МИА ФлешПакети

МИА Флеш

23 јуни 2020

23 јуни 2020

Париз, 23 јуни 2020 (МИА) – Речиси 260 милиони деца во светот немале пристап до училиште во 2018 година, се наведува во денеска објавениот извештај на УНЕСКО, додавајќи оти пандемијата со Ковид-19 влијае врз сиромаштијата и дискриминацијата.

Во извештајот се наведува дека децата од посиромашните заедници, како и девојчињата, лицата со хендикеп, имигрантите и припадниците на етничките малцинства, се наоѓаат во понеповолна положба во споредба со образованието во голем број земји.

Белград, 23 јуни 2020 (МИА) – Од 19 март до 1 јуни од Ковид-19 во Србија починале 632 лица, додека официјално беше објавено дека во тој период има 244 смртни случаи. Тоа се наведува во истражување на Балканската истражувачка репортерска мрежа (БИРН). Тие се повикуваат на документ под наслов „Извештај за Владата“ и увид што го имале новинарите на таа мрежа во официјалниот информативен систем за известување за коронавирусот.

БИРН дознава дека бројот на заразени лица во последните денови е многу поголем отколку што официјално се соопштува – според нивното истражување, меѓу 300 и 340 на ден, додека официјалните бројки биле над 90 на ден.

Њујорк, 23 јуни 2020 (МИА) – Американскиот спортски телевизиски канал „ЕСПН“ состави рејтинг листа на спортови врз основа на нивната сложеност. Десетте критериуми споре дкои е направено рангирањето се: издржливост, сила, енергија, брзина, агилност, флексибилност, нерви, координација на рака и око, како и аналитички способности.

Во Топ 5 најтешки спортови се: бокс, хокеј, американски фудбал, кошарка и борење.

Лос Анџелес, 23 јуни 2020 (МИА) – Свеченоста на доделувањето на наградите „Златен глобус“ ќе се спроведе во февруари 2021 година, соопштија организаторите на официјалната интернет-страница.

„Утврден е нов датум за 78-та церемонија за доделување на наградите „Златен глобус“ 2021 година. Со задоволство соопштуваме дека настанот ќе се одржи во недела на 28 февруари 2021 година. Свеченоста ќе биде емитувана во живо од телевизиската компанија Ен-би-си од „Беверли Хилтон“ во Беверли Хилс, Калифорнија“, се вели во известувањето.

Скопје, 23 јуни 2020 (МИА) – Мерката ослободување од плаќање аконтации по основ на данок на добивка и данок на личен доход за самостојни вршители на дејност продолжува и во месеците јуни и јули, објави министерката за финансии на својот профил на Фејсбук.

Како дел од првиот сет економски мерки, наведува Ангеловска, погодените компании и вршителите на дејност имаа можност да поднесат барање за ослободување од плаќање аконтации. Над 1500 компании и вршители на дејност ја користат мерката, а сега таа продолжува да важи и за јуни и јули годинава.

Скопје, 23 јуни 2020 (МИА) – Владата на вчерашната седница го прифати предлогот на Комисијата за заразни болести за враќање во нормала на организираниот превоз на патници од и во подрачјето на општина Тетово. Донесени се и Протоколот за отворање и работа на приредувачите на игри на среќа во автомат клубовите и во казината и Протоколот за постапување на средните училишта за полагање на квалификацискиот испит.
На владината седница донесени се и измените на Уредбата за примена на Законот за акцизи со кои се изедначува акцизата на маслото за греење со акцизата на маслото што се користи како погонско. Со ова, велат од Владата, ќе се оневозможи злоупотребата на користењето на гасното масло за греење спротивно на неговата намена, ќе се сузбие сивата економија и ќе се заштити животната средина.

Back to top button
Close
Close