операцијата на дебелото црево. Сепак, седум часа подоцна, околу 8:00 часот наутро, вработена во мртовечница била вџашена кога ја видела старицата како лежи на подот.

Скопје, 20 август 2020 (МИА) – Од Камениот мост, преку зградата на МЦМ до Градскиот парк – вчеравечер започна третото издание на Mеѓународниот фестивал на светлосната уметност, Skopje Light Art District.

Фестивалот ќе трае до 22 август, а се одвива по однапред утврдена рута и за посетителите нуди многубројни светлосни инсталации кои ги оживуваат објектите во центарот на градот.

Вашингтон, 20 август 2020 (МИА) – Американскиот претседател Доналд Тамп вчера на Твитер повика на бојкот на автомобилските гуми на компанијата „Гудјеар“ затоа што компанијата забранила носење капчиња со натписот на кампањата на Трамп „Да ја направиме Америка повторно голема“ (Make America Great Again – MAGA).

Поради објавата на твитот на Трамп акциите на компанијата веднаш паднаа за 3,8 проценти.

Каиро, 20 август 2020 (МИА) – Партиите кои го поддржуваат египетскиот претседател Абдел Фатах ал-Сиси освоија огромно мнозинство во новоформираниот втор дом на египетскиот Парламент, Сенатот, покажуваат првите официјални резултати од изборите.

Само околу осум од 62 милиони регистрирани гласачи излегоа на изборите за Сенатот, што се одржаа на 11 и 12 август, па затоа излезноста беше само 14,23 проценти, изјави во средата претседателот на Националната изборна комисија Ласин Ибрахим.

Провери го и ова

Close
Back to top button
Close
Close