МИА ФлешПакети

МИА Флеш

11 март 2020

11 март 2020

Атина, 11 март 2020 (МИА) – Без претходно да достават план за летање, два турски воени авиони Ф-16 влегле во грчкиот воздушен простор и прелетале над северниот дел на Еврос на височина од 10. 000 стапки, предмалку објави грчката новинска агенција, јави дописничката на МИА од Атина.

Според информациите на АНА-МПА од Генералштабот на грчката армија, половина час по прелетувањето над Еврос, два турски воени авиони прелетале на височина од 26 илијади стапки, над ненаселените карпести острови Калогери, во близина на островот Андрос.

Скопје, 11 март 2020 (МИА) – Комората на извршители на Република Северна Македонија донесе превентивни мерки, согласно заклучоците на Владата за преземање на дополнителни и заострени мерки и активности за превенција од ширење на коронавирусот (Ковид- 19).

– Набавка на средства за дезинфекција во секоја канцеларија и редовно вршење на дезинфекција на канцелариите на извршителите и Комората на извршители на РСМ, ограничување на времето за прием на странки во канцелариите на извршителите и Комората на извршители на РСМ и утврдување на еден ден во текот на неделата за прием на странки во посебна просторија во канцеларија на извршителот и Комората на извршители на РСМ, како и задолжително носење на заштитни маски од страна на странки кои ќе пристапат во канцеларија на извршителот и Комората на извршители на РСМ и објава на соопштение од секоја канцеларија на извршителот за редуцирање на деновите за прием на странки, се дел од превентивни мерки на Комората на извршители.

Тирана,11 март 2020 (МИА) – Полицијата и војската во Албанија од утре ќе биде на терен за да вршат контрола и да ги верификуваат сите оние кои ги кршат правилата за самоизолација, по враќањето од Италија или други земји погодени од „Ковид 19“.

Ова го најави премиерот Еди Рама преку видео-порака наменета за граѓаните, додавајќи дека секој што ќе ја прекрши препораката за самоизолација ќе биде казнет со парична казна од 5.000 евра и нема да му биде дозволено да се врати во местото каде што сега живее без да ја платат казната.

Скопје, 11 март 2020 (МИА) – Преку Меѓународниот аеродром Скопје вчера е извршена депортација на три лица од женски пол, од кои две со регулиран статус на државјанки на Република Северна Македонија и едно малолетно лице од две години, за кое треба да се спроведе постапка за стекнување државјанство.
Лицата се депортирани со редовен авионски лет од Република Турција, поточно од бегалскиот камп Газиантеп, откако претходно одреден период престојувале во воените зони во Сирија и Ирак.
На аеродромот во Скопје, како што соопшти владината прес-служба, трите лица биле прифатени од стручни екипи на Министерството за здравство, Министерството за труд и социјална политика и Министерството за внатрешни работи при што сите екипи постапиле во рамките на своите надлежности.

Белград, 11 март 2020 (МИА) – Одговарајќи на прашања на новинарите за тоа дали изборите ќе бидат одложени поради епидемијата со коронавирусот, Вучиќ изјави дека за тоа ќе разговара со претставниците на партиите кои учествуваат на изборите, јави дописникот на МИА од Белград.

-Доколку имаме многу потешка ситуација – тогаш се знае какви се уставните овластувања. Доколку и дојде до поместување, тоа ќе биде две или три недели, изјави српскиот претседател по состанокот на државниот врв поради новооткриените случаи на коронавирус во Србија.

Пекинг, 11 март 2020 (МИА) – Највозрасната личност која се опоравила од Ковид-19 е 103-годишна жена од Кина.

Жанг Гуангфен ја преболе болеста откако шест дена беше во болница во Вухан, градот во Кина кој до неодамна беше центар на епидемијата.

Нејзиниот лекар информираше дека таа брзо оздравела бидејќи немала други здравствени проблеми, освен благ хроничен бронхитис.

Приштина, 11 март 2020 (МИА) – Надлежните здравствени власти на Косово ја демантираа веста, што денеска ја објавија неколку медиуми, дека во земјата е потврден првиот случај на заразен од новиот коронавирус, што предизвика вознемиреност кај дел од косовските граѓани, јави дописникот на МИА од Приштина.

Ваљбон Красниќи, одговорен за известување за ситуацијата во врска со новиот коронавирус во владиниот Комитет за следење на заразните болести, изјави за „Газета експрес“ дека пациенти кои доаѓаат во Косово од разни земји со сомневање за зараза, се примени и денеска на Инфективната клиника на косовскиот Клинички и универзитетски центар (ЌКУК), меѓутоа досега нема ниту еден потврден случај на носител на вирусот.

Вашингтон, 11 март 2020 (МИА) – Во Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп размилуваат за поместување на рокот до кога Американците можат да пријават данок, како една од мерките за намалување на економскиот притисок, по нестабилноста на пазарите поради коронавирусот.

Рокот за испраќање даночни пријави во САД обично е до средината на април. Обврзниците дотогаш треба да укажат дека ги измириле даноците за изминатата година, во спротивно може да платат казна.

Властите сега размислуваат за продолжување на овој рок, но конечниот датум се уште не е утврден, дознава „Волстрит журнал“.

Скопје, 11 март 2020 (МИА) – Министерството за труд и социјална политика (МТСП) информира дека согласно заклучоците на Комисијата за заразни болести, следните категориите лица треба да бидат ослободени од работа и работни активности врз основа на приложена потврда од лекар специјалист за следните состојби – хронични респираторни заболувања, тешки кардиоваскуларни заболувања, дијабет ТИП 1, малигни заболувања, како и имуно-компромитирачки состојби.

Во наредните 14 дена ослободени од работа и работни активности се и бремените жени.

Рим, 11 март 2020 (МИА) – Италијанската Цивилна заштита ја соопшти структурата на заразените од Ковид-19 во таа земја и испрати посебно предупредување до младите.

Новиот коронавирус во Италија најмногу ги погаѓа повозрасните лица, а пет отсто од заразените се помлади од 30 години. Попрецизно, 420 лица, помлади од 30 години, во моментов се заразени, објави „Кориера дела Сера“. Меѓу заразените, 43 се деца на возраст до девет години, што е 0,05 отсто од вкупно заразените. На возраст од 10 до 19 години заразени се 85 лица, а од 20 до 29 години инфицирани се 296. Во возрасната група од 30 до 39 години има 470 случаи на зараза, од 40 до 49 има 891 случај, потоа од 60 до 69 години 1417 случаи, на возраст од 70 до 79 има 1785 инфицирани и евидентирани се 1532 случаи кај лица постари од 80 години. Просечната возраст на заразените е 65 години.

 

 

 

Back to top button
Close
Close