МИА ФлешПакети

МИА Флеш

17 август 2020

17 август 2020

Париз, 17 август 2020 (МИА) – Во Франција повторно се регистрирани над 3.000 нови случаи,поради што властите не ја кријат загриженоста дека бројот на заразени со Ковид-19 се зголемува постојано во текот на изминатите неколку денови, јави дописникот на МИА.

Во изминатите 24 часа се регистрирани 3.015 новозаразени, тоа е помалку во споредба со саботата кога беа регистрирани 3.310 нови случаи.
Бројот на пациентите на интензивна нега или реанимација останува 376 лица. Вкупниот број на починати од Ковид-19 достигна 30.410 лица.

Според Министерството за здравство дневно се прават околу 100.000 тестови и повеќе не е потребен лекарски упат за да се вршат тестови, кои сега се покриени и од здравственото осигурување.

Атина, 17 август 2020 (МИА) – Препорака до граѓаните да бидат особено претпазливи по враќањето од одмор, бидејќи е зголемен ризикот за ширење на Ковид-19, испратија од Секретаријатот за цивилна заштита на Грција преку порака на мобилните телефони испратена од бројот за итни случаи 112, јави дописничката на МИА од Атина.

-По вашето враќање од одмор покажете особена претпазливост. Ризикот од ширење на Ковид-19 е зголемен. Избегнувајте контакти со ранливи категории и следете ги преките за заштита, пишува во пораката на грчки и англиски јазик испратена на мобилните телефони во Грција.

Дамаск 17 август 2020 (МИА) – Американските ВВС со два хеликоптера извршија воздушни напади врз позиции на сириската армија.

Сириската државна телевизија јави за воздушни напади на американските воени сили врз позициите на војската на Башар ал Асад јужно од градот Камишли.

Еден војник е убиен, а двајца други се повредени. Според сириската опсерваторија за човекови права, двајца сириски војници се убиени во нападот.

Засега нема коментар од Вашингтон.

Војниците биле нападнати откако спречиле американска воена патрола да мине низ областа. Нападот се случи југоисточно од Камишли, град близу сириско-турската граница.

Скопје, 17 јули 2020 (МИА) – Стечајната постапка над должникот „Еуростандард банка“ АД Скопје ќе ја води стечајниот управник Душко Тодевски од Скопје, а првото рочиште за испитување и утврдување на пријавените побарувања е закажано за 8 октомври годинава, информираат денеска од Основниот граѓански суд Скопје.

– Поради поголемата заинтересирност на медиумите во врска со предметот СТ – 123/20, Ве известуваме дека со Решение СТ – 123/20 од 14.08.2020 година на овој суд е усвоен предлогот за отварање на стечајна постапка над должникот „Еуростандард банка“ АД Скопје и за стечаен управник е определен Душко Тодевски од Скопје. По предметот СТ-123/20 е закажано рочиште за испитување и утврдување на пријавените побарувања и извештајно собрание на доверители на ден 08.10.2020 година, во 13 часот, во судница II, I кат, се вели во соопштението од Основен граѓански суд Скопје.

Скопје, 17 август 2020 (МИА) – Претседателот Стево Пендаровски, преку видео порака се обрати на Летната школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, што оваа година поради пандемијата со КОВИД-19 се одржува дигитално.

Оваа летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура ја организираме во несекојдневни услови, посочува претседателот Пендаровски, додавајќи дека поради пандемијата од Ковид-19 не можат да бидат заедно на брегот на Охридското Езеро што било инспирација за словенските просветители Св. Климент и Наум Охридски и македонските преродбеници Миладиновци, Прличев и Шапкарев.

Меѓутоа, нагласува претседателот Пендаровски, ме радува што ниту пандемијата не не спречува барем виртуелно да ја продолжиме традицијата на Меѓународниот семинар. А да продолжиме, истакнува тој, е особено важно, и тоа најмалку од неколку причини.

Прва причина, според Пендаровски, е одбележувањето на значајни јубилеи, меѓу кои и 75-годишнината од објавувањето на македонската азбука и правопис.

– Во 1945-та го заокруживме процесот на кодификација на македонскиот стандарден јазик. Со тоа македонскиот стана јазик на образованието, науката и уметноста не само во Република Северна Македонија, туку и на универзитетските катедри и лекторати во Европа и светот. Иако поради неповолната општествено-историска и политичка ситуација, македонскиот јазик е релативно доцна стандардизиран, неговиот историски континуитет е неспорен. Неговата долга усмена и писмена традиција и богатството од дијалекти е одамна апсолвирано прашање во светската лингвистичка наука, вели Пендаровски.

Берлин, 17 август 2020 (МИА) – Германија соопшти дека е подготвена да поддржи проширување на санкциите на Европската унија против водечките фигури во Белорусија поради нивните крвави акции врз демонстрантите.

Откако министрите на ЕУ во петокот се согласија да изготват список на цели во Белорусија за нова рунда санкции, портпаролот на германската влада Штефен Зајберт рече дека треба да се разгледаат дури и посилни мерки.

– Секако, ја разгледуваме можноста за проширување на санкциите кон другите водечки фигури, изјави тој.

Скопје, 17 август 2020 (МИА) – На 28 август православните христијани го одбележуваат празникот Успение на пресвета Богородица, еден од најголемите празници посветен на Мајката Божја. Верниците веќе се подготвуваат за овој празник практикувајќи ги богородичните пости. Интензивни подготовки има во манастирите и црквите на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија посветени на упокојувањето на Богородица, но годинава одбележувањето ќе се одржува согласно препораките на властите за заштита од Ковид-19.

Скопјани традиционално на овој ден го посетуваат манастирот посветен на Успение на пресвета Богородица во Матка, каде оваа година одбележувањето ќе биде во согласност со превентивните мерки за заштита од коронавирусот пропишани од Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство.

Провери го и ова

Close
Back to top button
Close
Close