МИА ФлешПакети

МИА Флеш

14 август 2020

14 август 2020

Лондон, 14 август 2020 (МИА) – Вилијан е официјално играч на Арсенал. 32-годишниот Бразилец пристигнува со бесплатен трансфер од Челси, откако одби да потпише нов договор со „сините“ од Лондон. Договорот на Вилијан со „топџиите“ е на три години.

Информациите за плата на играчот се доста противречни. Според секоја веројатност, неговата основна плата ќе биде 100,000 фунти, но со сите бонуси сумата може да надмине 200.000 фунти.

– Верувам дека Вилијан е играч кој може да направи разлика за нас. Ние ја следиме ситуацијата со него веќе два месеци. Имавме јасна намера да се засилиме со напаѓач од средниот ред и крилен напаѓач, така што тој е играч кој ни дава многу варијабилност, рече менаџерот на тимот, Микел Артета.

Москва, 14 август 2020 (МИА) – Министерството за здравство на Русија негираше дека им предложиле на американските власти да соработуваат во развојот на вакцината против коронавирусот, изјави денеска помошникот министер за здравство Алексеј Кузњецов.

– Руското Министерство за здравство не се обрати до американската страна со ниту еден официјален предлог во врска со вакцината, рече Кузњецов во изјава за ТАСС.

Си Ен Ен претходно објави дека руските власти му понудиле на Вашингтон таква соработка и дека тие биле одбиени.

Софија, 14 август 2020 (МИА) – Премиерот на Бугарија, Бојко Борисов во денешното вонредно обраќање до нацијата најави дека неговата парија Граѓани за европски развој на Бугарија (ГЕРБ) ќе побара свикување на поднесе до Големото народно собрание (државен орган што ја извршува законодавната власт) предлог за нов Устав, јави БГНЕС.

– Време е за одговорност и одлучност! Време е не само за смена на политичкиот систем, туку за рестартирање на државата. Неопходно е рестартирање на политичкиот модел и не може повеќе да се пролонгира! Единството, државноста и стабилноста на земјата за мене не се само прости зборови, тоа е основата од која сум тргнувал за секое решение, посочи Борисов.

Ханои, 14 август 2020 (МИА) – Виетнамското Министерство за здравство се регистрираше за набавка на руската вакцина против Ковид-19, соопшти денеска државната телевизија.

„Виетнамското Министерство за здравство се регистрираше за руската вакцина против Ковид-19. Во меѓувреме, Виетнам ќе продолжи да работи на развивање на своја вакцина“, објави државната телевизија.

Министерството не соопшти колку дози од вакцината нарачале или кога очекува вакцината да биде доставена. Минатиот месец, Министерството објави дека сопствена вакцина очекува до крајот на 2021 година.

Скопје, 14 август 2020 (МИА) – За да го зачува континуитетот што го има од 1961 година, фестивалот Струшки вечери на поезијата ќе се одржи и годинава и ќе ги има препознатливите програмски содржини, но во редуцирана форма и ќе трае пократко, од 28 до 30 август. Како што соопшти дирекцијата на фестивалот, Комисијата за заразни болести го одобрила подготвениот протокол за негово организирање.

-Сегашните околности дозволуваат да се организира фестивал со физичко присуство на домашните поети, а поканетите учесници од странство, поради рестрикциите во однос на патувањата и авионските летови, но и заради минимизирање на ризикот од ширење на вирусот, ќе бидат претставени преку видеочитања. Специјално видеообраќање како и видеочитање, подготви и годинешниот лауреат на СВП, израелскиот поет Амир Ор, кој ќе биде специјален гостин на наредното, јубилејно 60-то издание на СВП во 2021 година, кога и ќе му биде врачен „Златниот венец“, заедно со лауреатот за 2021 година, соопштија од СВП.

Лос Анџелес, 14 август 2020 (МИА) – Со растот на бројот на населението на Земјата и со прекумерната сеча, како што сметаат научниците, шумите би можеле речиси целосно да исчезнат.

Теоретските физичари, д-р Џерардо Аквино од Институтот Алан Туринг во Лондон и професорот Мауро Болоња од чилеанскиот универзитет „Тарапака“ во нивното истражување истакнуваат дека луѓето ќе чувствуваат сериозни последици дури и пред да го урнат последното дрво, а измените вклучуваат загрозен опстанок на многу видови, вклучително и нашиот.

Белград, 14 август 2020 (МИА) – Лидерите на Србија и на Косово на 2 септември ќе се состанат во Белата куќа во Вашингтон за да преговараат, објави денеска специјалниот пратеник на претседателот на САД за дијалогот меѓу Белград и Приштина, Ричард Гренел.

-Среќни сме да објавиме дека лидерите на Косово и Србија на 2 септември ќе се состанат во Белата куќа за да преговараат, напиша Гренел на својот профил на Твитер.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, претседателот на Србија, Александар Вучиќ, по објавата за состанокот во Белата куќа изјави на ТВ Пинк дека Србија не е во состојба да ги одбие разговорите.

Скопје, 14 август 2020 (МИА) – Во интерес на зголемување на транспарентноста и достапноста на јавни податоци, Општина Карпош, на својата веб страница повторно го воведе системот на ГИС (географски информационен систем).

-Оваа услуга не беше достапна повеќе години наназад, па затоа отсега граѓаните ќе можат брзо и ефикасно да пристапат до бараните информации. Имено, со само неколку клика на официјалната веб страница на Општината, корисниците ќе имаат увид во фактичката состојба со ДУП-овите и градежните парцели како и фактичката состојба, т.е катастарската ситуација и детален преглед со сателитска снимка од Карпош. Практично, на овој начин заинтересираните странки ќе можат да дојдат до бараната информација по електронски пат, без притоа физички да ги посетат просториите на општинската администрација, наведуваат од Општината.

Скопје, 14 август 2020 (МИА) – Жител на скопско Инџиково ноќеска е убиен во својот дом пред сопругата од две маскирани лица.

Како што соопшти МВР, синоќа еден час пред полноќ М.Н. пријавила дека во двор од куќа во село Инџиково, скопско, при расправија на две лица со нејзиниот сопруг И.А.(49), едното од нив со пиштол пукало во него. Според пријавеното, двете лица побарале пари од И.А., но кога им кажал дека нема пари, едното лице пукало кон него.

Лекар од Итна медицинска помош констатирал смрт, а увид на местото извршила екипа од СВР Скопје. Од МВР велат дека се работи на расчистување на случајот.

Back to top button
Close
Close