МИА ФлешПакети

МИА Флеш

11 март 2020

11 март 2020

Скопје, 11 март 2020 (МИА) – Претседателот Стево Пендаровски денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваните амбасадори на Куба и на Египет.

На церемонијата на предавање на акредитиви од страна на Каридад Јамира Кието Милиан, новоименувана амбасадорка на Куба во земјава, со седиште во Софија, претседателот Пендаровски, како што информираат од неговиот кабинет, истакнал дека постои заемен интерес и значителен потенцијал за уште посеопфатна соработка, како и за содржински квалитетно развивање и натамошно унапредување на меѓусебните односи во интерес и за доброто на двата пријателски народи.

Белград, 11 март 2020 (МИА) – Како резултат на постојаните поплаки за неправилности во работењето на Националниот совет на македонското национално малцинство во Србија (НС), Партијата на Македонците во Србија (СМС) бара од надлежните српски институции да спроведат вонредна државна ревизија и буџетска инспекција на работењето на Советот.

Партијата посочува дека повеќе македонски здруженија се апсолутно незадоволни од односот и самоволието на претседателот на НС, Борче Величковски и неговите помошници и укажуваат на многу злоупотреби во Советот, поради што бараат помош од СМС.

Анкара, 11 март 2020 (МИА) – Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган денеска изјави дека Турција ги презела сите мерки против новиот коронавирус.

– Посакуваме Турција да ги надмине овие тешкотии без жртви. Ниту еден вирус не е посилен од преземените мерки, наведе Ердоган.

Тој додаде дека во Турција се преземени сите превентивни мерки за справување со Ковид-19.

Скопје, 11 март 2020 (МИА) – Јавното претпријатие „Паркинзи“ на Општина Центар од утре поради ситуацијата со коронавирусот привремено ќе ги затвори шалтерите за прием на странки и ги повикува своите корисници во наредните две недели да ги користат услугите на претпријатието по електронски пат на веб платформата www.poc.mk.

Тирана, 11 март 2020 (МИА) – Албанскиот премиер Еди Рама ги повика пензионираните лекари специјалисти, кои се во можност, да помогнат во справувањето со состојбата со новиот коронавирус.

– Постојат луѓе кои сè уште се динамични и силни, иако го прекинале работниот однос. Имаме неколку големи личности во медицината. Паметот и искуството се голема вредност. Иако се во пензија се поканети за да придонесат во оваа борба со новиот коронавирусот. Ќе добијат по 1.000 евра плус нивната пензија, рече Рама.

Вети дека за целиот медицински и друг персонал кој „е ангажиран во првата линија во фронталната битка со коронавирус“ ќе биде награден со 500 односно 1000 евра плус.

Рим, 11 март 2020 (МИА) – Италија ќе издвои 25 милијарди евра за да и помогне на економијата да ги надмине последиците од епидемијата на коронавирусот, изјави италијанскиот премиер Џузепе Конте.

Конте исто така предупреди дека ограничувањата за движење што се веќе драстични можат да бидат дополнително засилени, откако северниот регион Ломбардија повика на затворање на сите продавници и привремено укинување на јавниот превоз.

Приштина, 11 март 2020 (МИА) – Косовскиот претседател Хашим Тачи информира дека премиерот Албин Курти ја одби и денешната покана за средба, која ја свика со цел да се разгледа актуелната ситуација во земјата и развојот на односите со Соединетите Американски Држави, како главен партнер и сојузник на Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.

На прес-конференција која ја одржа во време кога требаше да се одржи средбата, Тачи му порача на Курти да носи одлуки кои се во согласност со волјата на граѓаните на Косово и да не презема дејствија кои можат да ги расипат односите со Вашингтон.

Рим, 11 март 2020 (МИА) – Во Италија, која е најтешко погодена од новиот коронавирус по Кина, дури 168 лица починаа за само 24 часа, што е највисоко за еден ден од 21 февруари од моментот кога беа регистрирани првите случаи.

Така, бројот на загинати се зголеми за 36 проценти за само еден ден и сега изнесува 631.

Пријавени се нови 977 заболени, така што сега во Италија се заразени 10.149, што е за 10 проценти повеќе од претходниот ден.

Скопје, 11 март 2020 (МИА) – Зоолошка градина Скопје во наредниот период нема да биде отворена за посетители поради придржување кон мерките за заштита од коронавирусот.
-Во интерес на јавното здравје и по препораките од Комисијата за заразни болести и Министерство за здравство, Зоолошка градина Скопје нема да биде отворена за посетители во наредниот период, се додека траат мерките за заштита од коронавирусот, информираат од Зоолошката градина.

Скопје, 11 март 2020 (МИА) – Екипите на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје извршиле комплетно миење и дезинфекција на сите постоечки садови за исфрлање на отпадот поставени на територијата на градот Скопје.

Миењето и дезинфекцијата, како што информираа од ЈП, се вршело веднаш по празнењето на контејнерите, со употреба на специјално комунално возило надградено со резервоар во којшто се наоѓа вода и течност за дезинфекција.

Москва, 11 март 2020 (МИА) – Рускиот парламент денеска ја изгласа големата уставна реформа со која му се овозможува на претседателот Владимир Путин да остана на власт уште 12 години откако неговиот актуелен мандат заврши во 2024 година.

Државната дума во третото и последно читање денеска одобри низа амандмани на Уставот, помеѓу кои и амандманот со кој на Путин му се овозможува дека уште двапати ќе се кандидира за претседателската функција.

„За“ гласаа 383 пратеници, ниту еден не се изјасни „против“, додека 43 пратеници беа „воздржани“.

Back to top button
Close
Close