3 јуни 2020

Скопје, 3 јуни 2020 (МИА) – Министерството за здравство соопшти дека денеска во 13 часот, министерот за здравство Венко Филипче ќе одржи состанок со членовите на Комисијата за заразни болести, претставници на локални Центри за јавно здравје и претставници на Министерството за внатрешни работи.

Целта на состанокот, како што се посочува, е заедничка координација за делување во општините кои се детектирани како жаришта на коронавирусот.

Пекинг, 3 јуни 2020 (МИА) – Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Џао Лиџијан ги отфрли наводите на американската агенција АП дека Кина ненавремено ја информирала Свестката здравствена организација за новиот коронавирус.

Тој нагласи дека извештајот на новинската агенција не е вистинит.

Претходно, АП објави дека снимки од состанок на СЗО, во кои агенцијата имала увид, наводно покажале дека таа организација многу тешко добивала потребни информации од Кина на почетокот на пандемијата на новиот коронавирус, што е спротивно со првичните пофалби кои СЗО ги упатуваше за Пекинг.

Скопје, 3 јуни 2020 (МИА) – Општина Центар ги награди најдобрите ученици од општинските основни училишта во учебната 2019/2020 година. Со почитување на мерките за заштита од корона вирус, градоначалникот Саша Богдановиќ им додели пофалници на првенците на генерација од седумте основни училишта во општината. Покрај ова, учениците ќе добијат и парична награда во висина од 15.000 денари.

Оваа година наградени се учениците: Горазд Наневски од ООУ „Гоце Делчев“, Ана-Марија Атанасовска од ООУ „Димитар Миладинов“, Зоран Михаилов од ООУ „Коле Неделковски“, Никола Спировски од ООУ „Јохан Хајнрих Песталоци“, Ангела Јаниќ од ООУ „Св. Кирил и Методиј“, Илин Московски од ООУ „Кочо Рацин“ и Марија Атанасова од ООУ „11 Октомври“.

Скопје, 3 јуни 2020 (МИА) – Прочистувачи на воздух доби Универзитетската клиника за детски болести во Скопје. Станува збор за донација од компанијата ОКТА преку организирање еко акција за собирање електричен и електронски отпад.

Еколошката активност, што се спроведе во март пред почетокот на кризата предизвикана од коронавирусот имаше за цел да ја подигне свеста за правилно ракување со електричен и електронски отпад, а во исто време да се подобрат условите на хемато-онколошкото одделение при Клиниката, соопштија од компанијата.

Пекинг, 3 јуни 2020 (МИА) – Кина наскоро ќе почне со потрагата по живот надвор од Земјата и, за таа цел, штотуку ја заврши изградбата на огромниот телескоп ФАСТ („Петстотиниметарски апертурен сферичен телескоп“). Неговата изградба почна во 2011 година, а официјално беше претставен во јануари годинава.

Изградбата на телескопот чинеше 180 милиони долари.

Атина, 3 јуни 2020 (МИА) – Земјотрес со јачина од 4.5 степени според Рихтер беше регистриран претпладнево јужно од грчкиот остров Крит, јави дописничката на МИА од Атина.

Според Геодинамичкиот институт на Националната опсерваторија во Атина, епицентарот бил во морскиот дел, 75 километри јужно од градот Јерапетра.

Вашингтон, 3 јуни 2020 (МИА) – Католичкиот вашингтонски надбискуп ја критикуваше посетата на американскиот претседател Доналд Трамп на центарот посветен на папата Јован Павле Втори во период на масовни протести во САД, нарекувајќи ја посетата манипулација, јави Би-Би-Си.
Неколку месеци пред следните претседателски избори, на кои Трамп се надева дека ќе освои втор мандат, во обид да ги придобие белите католици и евангелските христијани, во понеделникот се сликаше со Библијата пред Епископската црква, а вчера го посети центарот посветен на папата Јован Павле Втори.

Back to top button
Close
Close