МИА ФлешПакети

МИА Флеш

4 август 2021

Скопје, 4 август 2021 (МИА) – Време е за соработка, време е да нема граници помеѓу нас и сите да бидеме зачленети во ЕУ. Проблемот не е во суштината на договорите, туку во формата во којашто тоа било претставено на почетокот. Потребно е да се изнајде пристојна форма за учество на сите шест земји од Западен Балкан во иницијативата, вели првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби коментирајќи ја регионалната иницијатива „Отворен Балкан“ на Северна Македонија, Албанија и Србија со која несогласување изрази Косово.

-Сметам дека какви било ставови да имаме во шестте земји од Западен Балкан, би требало да ги претставиме на сите регионални собири – и да сме против, и да сме за, тоа да го претставиме на заедничките собири коишто ги имаме, ставовите да ги унапредиме преку взаемен дијалог од сите страни. Тој дијалог треба да заврши со завршување на сите отворени прашања на Западен Балкан вклучително и взаемно признавање помеѓу Србија и Косово, затоа што само преку дијалог, а ова денешново е многу добар пример – 20 годишнината од Рамковниот договор, може да се надминат сите разлики. Време е за соработка, време е да нема граници помеѓу нас и сите да бидеме зачленети во ЕУ. Проблемот не е во суштината на договорите, не е во суштината на тоа што го разговараме за да имаме слобода на трговија, слобода на движење, проблемот е во формата во којашто тоа било претставено на почетокот. Затоа велам дајте заедно да седнеме и да ги спротивставиме аргументите, да најдеме пристојна форма каде што ќе учествуваат сите шест земји од Западен Балкан, вели Груби на новинарско прашање по промоцијата на поштенската марка посветена на 20-годишнината од Охридскиот договор.

Скопје, 4 август (МИА) – Патничкиот и товарниот железнички сообраќај од попладнево во 14.30 часот е нормализиран. Машинскиот персонал во Железници на РСМ – Транспорт по денешната средба со менаџерскиот тим на претпријатието го прекина бојкотот на работата и е исплатен вториот дел од платата за јуни годинава, потврди за МИА Тони Димовски, претставник на машиновозачите и помошниот персонал.

Димовски информираше дека од Железничката станица во Скопје  во 14.30 часот  веќе е заминат возот 643 на релацијата  Скопје – Битола.

Скопје, 4 август 2021 (МИА) – Најдоцна до утре се очекува во земјава да пристигнат 16 противпижарни возила и 46 пожарникари од Словенија за да помогнат во гасењето на пожарите.

Помошта од Словенија се реализира по вчерашниот телефонски разговор меѓу министерката за одбрана Радмила Шекеринска и нејзиниот словенечки колега Матеј Тонин.

Скопје, 4 август 2021 (МИА) – АД „Пошта на Северна Македонија“ денеска ја промовира поштенската марка посветена на 20-годишнината од Охридскиот договор. Тиражот на издената поштенска марка е 6.000 примероци, а вредноста 72 денари.

Директорот на „Пошта“, Јани Макрадули истакна дека Охридскиот рамковен договор не само што стварноста ја погледна со поинакви очи, туку дефинираше нов начин на водењето политика во државата.

Скопје, 4 август 2021 (МИА) – Согласно податоците од Институтот за јавно здравје, Во последните 24 часа се направени 5.276 тестирања, а регистрирани се 164 нови случаи со Ковид-19:
Тетово – 60, Скопје – 34, Гостивар – 21, Куманово и Битола – по 8, Струмица, Кичево и Дебар – по 5, Штип и Кочани – по 4, Прилеп и Струга – по 3, Берово – 2, Охрид и Пехчево – по 1. Регистрирани сe 18 оздравени пациенти од: Скопје – 7, Тетово – 6, Куманово – 4, Кичево – 1. Пријавени се три починати лица : две лица од Гостивар (68г и 86г) и едно лице од Скопје (82г), починати во болнички услови, соопшти Министерството за здравство.

Направени се 5.276 тестови преку: ИЈЗ-163, ЦЈЗ Скопје-37, ЦЈЗ Битола-72, ЦЈЗ Прилеп-32, ЦЈЗ Тетово–43, ЦЈЗ Куманово–58, Клиника за инфективни болести и фебрилни состојби-0, Судска медицина-1, лабораторија болница Козле-0, УК Пулмологија со алергологија 0, ГОБ 8-ми Септември-6, Институт за микробиологија–21, Жан Митрев (Филип Втори)-94, Авицена-304, Биотек-203, Систина-108, лабораторија Лаор-677, Синлаб-69, Ремедика-16, Плодност–51, Генеа–2, Никоб лаб-799, ВФВ Медикал-40, Ели Медика-14, ЈЗУ и ПЗУ (рапид тест) – вкупно 2.466.

Скопје, 4 август 2021 (МИА) – Коалицијата на ДУИ и СДСМ за претстојните локални избори е договорена од лидерите на партиите и предвидува комбиниран модел на поддршка – некаде во прв круг, некаде во втор круг, но ве уверувам дека сме апсолутни фаворити на овие избори, изјави првиот вицепремиер и министер и за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби.

-Имавме состанок господинот Заев и господинот Ахмети на којшто учествувавме и Николовски и јас, договаравме во детали коалиција за локалните избори која што наликува на таа што ја направивме во 2017 година. Гледајќи во анкетите убедени сме во победа во огромно мнозинство во сите општини во нашата држава вклучително и градот Скопје, Тетово, Гостивар, Велес, Битола и други поголеми градови во нашата држава. Ќе имаме комбиниран модел на поддршка, некаде во прв круг, некаде во втор круг, но во едно нешто ве уверувам дека сме апсолутни фаворити на овие локални избори, рече Груби на новинарско прашање по промоцијата на поштенска марка по повод 20 години од Рамковниот договор.

Скопје, 4 август 2021 (МИА) – Министерството за здравство соопшти дека е достапна апликацијата за CommonPass сертификат за патување во странство.

CommonPass е унифицран дигитален сертификат кој се презема од апликација од Google Play Store/App Store со кој се потврдува вакциналниот статус на секој граѓанин. Со овој сертификат во моментот може да се патува најчесто во САД и Канада каде се користи најмногу. Покрај патувањето и доказ за вакцинација со овој CommoPass граѓаните во овие земји можат непречено да се движат и функционираат во услови кога има одредени рестрикции и забрани за невакцинираните.

Софија, 4 август 2021 (МИА) –  Поради сложената епидемилошка ситуација и високите стапки на морбидитет на 100.000 луѓе пријавени во последните 14 дена во земји блиски до Бугарија, бугарското Министерствотза здравство им препорачува на своите граѓани да се воздржат од непотребни патувања во Грција, Кипар и Турција.

Со оглед на динамичната состојба во врска со ширењето на коронавирусот, Министерството апелира до граѓаните да ги почитуваат воведените анти-епидемиски мерки за физичка дистанца, честа дезинфекција и носење заштитна маска за лице.

Приштина, 4 август 2021 (МИА) – Едно лице загина во пожар во Ново село, на околу 50 километри од Приштина, како последица од густиот чад, соопшти косовската полиција.

Станува збор за маж, кој најверојатно влегол во штала која била зафатена од пожарот и се задушил.

Жртвата била пренесена в болница без знаци на живот.

Дака, 4 август 2021 (МИА) – При удар на гром денеска загинаа шеснаесет луѓе на свадбена церемонија во Бангладеш, соопштија властите.

Сватовите се симнале од брод во градот Шибгањ, недалеку од границата со Индија, за да се засолнат од бурата кога ги погоди гром, изјави  Сакиб ал Раби, локален претставник на властите.

Скопје, 4 август 2021 (МИА) – Во пресрет на новата сезона ракометарите на Вардар и на Металург, утре ќе одиграат контролен натпревар во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје.

– Натпреварот ќе биде од затворен тип, без присуство на публика и со ограничен број на присутни службени лица од двата клуба. Со цел за подобро тактичко воигрување на екипите во салата нема да биде дозволен пристап ниту на медиумите, соопштија од РК Вардар 1961.

Токио, 4 август 2021 (МИА) – Канадскиот спринтер Андре де Грас попладнево го освои  златниот медал на трката на 200 метри, триумфирајќи на патеката во Токио пред Американците, Кенет Беднарек и Ноа Лајлс.

Де Грас (26) се закити со првиот златен олимписки медал во кариерата истрчувајќи ја патеката за 19:62 секунди, во време на личен и национален рекорд, и седмо најбрзо време во историјата на трките на 200 метри.

Токио, 4 август 2021 (МИА) – Познати се четирите репрезентации кои ќе играат во полуфиналето на ватерполо турнирот на Олимпијадата во Токио.

Резултати на денешните четвртфинални средби:
САД – Шпанија 8:12
Грција – Црна Гора 10:4
Италија – Србија 6:10
Унгарија – Хрватска 15:11,

Во полуфиналето ќе се сретнат:

Грција – Унгарија
Србија – Шпанија.

Back to top button
Close
Close