МИА ФлешПакети

МИА Флеш

27 март 2020

27 март 2020

Москва, 27 март 2020 (МИА) – Земјите-учеснички во неформалниот сојуз ОПЕК плус не можат сами да го стабилизираат пазарот на нафта и затоа треба што повеќе држави да учествуваат во тој процес, изјави рускиот заменик-министер за енергетика Павел Сорокин во обрајќањето на Меѓународниот дебатен клуб Валдаи.

– Сметаме дека за балансирање на пазарот на нафта, потребни се, не само активностите на земјите-членки на ОПЕК плус. Ако дисбалансот е проблем на глобалниот пазар, тогаш за негово доведување во рамнотежа би требало да учествуваат што е можно повеќе земји. На крај пазарните механизми сами ќе воспостават ред, но прашањето е колку во меѓувреме сите ќе изгубат, посочи Сорокин.

Стразбур, 27.03.2020 година – Специјалниот претставник на генералниот секретар на Советот на Европа за миграцијата и бегалци и Агенцијата за основни права на Европската унија (ФРА) денеска објавија заедничко соопштение за главните гаранции на човековите права применливи на надворешните граници на нивните земји-членки, јави дописникот на МИА.

Целта на овој документ е да им се помогне на земјите-членки на Европската унија и на Советот на Европа во извршувањето на нивните обврски при преземање на заштитни мерки, особено кога преземаат мерки за заштита од Ковид- 19, а се поврзани со прашања од здравство, јавниот ред или национална безбедност.

Атина, 27 март 2020 (МИА) – Колку маски купуваме за 11 милиони евра?, прашува портпаролот на грчката опозициска партија СИРИЗА, Алексис Харицис, коментирајќи ја информацијата во медиумите дека Владата одвоила 11 милиони евра за информативна кампања за коронавирусот, јави дописничката на МИА од Атина.

Харицис преку неговиот официјален „Фејсбук“ профил објави и документ од одлуката на грчката влада да го одвои конкретниот износ.

Брисел, 27 март 2020 (МИА) – Од кризниот штаб за коронавирусот во Белгија даваат неколку детали околу првиот случај на заразено домашно милениче со коронавирусот.

Мачката, инфицирана од својот сопственик, имала дијареја и респираторни проблеми, познато било дека нејзиниот газда е заразен со вирусот, по што е одлучено да се тестира и миленичето.

Резултатите од тестот на мачката анализирани на факултетот за ветеринарство биле позитивни.

Ова е прв случај на заразено домашно милениче со коронавирусот.

Скопје, 27 март 2020 (MИА) – Даночните обврзници кои остваруваат доход од самостојна дејност и обврзниците на данокот на добивка можат да бидат ослободени од плаќање аконтации, со цел задржување на поголема ликвидност и премостување на првите ефекти од коронакризата. Оние кои ќе поднесат барање до Управата за јавни приходи имаат право да бидат ослободени од плаќање на месечни аконтации за март, април и мај 2020.

Користење на оваа мерка, како што соопшти Министерството за финансии, можат да побараат даночните обврзници согласно Националната класификација на дејности од угостителската дејност (шифра 56 – дејности за подготовкa и служење на храна), туризам (шифра 79 -туристички агенции, организатори на патувања и останати резервациски услуги, како и дејности поврзани со нив и шифра 55 – објекти за сместување) и транспорт (шифра 49 – копнен транспорт. Шифра 50 – воден транспорт и шифра 51 – воздухопловен транспорт).

Женева, 27 март 2020 (МИА) – Глобалните загуби на работни места како резултат на кризата со коронавирус би можеле далеку да ја надминат бројката од 25 милиони граѓани, како што беа проценките пред само неколку дена, оценија официјални претставници на Обединетите нации, истакнувајќи дека извештајот за раст на невработеноста во САД експлицитно укажува на големината на економската катастрофа.

Пред една недела, Меѓународната организација на трудот (МОТ) процени, врз основа на различни сценарија за влијанието на пандемијата врз глобалниот економски раст, дека бројот на невработени на глобално ниво ќе се зголеми за меѓу 5,3 и 24,7 милиони луѓе.

Париз, 27 март 2020 (МИА) Силите на редот казнија повеќе од 225 000 лица поради непочитување на мерките за ограничување, јави дописникот на МИА.

Од спроведувањето на строги мерки на ограничување за борба против епидемијата на коронавирус на 16 март, извршени се околу 3,7 милиони проверки низ цела Франција, рече министерот за внатрешни работи, кој процени дека ограничување треба „да продолжи сè додека не победиме во борбата против вирусот“.

Тел Авив, 27 март 2020 (МИА) – Израел ќе распореди војници за да помогнат на полицијата во уличните патроли и да го контролира спроведувањето на итни мерки воведени поради коронавирусот, соопштија денеска воени извори.

Околу 500 војници од недела ќе и се придружат на полицијата, со задача да патролираат, изолираат и обезбедуваат специфични локации, да блокираат патишта, соопшти израелската армија, пренесува Танјуг.

Во Израел се пријавени 3.000 случаи на Ковид-19 и 10 смртни случаи, а властите одлучија да ги заострат мерките и побараа од граѓаните да не ги напуштаат своите домови под закана од казна.

Приштина, 27 март 2020 (МИА) – Инфективната клиника на Клиничкиот и универзитетски центар на Косово објави дека едно од лицата кои вчера се дијагностификувани со коронавирус е медицинска сестра вработена во клиниката, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во денешното соопштение на клиниката се наведува дека медицинската сестра била во близок контакт со пациентите заразени со Ковид-19 и дека таа е првото регистрирано медицинско лице заразено со новиот вирус.

Според дневниот извештај на Инфективната клиника, во неа денеска лежат 34 пациенти со коронавирус. Од нив, 26 се во стабилна состојба, додека осуммина имаат потреба од оксигенотерапија.

Back to top button
Close
Close