МИА ФлешПакети

МИА Флеш

4 август 2020

4 август 2020

Женева, 4 август 2020 (МИА) – Тимот на Светска здравствена организација, која го истражува потеклото на Ковид-19 во Кина соопшти дека вирусот најверојатно потекнува од лилјаците и оти најверојатно има уште едно животно домаќин како посредник.

– Тимот имаше опширни разговори со кинеските колeги и доби информации за епидемиолошките студии, биолошките и генетските анализи и ветеринарни истражувања, исјави портпаролот на СЗО, Кристијан Линдмајер.

Тој додаде дека имало и видео-разговори со виролозите и научниците од Вухан.

Скопје, 4 август 2020 (МИА) – СДСМ, која на парламентарните избори освои 46 пратенички мандати, од денеска ги почнува преговорите за парламентарно мнозинство и за формирање на влада со четиригодишен мандат.

Лидерот на партијата Зоран Заев по завршувањето на денешната конститутивна собраниска седница најави дека во следниот период ќе се одвиваат разговори на повеќе нивоа. Очекува дека за 10 до 15 дена ќе има позитивен исход од преговорите.

Во изјава за медиумите Заев најави дека ќе разговара со лидерите на политичките партии и штом има некаков напредок, ќе биде информирана јавноста.

Скопје, 4 август 2020 (МИА) – Во последните 24 часа се направени 830 тестирања, а регистрирани се 75 нови случаи со Ковид-19 во: Скопје-32, Куманово-4, Штип-5, Тетово-7, Кавадарци-8, Гостивар-8, Струмица-1, Кочани-1, Пробиштип-2, Македонски Брод-2, Виница-1, Свети Николе-1, Кичево-2, Неготино-1.

Починати се пет пациенти, еден од Скопје (52 г.), двајца од Куманово (55 г. и 82 г.), еден од Гостивар (62 г.) и еден од Охрид (64 г.) Четири пациенти се починати во болнички услови, а еден вонболнички. Институтот за јавно здравје регистрира 136 оздравени пациенти од: Скопје-50, Куманово-16, Прилеп-2,Тетово-5, Струга-28, Охрид-18, Гостивар-2, Крушево-1, Кочани-1, Македонски Брод-1, Кратово-1, Свети Николе-10, Кичево-1, соопшти Министерството за здравство.

Атина, 4 август 2020 (МИА) – Ќе ги преземеме сите законски мерки за дезинформациите или теориите на заговор што почнаа да кружат на интернет, со цел да не бидат закана за јавното здравје, вели министерот за цивилна заштита на Грција Михалис Хрисохоидис под чија наредба до Јавното обвинителство е доставен материјал за кој треба да се оцени дали постои кривично дело, јави дописничката на МИА од Атина.

Надлежниот министер наложил до Дирекцијата за борба со компјутерски криминал да достави до Обвинителството објави на интернет за непочитување на мерките за спречување на ширењето на коронавирусот.

– Ќе ги преземеме сите законски мерки за дезинформациите или теориите на заговор што почнаа да кружат на интернет, да не бидат закана за јавното здравје. Коронавирусот не е погоден за повици за непослушност или сценарија за заговор. Во секоја наша активност, во секоја наша постапка, треба да преовладува одговорноста и свеста за последиците врз нашите сограѓани. Државата нема да дозволи создавање извори на опасност за јавно здравје од социјално неодговорни однесувања, вели министерот за цивилна заштита на Грција.

Варшава, 4 август 2020 (МИА) – Гасоводот Северен поток 2 е опасен за Европа и со неговата изградба таа како да вложува во руско оружје, изјави полскиот премиер Матеуш Моравјецки за време на расправата во Атлантскиот совет.

– Не можам да кажам дека во Полска имаме остра антируска реторика. Меѓутоа постојат работи кои не ни се допаѓаат. На пример, Северен поток 2, истакна Моравјецки.

Според него, доколку Русија ја исклучи Украина од транзитот на гас кон Западна Европа, тогаш ќе има големо влијани врз таа земја.

Приз, 4 август 2020 (МИА) – Тренерот на Реал Мадрид, Зинедин Зидан е прогласен за во моментов најдобар на светот од страна на француското издание на „Л’Екип“.

Насловната страница на весникот е посветена на оваа тема денес.

Зидан ги надмина најдобрите клупски тренери Јирген Клоп, кој работи со Ливерпул, и Пеп Гвардиола, кој го предводи Манчестер сити.

Зидан го тренираше Реал Мадрид од 2016 до 2018 година и за ова време го освои Шпанското првенство и Суперкупот, трипати ја освои Лигата на шампионите, а исто така двапати ги освои УЕФА Супер купот и Светското клупско првенство.

Во мадридскиот клуб се врати во 2019 година и повторно оваа сезона ја освои шампионската титула во Ла Лига.

Скопје, 4 август 2020 (МИА) – Верфикациската комисија, која денеска ја избра Собранието на првата конститутивна седница, констатира дека нема основ за оспорување на изборoт на ниту еден од 120-те пратеници. Согласно член 13 од Деловникот на Собранието, Верификациската комисија му предлага на Собранието да ги верифицира мандатите на избраните пратеници.

За претседател на Комисијата, на предлог на претседателот во претходниот состав Талат Џафери, беше избрана пратеничката Јагода Шахпаска, а за членови пратениците Изет Меџити, Благица Ласоска, Соња Мираковска и Сафије Садики Шаини.

Верификациската комисија на денешната седница го разгледа и Извештајот на Државната изборна комисија (ДИК) oд спроведените предвремени избори за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија, одржани на 15 јули 2020 година. Образложение по Извештајот даде претседателот на Државната изборна комисија Оливер Деркоски.

Верификациската комисија, како што рече Шахпаска, утврди дека предвремените избори за пратеници во Собранието се спроведени согласно со Решението за распишување на предвремени избори за пратеници во Собранието, број 09-1422/1 од 16 февруари 2020 година и Решението за изменување и дополнување на Решението за распишување на предвремeни избори за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија, број 09-2094/1 од 15 јуни 2020 година, донесени од претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, а врз основа на одредбите од Уставот на Република Северна Македонија и Изборниот законик.

 

Провери го и ова

Close
Back to top button
Close
Close