МИА ФлешПакети

МИА Флеш

23 јуни 2020

23 јуни 2020

Њу Делхи, 23 јуни 2020 (МИА) – Индија планира, во што е можно покуси рокови, да ги добие руските ракетни системи С-400, пред се, поради тензиите долж границата со Кина, јави агенцијата Блумберг.

Ова е главна причина за посетата на индискиот министер за одбрана, Раџнат Синг на Русија, каде ќе се сретне со својот руски колега Сергеј Шојгу. На средбата се очекува двете страни да го разгледаат инцидентот во Ладак, како и можностите за зацврстување на индиската одбранбена способност.

Битола, 23 јуни 2020 (МИА) – Енергетиката е столбот на развојот на економијата и затоа како Влада го поддржавме овој капитален проект за реконструкција на ТС Битола-2, истакна вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска за време на денешната промоција на завршениот проект со кој ТС Битола-2 првпат се приклучува на преносната мрежа по далечната 1982 година.

Според Шекеринска, завршените проекти значат помош за економијата, за инвестициите, за поголем развој и за повисоки плати и затоа нашата Влада од самиот почеток кажа дека сите инвестиции и сите пари ќе ги насочува за да се враќаат во економијата, односно кај граѓаните.

Лондон, 23 јуни 2020 (МИА) – Семејството на некогашен високорангиран саудиски разузнавач, кој сега е во егзил во Канада, е под зголемен притисок од престолонаследникот Мохамед бин Салман, кој сака да го присили да се врати во земјата.

Разузнавачот Саад ал Џабри бил долгогодишен соработник на принцот Мохамед бин Наеф, кого Мохамед бин Салман го отстрани од позицијата наследник на престолот во 2017 година, а потоа го притвори во март годинава, заедно со уште двајца истакнати членови на владејачкото саудиско семејство и неколку високи функционери во Министерството за внатрешни работи.

Ријад, 23 јуни 2020 (МИА) – Саудиска Арабија ќе го ограничи бројот на домашните верници за аџилак на околу илјада за да се спречи ширењето на коронавирусот, откако им забрани на муслиманите од другите земји да доаѓаат на аџилак, првпат во последниот период.

Министерот за аџилак Мохамед Бентен на прес-конференција изјави дека аџиите ќе бидат избрани според строги здравствени критериуми. На оние над 65 години им е забрането да присуствуваат годинава.

Скопје, 23 јуни 2020 (МИА) – Министерот за надворешни работи Никола Димитров, заедно со германскиот државен министер за Европа Михаел Рот и албанскиот колега Гент Цакај, денеска ќе учествува на онлајн панел насловен „Што значи почетокот на пристапните преговори за Албанкија и Северна Македонија“, во организација на Фондацијата Фридрих Еберт.

Германија од 1 јули го преземе претседавањето со ЕУ и важи за силен поддржувач на проширувањето на Унијата со земјите од Западен Балкан. С Македонија и Албанија добија зелено светло за почеток на пристапните преговори со ЕУ на видео самитот во март, годинава. на кој доминираше пандемијата со коронавирусот и глобалните последици од неа.

Лондон, 23 јуни 2020 (МИА) – Британскиот премиер Борис Џонсон денеска пред Долниот дом на британскиот Парламент соопшти дека мерката на задолжителното социјално дистанцирање од два метра од 4 јули ќе се намали на еден метар.

Како што пренесува лондонски „Индипендент“, Џонсон на граѓаните им препорача да останат на два метра растојание секогаш кога е тоа можно, а во спротивно треба да се придржуваат до правилото „еден метар“ и да носат заштитни маски за да се намали можноста од инфекција со коронавирусот.

Бишкек, 23 јуни 2020 (МИА) – Поранешниот киргистански претседател Алмазбек Атамбаев е осуден на 11 години и два месеци затвор за неговата улога во ослободувањето на еден мафијашки шеф од затвор.

Судот во Бишкек, исто така, донесе одлука имотот на Атамбаев да биде запленет, а неговите титули да бидат отповикани. Атамбаев (63) не присуствуваше на денешното рочиште поради болест.

Провери го и ова

Close
Back to top button
Close
Close