МИА ФлешПакети

МИА Флеш

24 јуни 2020

24 јуни 2020

Адис Абеба, 24 јуни 2020 (МИА) – Сите африкански земји имаат развиено лабораториски капацитети за тестирање на коронавирусот, изјави денеска генералниот директор на Светската здравствена организација, Тедрос Аданом Гебрејес и предупреди дека пандемијата забрзува.

За време на виртуелната конференција за развој на вакцина за Ковид-19 и нејзина достапност на африканскиот континент, Тедрос истакна дека за само една недела биле регистрирани еден милион случаи на коронавирус.

Њујорк, 24 јуни 2020 (МИА) – Цената на златото денеска се доближи до највисокото ниво во последните осум години. Порастот на цената на златото се должи на новозаболените со Ковид-19 во светот и сомнежот дека набрзо ќе се обнови економијата.

Цената на унца злато денеска се зголеми за 0,6 проценти и се тргуваше за 1.778,20 долари, што е највисока од октомври 2012 година. Додека на американските берзи цената на златото е зголемена за 0,7 отсто и унца се тргува за 1.749, 30 долари.

Сеул, 24 јуни 2020 (МИА) – Јужнокорејската министерка за трговија Ју Мунг-хе денеска ја објави својата кандидатура за лидерската функција во Светската трговска организација (СТО), а евентуалниот избор ќе и обезбеди и статус на прва жена на чело на оваа меѓународна организација.

Процесот на објавување на кандидатурите за позицијата, што моментов ја извршува Бразилецот Роберто Азеведо, почна токму овој месец. Азеведо го најави своето заминување лани, кон крајот на август, една година пред истекот на мандатот, од семејни причини.

Вашингтон, 24 јуни 2020 (МИА) – Американските власти размислуваат да воведат нови царини, како и да ги зголемат постојните за увоз од Франција, Германија, Шпанија и Велика Британија за вкупно 3,1 милијарди долари. Според агенцијата Блумберг, ова се наведува во изјавата на американскиот трговски претставник, Роберт Лајтхајзер.

Агенцијата наведува дека американските власти се подготвуваат да воведат нови царини на производи како што се маслинки, пиво, џин и камиони, а исто така сакаат да ги зголемат царините за одредени категории стоки како што се авиони, сирење и јогурт. Во средината на март, САД ги зголемија царините за авионите од Европската унија од 10 на 15 проценти.

Скопје, 24 јуни 2020 (МИА) – Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Северна Македонија, информира дека податоците за исплата на пензиите за месец јуни до сите деловни банки ќе ги испрати најдоцна до утре и препорачува деловните банки преку своите филијали и експозитури да обезбедат готовинска исплата на пензиите за клиентите кои не користат картички во четири групи.

Првата група, како што наведуваат, која опфаќа исплата на пензија во висина до 11.000 денари, ќе се врши в петок на 26 јуни 2020, втора група е исплата на пензија во висина од 11.001 денар до 14.000 денари и ќе се врши во понеделник, 29 јуни, трета група за исплата на пензија во висина од 14.001 денар до 18.000 денари, во вторник, на 30 јуни и четврта група-исплата на пензија во висина од над 18.001 денар, во среда, на 1 јули.

Back to top button
Close
Close