МИА ФлешПакети

МИА Флеш

5 август 2021

Куманово, 5 август 2021 (МИА) – Граѓаните да ги почитуваат мерките и препораките на Владата, да се почитува забраната за движење во шуми, повикаа денеска од општинскиот штаб за заштита и спасување Куманово кои го одржаа 85-тиот состанок. Оттаму информираа дека сè уште има пожар на потегот кај Јачинце.

Општината ќе ги стави на располагање капацитетите и за поддршка на соседните општини.

Скопје, 5 август 2021 (МИА) – Согласно податоците од Институтот за јавно здравје, во последните 24 часа се направени 4.713 тестирања, а регистрирани се 219 нови случаи со Ковид-19:
Скопје и Тетово – по 65, Куманово – 20, Гостивар – 19, Струмица – 7, Кичево – 6, Битола, Струга, Берово и Виница – по 4, Прилеп и Кочани – по 3, Велес, Кавадарци, Штип, Радовиш и Дебар – по 2, Охрид, Ресен, Македонска Каменица, Македонски Брод и Пехчево – по 1. Регистрирани сe 30 оздравени пациенти од: Скопје – 9, Тетово – 8, Гостивар – 3, Куманово – 2, Прилеп, Струмица, Кочани, Кичево, Гевгелија, Радовиш, Делчево и Валандово – по 1.

Пријавени се четири починати лица: две од Скопје (61г и 66г) и по едно лице од Тетово (76г) и Кичево (76г). Починати се во болнички услови, соопшти Министерството за здравство.

Кичево, 5 август 2021 (МИА) – По вчерашното реактивирање на шумскиот пожар што се појави во атарот на селот Девич, Порече, екипи на МВР, ТППЕ, доброволни противпожарни друштва и месното население, учествуваа во гасењето на огнената стихија и во текот на ноќта пожарот е ставен под контрола.

-Поради ветерот и сувото време пожарот што во понеделникот се појави во близина на село Девич се уште не е целосно изгасен, иако по вчерашната акција тој е локализиран и барем засега безбедно е населението на село Девич. Во текот на вчерашното попладне и вечер на пожарот се дејствуваше со две противпожарни возила коишто за оваа прилика беа отстапени од ТППЕ Битола. Во локализацијата на пожарот беа вклучени и 30 припадници на МВР кои со мешини полни со вода делуваа крај огнената линија, за да не дојде до проширување на огнот до селските куќи, вели Живко Сиљаноски, градоначалник на Општина Македонски Брод.

Скопје, 5 август 2021 (МИА) – Ќе бидат ли повлечени од македонскиот пазар сладоледите „сникерс“ и „твикс“ на производителот „Дукатос“, се очекува наскоро да соопшти Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ).

Овие два вида сладоледи, како и овошниот јогурт со рибизла на „Дукатос“ веќе не може да се купат во Црна Гора, БиХ и Србија. Повлечени се од маркетите по сомнежот дека во нив има остатоци од пестицидот етилен оксид.

Крива Паланка, 5 август 2021 (МИА) – На официјална покана на претседателот на Турскиот Институт за стандардизација Адем Шахин, делегација од Институтот за стандардизација на Северна Македонија (ИСРСМ) предводена од директорот Џеват Кицара, оствари дводневна официјална посета на Турција.

На средбата присуствуваа претседателот на Турскиот Институт за стандардизацијанеговите претставници, Илхами Актурк, заменик генерален секретар,  Акиф Сесли, раководител на секторот за стандардизација, Сенџер Бујукјеген, експерт како и останатите вработени.

Делчево, 5 август 2021 (МИА) – Жителите од критичните реони во село Нов Истевник и Стар Истевник зафатени со големиот пожар да се евакуираат во градската средина. Поради алармантната состојба на теренот, неконтролираното ширење на пожарот и силниот ветар, а со цел да не се загрозат човечки животи, градоначалникот на Општина Делчево потенцира дека е неопходна  евакуација на жителите од селото Нов Истевник заедно со сите селски маала: Пасјак, Балабанци, Курачко Маало, како и на жителите од селото Стар Истевник.

-Апелирам жителите да бидат крајно внимателни и да не се движат во критичните реони. Поради неконтролираното ширење на пожарот се предупредуваат и жителите на с. Тработивиште да бидат крајно внимателни и да ја следат состојбата со цел брза реакција доколку пожарот земе посилен замав во атарот на селото, иатална Трајковски.

Скопје, 5 август 2021 (МИА) – Сто и пет заболени од Ковид-19 се хоспитализирани во Скопје и во другите градови, информираа за МИА од Министерството за здравство.

Најголем број хоспитализирани има во Клиничката болница во Тетово – 32, а потоа следат Универзитетската клиника за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје – 20, Општата болница во Гостивар – 20 и Општата болница во Куманово – 10.

Брисел, 5 август 2021 (МИА) – ЕУ ќе испрати опрема и помош за справување со пожарите во Северна Македонија, објави еврокомесарот за хуманитарна помош и кризен менаџмент Јанез Ленарчиќ.

-ЕУ испраќа дополнителни противпожарни капацитети во Грција и Северна Македонија за поддршка на одговорот на локалните власти. Помошта доаѓа од Шведска, Франција, Австрија, Бугарија и од програмата Коперникус на ЕУ, напиша Ленарчиќ на Твитер.

Прилеп, 5 август (МИА) – Во голем пожар 11 жители останаа без своите домови. Денеска целосно изгореа четири социјални бараки во населбата Варош под Марковите кули. Пожарникарите и жителите во последен момент спасуваа човечки животи од огнот. Спасени се две неподвижни лица, а меѓу несреќните има и три деца од кои едно седумесечно бебе. Сите се во добра состојба.

– Излегов надвор, да ја мијам колата, видов чад, видов дека гори кај соседите, Третата барака, лепенка, гореше. Отидов, да викнав во лепнката, бараката до нас,децата беа сами, ги извадовме децата. Се сетив кај соседите да го извлечат неподвижниот сосед, сам беше во просторија. И татко ми е неподвижен, и него требаше да го извлечат. Пожарната дојде веднаш, скршија, го извлекоја неподвижниот сосед, и татко ми беше извлечен, и гаснеа. Сето што беше до нив, направија, ама ние изгоревме, со вознемиреност раскажува Ангела Китаноска.

Скопје, 5 август 2021 (МИА) – Помал пожар попладнево избувна во хотелот „Холидеј ин“ во центарот на Скопје. Пожарнот е изгаснат по брзата интевенција на пожарникарите, кои со три возила за неколку минути пристигнаа кај хотелот.

Како што информираат од Територијалната противпожарна бригада на Град Скопје (БППЗ), опжарен е градежен отпад од хотелот, кој е во фаза на реновирање и нема гости.

Атина, 5 август 2021 (МИА) – Поради влошената епидемиолошка состојба и зголемениот број нови случаи на Ковид-19, а по препорака од надлежната комисија, грчкиот остров Закинтос и градот Ханија на Крит од утре влегуваат во црвената зона и се воведува полициски час и забрана за музика во угостителските објекти, јави дописничката на МИА од Атина.

Мерките ќе бидат во сила една седмица, односно до 13 август 2021 година, а полицискиот час ќе биде од 1 часот по полноќ до 6 часот наутро, додека пак музиката ќе биде забранета во текот на целиот ден.

Белград, 5 август 2021 (МИА) – Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, денеска на својот Твитер налог објави дека 50,1 отсто од полнолетните граѓани или 2.705.458 лица се вакцинирани во Србија, јави дописникот на МИА од Белград.

-Поминавме 50 отсто од вакцинирани полнолетни граѓани -моментално 50,1 отсто (2.705.458 вакцинирани). Сурчин, Чуприја, Прешево, Врчац и Прокупље се приклучија на групата од 58 локални самоуправи со над 50 отсто од вакцинираните. Секое вакцинирано лице – поголема сигурност за сите нас. #ВакцинирајСе., напиша Брнабиќ.

Киев, 5 август 2021 (МИА) – Судот во Киев нареди конфискација на 13 авиони Ербас (Airbus), во сопственост на руски авиопревозник што лета за и од Крим.

Наредбата за конфискација на 13 авиони е поради тоа што тие вршеле превоз на патници од и до контролниот пунк Симферопол-авиа, кој е лоциран во окупираната територија на автономна република Крим и е затворен од Украина.

Париз, 5 август 2021 (МИА) – Францускиот претседател Емануел Макрон денеска најави дека на ранливите групи и повозрасните луѓе најверојатно ќе им треба трета доза на вакцина против Ковид-19, со што Париз и Берлин не се откажуваат од довакцинација и покрај предупредувањето од Светската здравствена организација.

– Веројатно ќе биде потребна трета доза, но не за сите веднаш, туку во секој случај за најранливите и највозрасните, изјави Макрон.

Каракас, 5 август (МИА) – Се очекува разговорите меѓу владата на Венецуела и опозицијата за политичката криза во земјата да започнат на 13 август во Мексико.

Дијалогот ќе биде поддржан од меѓународни соработници, вклучувајќи ја и Норвешка, која беше неуспешен посредник во претходната постапка на дијалогот во 2019 година.

Брисел, 5 август 2021 (МИА) – Овој јули беше најтопол во светот, по јули 2019 година и јули 2016 година, соопштија научниците од ЕУ.

Според нив, минатиот месец беше обележан со невообичаено високи температури во многу региони – од Финска до САД.

Токио, 5 август 2021 (МИА) – На Олимпијадата во Токио денес е поставен рекорд со најмногу земји што освоиле медали.

По финалната трка во атлетика на 400 метри за мажи, Бахамите и Гренада ги освоија своите први медали. Така, спортистите од 88 земји досега се одликуваа со златно, сребрено или бронзено одличје на Олимпијадата. Игри во Токио се одржуваат од 23 јули до 8 август.

Атина, 5 август 2021 (МИА) – Грчкиот кошаркар и член на Милвоки бакс, Јанис Адетокумбо, го однесе трофејот од НБА лигата на атинскиот Акропол.

Јанис позираше на познатата тврдина со купот Лари О’Брајан и трофејот Бил Расел којшто му беше доделен за МВП во НБА финалето.

Заедно со Јанис, на Акропол беа и неговите браќа Танасис и Костас (шампион Лејкерс 2020 година), како и мајката на кошаркарите.

Back to top button
Close
Close