МИА ФлешПакети

МИА Флеш

5 август 2021

5 август 2021

Скопје – Пожарите не стивнуваат. Во нивното локализирање и гасење се ангажирани сите расположливи капацитети – на локалните самоуправи, Центарот за управување со кризи (ЦУК), војската, полицијата и граѓаните. Помош пристигна и од соседството, Србија и Бугарија, а денеска се очекува и засилувањето од Словенија – 16 противпожарни возила и 46 пожарникари.

Според последните податоци што ги соопшти вчера директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, во земјава се активни 10 пожари, а најсериозна е состојбата во Општина Македонски Брод, како и во регионот на Пехчево и Делчево.

Скопје – Тимот на Црвениот крст на Република Северна Македонија, составен од шест лица за логистика и проценка заедно, со Тимот за одговор при катастрофи на ООЦК Велес, составен од четири лица, синоќа доставија 1.400 шишиња од 0,5 литри до ООЦК Берово за поддршка на институциите и граѓаните ангажирани за гаснење на пожарот на територија на општините Пехчево и Делчево.
Како што стои во фејсбук-статусот на Црвен Крст на РСМ, тимот направил и теренска посета и проценка на состојбата во околина на селото Умлена со цел понатамошна координација на активностите на тимовите на Црвениот крст.

Скопје – Три српски и еден македонски хеликоптер полетаа од скопскиот аеродром кон пехчевскиот регион, соопшти директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов.

Тој на Фејсбук објави дека вкупно пет хеликоптери ќе дејствуваат врз големиот пожар во овој регион.

Скопје – Пет хеликоптери веќе го гаснат пожарот во пехчевско. Тие полетаа откако претходно рано утрово беше направено извидување на теренот со еден армиски хеликоптер.

– Петте хеликоптери почнаа со гаснење. Поради безбедносни причини и протоколи нема да се вклучам во живо, напиша директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов на Фејсбук

Скопје – Евроамбасадорот Дејвид Гир, денеска и утре во рамки на кампањата „ЕУ со ТЕБЕ“, ќе престојува во Југоисточниот плански регион, каде ќе ги посети општините Босилово, Струмица, Дојран и Конче.

Гир, заедно со заменикот министер за земјоделство Трајан Димковски и градоначалникот на Босилово, Зоран Зимбаков, денеска ќе го посети испустот на браната Чаушица, што е реконструиран со финансиска помош од ЕУ. Во Струмица, евроамбасадорот Гир ќе се сретне со претставници на граѓанските организации и млади активисти во Европската куќа, но и со локални уметници и новинари.

Скопје – Тркалезна маса на тема „Важноста на Рамковниот договор за помалубројните заедници“ ќе се одржи денеска во Скопје, во организација на Агенцијата за остварување на правата на заедниците (АОПЗ).

Поздравни обраќања ќе имаат првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи помеѓу заедниците Артан Груби, вршителот на должноста шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Џефри Голдстин и директорот на АОПЗ, Еран Куртиш.

Пехчево – Во село Умлена во моментов се прават координации помеѓу пожарникарските единици од неколку градови од земјава, а штотуку пристигнаа и пожарникари од Скопје. Забележително е големо присуство и на полицајци и од специјалните единици за брзи интервенции кои заеднички прават во моментов план за гасење на пожарот над селото Умлена.

Засега сите сили се сконцентрирани над ова село, а во утринските часови ќе се префрлат над селото Робово.

Росоман – Росоман се вклучува во програмата за општокорисна работа и времено ќе се вработат лица за грижа за стари и изнемоштени во домашни услови. Денеска е објавен јавен повик на кој можат да се јават евидентирани невработени лица.

– Сето ова е врз основа на договорот за соработка меѓу Агенцијата за вработување и договорот за соработка со програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) и општина Росоман, во рамките на оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2021 година, усвоен од Владата, програмата општинско – корисна работа,  финансирана од буџетот на Агенцијата за вработување, појаснија од локалната самоуправа на Росоман.

Скопје – Познатиот македонски гитарист Влатко Стефановски заедно со басистот Иван Кукиќ и младиот тапанар Јан Стефановски вечер ќе одржат целовечерен концерт во Античкиот театар во Охрид.

Покрај добро познатите композиции на Стефановски, публиката ќе има ексклузивна можност да го слушне материјалот од најновиот албум „Тафталиџе Шафл“, кој Стефановски го издаде минатата година за „Кроација Рекордс“ на ЦД и винил.

Скопје– Неколку европски премиери, оскаровци и остварувања кои беа дел од Канскиот филмски фестивал, Санденс, ИДФА, Венецијанскиот филмски фестивал, Интернационалниот филмски фестивал во Торонто, Клермон-Феран фестивалот за краткометражни филмови и Филмскиот фестивал во Сараево, ќе бидат прикажани на 2. Галичник филм фестивал што почнува денеска и ќе трае до 8 август.

Домаќин на Фестивалот е амфитеатарот Упија во Галичник кој се наоѓа на 1.500 метри надморска висина. Проекциите ќе бидат под отворено небо, а доцните вечерни часови се резервирани за концерти со филмска музика.

Охрид – По синоќешниот концерт на „Синтезис“ со кој беше одбележан 61-от роденден на „Охридско лето“, музичката фестивалска програма продолжува со Чешка вечер и настапот на гудачкиот квартет „Вихан“.

Во своето 36-годишно опстојување, „Вихан“ стана еден од најпризнатите гудачки квартети чија специјалност е изведбата на дела од чешката музичка ризница, како и на дела од класичниот, романтичниот и модерниот репертоар за квартет.

Анкара – Турција се бори со најтешките шумски пожари во својата историја, изјави претседателот Реџеп Таип Ердоган, кога пожарот во област во југозападниот дел на земјата се прошири на термоелектрана.
– Пожарите што се случија оваа година никогаш не се случиле во нашата историја. Ова се досега најголемите пожари, рече Ердоган во телевизиско интервју.

Брисел – Европската комисија одобри договор за набавка на 200 милиони вакцини од американската компанија „Новавакс“, соопшти Комисијата.

Според договорот, земјите -членки на ЕУ ќе можат да купат до 100 милиони вакцини, со опција до 2023 година да можат да набават дополнителни 100 милиони, кога ќе бидат одобрени од регулаторната агенција на ЕУ за лекови (ЕМА), која во моментов го разгледува барањето за акредитација, соопшти Комисијата.

Ерусалим – Израелски борбени авиони извршиле два напада врз цели во предградието на либанскиот град Махмуд, околу 12 километри од израелската граница, објави телевизијата Ал Манар.

Авионите рано утрово, како одговор на претходните проектили истрелани врз Израел од либанска територија, нападнале рампи за лансирање ракети во јужен Либан.

Вашингтон – Стејт департментот ја одобри потенцијалната продажба на Тајван на 40 артилерски системи од среден дострел- самоодни хаубици од моделот М109А6 од средна големина, со калибар од 155 милиметри.

Пентагон наведува дека договорот за набавка на оружјето вреди 750 милиони долари.

Детроит – Научниците открија дека Ковид-19 од луѓето преминал на диви елени во некои делови на Соединетите Американски Држави. Тие откриле антитела кон САРС-КоВ-2 во 40 проценти од белорогиот елен на североисток од земјата, пишува Сајенс Алерт (Science Alert).
Само во државата Мичиген, 67 проценти од дивите елени имале имунолошки маркери на коронавирус во крвта. Ова е прв доказ за распространета изложеност на Ковид-19 кај дивечот.
Иако ниту еден елен немал лоша здравствена состојба, присуството на специфични антитела во нивната крв покажува дека тие неодамна се опоравиле од вирусот.

Хјустон – Комбе, во кое загинаа десет лица во Тексас, било пренатрупано со 30 патници, двојно повеќе од дозволеното, а останатите 20 лица се повредени и се верува дека се илегални мигранти, јави државната полиција.

Несреќата се случила вчера, околу 16 часот по локално време, на автопатот 281 кај Енцино, околу 30 милји северно од Мекален, во Јужен Тексас, каде комбето удрило во метален столб и знак стоп, по што се превртело.

Кабул – „Ова е само почеток“. Со таква порака талибанците одговорија откако вчера презедоа одговорноста за нападот врз куќата на авганистанскиот министер за одбрана генерал Бизмилах Кан Мохамади во Кабул

„Самоубиствениот напад беше само почеток на контранапад против клучни личности и водачи на администрацијата“, објави на Твитер портпаролот на талибанците, Забиул Муџахед.

Токио – Македонска каратистката Пулексенија Јованоска го освои претпоследното  место во својот дебитантски настап во кати на Олимписките игри.

Македонката ноќеска настапи во првата квалификациска група и освои 23.80 и 24 поени, односно оствари просек од 23.90, недоволно да се квалификува во следната рунда.

Скопје – Македонската јуниорска кошаркарска репрезентација синоќа ја победи Грузија со 69:66. Ова беше втор натпревар и прв триумф за „црвено-жолтите“ на ФИБА Челенџер турнирот во Скопје.

Најефикасни во победничкиот тим беа Митревски и Наков со по 19 поени.

Токио – Кошаркарите на Соединетите Американски Држави се првите финалисти на Олимпијадата во Токио. Американците утрово ја совладаа Австралија со 97:78.

Кевин Дурант со 23 и Девин Букер со 20 поени се најзаслужни за триумфот на „дрим тимот“.

Токио – Репрезентацијата на Русија обезбеди финале на машкиот турнир на Олимпијадата во Токио, откако утрово го совлада фаворизираниот Бразил со 3:1.

Бразилците добро го отворија мечот и го добија првиот сет со 25:18, но потоа Русите стапија на сцена и ги добија следните три сета со 25:21, 26:24 и 25:23.

Токио – Ханзел Парчмент од Јамајка го освои златниот медал на трката на 110 метри со пречки на Олимписките игри во Токио.

Јамајчанецот утрово патеката ја мина со време 13,04 секунди, пет стотинки подобро од Американецот Грант Холовеј кој важеше за голем фаворит.

Скопје – Времето денеска ќе биде сончево и многу топло со мала до умерена локална облачност. Ќе дува умерен до засилен ветер претежно од југозападен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 35 до 43 степени Целзиусови. УВ индексот ќе изнесува 9.

Според најавите од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), во попладневните и ноќните часови ќе има локален пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Локално, процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме, со пообилен пороен дожд за кратко време, електрични празнења, силен ветер над 80 километри на час и услови за појава на град.

Back to top button
Close
Close