3 јули 2020

Брисел, 3 јули 2020 (МИА) – Европската комисија соопшти денеска дека го одобрила користењето на лекот ремдесивир во террманот на случаите со Ковид-19 во ЕУ, јави ДПА.

Њу Делхи, 3 јули 2020 (МИА) – Во Индија денеска се регистрирани 20.000 заразени лица со новиот коронавирус, што е рекорден број на инфицирани во еден ден.

Во последните 24 часа во Индија се потврдени 20.903 позитивни случаи, а починале 397 лица.

Индија по бројот на заразени лица се приближува кон Русија, која со потврдени 600.000 случаи и е трета земја по бројот на заразени лица, по САД и Бразил.

И покрај ширењето на вирусот, Индија ги олеснува мерките и започнува со обнова на економијата.

Скопје, 3 јули 2020 (МИА) – За корисниците со дебитна картичка од денеска ќе почне исплатата на паричните права од социјална и детска заштита за месец јуни, а од понеделник за корисниците кои средствата ги подигнуваат во експозитурите и филијалите на банките, информираат од Министерството за труд и социјална политика (МТСП) и нагласуваат дека и овој месец ќе изврши етапна исплатата на гарантирана минимална помош, надоместок заради попреченост, надоместок за помош и нега од друго лице, надоместок на плата за скратено работно време, додаток за домување и на траен надоместок.

Белград, 3 јули 2020 (МИА) – Студентскиот парламент на Белградскиот универзитет соопшти денеска дека постигнал договор со министерот за образование Младен Шарчевиќ и студентите нема да бидат иселени од домовите, а оние кои се позитивни на Ковид-19 ќе добијат можност дополнително да ги полагаат испитите.

Нагласувајќи дека чекаат усвојување на сите барања, Студентскиот парламент додаде и дека чека одговор за продолжување на рокот за престој во домовите.

Скопје, 3 јули 2020 (МИА) – Сите компании што сметаат дека имаат капацитет за вложување во своите производствени објекти, да се обратат до Министерството за економија и да аплицираат за Програмата за директна финансиска поддршка за инвестиции. Оние, пак, што ја користат мерката за минимална плата, да ги задржуваат работниците и работните места, порача денеска вицепремиерката за економски прашања Мила Царовска.

Царовска заедно со градоначалникот на Општина Кисела Вода, Филип Темелковски го посети производствениот објект на компанијата „Мако маркет“ каде се запозна со условите за работа на компанијата во време на пандемија, како и со сите предизвици со кои се соочува бизнис секторот во овој момент.

Скопје, 3 јули 2020 (МИА) – Во првото полугодие од 2020 година извршен е поврат на ДДВ кон фирмите од 12,7 милијарди денари или 206,5 милиони евра, што е за 6 отсто повеќе во однос на лани или за 660 милиони денари повеќе, информираат од Министерството за финансии.

Oценуваат дека ова е највисок поврат на ДДВ за овој период во изминатите години, што е значајно особено ако се земе предвид COVID-19 кризата.

Скопје, 3 јули 2020 (МИА) – Министерот за надворешни работи Никола Димитров денеска изјави дека се уште нема конечна препорака на Комисијата за заразни болести во врска со затворањето на границата со Србија и Косово.

-Има некои комплексни сложени ситуации во смисла на транзит, на ПЦР тестовите, некои информации недостигаат. Ќе биде важно да се продолжи со оваа консултација бидејќи сите одлуки што ние или било кој во регионот и ЕУ ги носи во однос на границите се пред се водени од здравствен аспект. Нема политика, нема пријателство, главната калкулација е епидемиолошката слика, рече Димитров одговарајќи на новинарско прашање по претставувањето на идејата за „Преспа форум за дијалог“.

Скопје, 3 јули 2020 (МИА) – Град Скопје денеска го распиша јавниот повик за субвенции на инвертер клима уреди за затоплување на домаќинствата. Согласно условите на овој јавен повик се отвора можноста за над пет илјади граѓани на Град Скопје да им бидат целосно надоместени трошоците за набавка на инвертер уред, но не поголема од 62 илјади денари во нето износ.

Како што беше соопштено на прес-конференцијата на Градот, сите граѓани на територија на Град Скопје кои немаат искористено субвенции за затоплување на своите домаќинства и кои немаат приклучок или можност да се приклучат на централното греење во објектот каде ќе биде инсталиран уредот имаат право да учествуваат на овој повик. Набавениот уред потребно е да биде монтиран во објектот со адреса од личната карта на самиот барател.

Повикот ги опфаќа граѓаните кои купиле инвертер од 1 јануари 2020 година, до завршувањето на повикот, а тоа е 30 ноември 2020 година или до денот на исцрпување на средствата од самата субвенција за кое Градот дополнително ќе извести.

Back to top button
Close
Close