МИА ФлешПакети

МИА Флеш

4 август 2021

4 август 2021

Скопје – Министерството за труд и социјална политика ги повикува работодавачите, негувателите и воспитувачите во градинките, вработените во Центрите за социјална работа, во Црвениот крст да ги почитуваат препораките од Министерството за здравство, за заштита на здравјето и превенирање на последиците од топлотните бранови кои следуваат.

-Целата територија на нашата држава ќе биде зафатена со температури од портокалова (алертна) фаза во текот на следните денови, почнувајќи од среда 4 август до 5 август, велат од Министерството за труд и социјална политика од каде потенцираат дека поради тоа треба да се почитуваат општите мерки.

Скопје – Според податоците на Центарот за управување со кризи (ЦУК) до вчера до 18 часот на територијата на државата беа активни неколку пожари во скопскиот, струмичкиот, кумановскиот охридскиот, битолскиот и штипскиот регион.

Скопје – Директорката на Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) Ана Петровска денеска ќе одржи прес-конференција во врска со шестмесечниот извештај за работата на Инспекторатот.

Според најавите од ДИЖС, Петровска ќе презентира податоци за зголемениот обем на надзори во 2021 година во споредба со лани и за изречените казни.

Скопје – Универзитетот „Мајка Тереза” во Скопје денеска ќе организира тркалезната маса по повод 20 години од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, на која ќе учествува и првиот вицепремиер и
министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби.

По повод две децении од Рамковниот договор, АД Македонска пошта издаде поштенска марка, која денеска во Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците ќе ја промовираат првиот вицепремиер Груби и директорот на Пошта, Јани Макрадули.

Скопје – Министерството за образование и наука ги објави конкурсите за доделување ученички и студентски стипендии за учебната/студиската 2021-2022 година и соопшти дека годинава се зголемени износите и се воведени нови категории стипендии.

Во секој од конкурсите се наведени условите, критериумите, потребните документи и роковите за аплицирање за да се оствари правото на користење на соодветната стипендија.

Белград -Амбасадор на Србија во Русија, Мирослав Лазански, почина ненадејно на 71-годишна возраст, соопшти Министерството за надворешни работи на Србија.

-Министерството за надворешни работи со тага соопштува дека ненадејно почина нашиот ценет колега, српскиот амбасадор во Руската Федерација, Мирослав Лазански, . Ќе го паметиме како голем патриот, одличен писател, новинар, еминентен воено-политички коментатор, кој ја сакаше својата земја и гордо ја претставуваше низ целиот свет, се наведува во соопштението.

Берлин – Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен смета дека Европа е добро подготвена за можно давање на третата доза од вакцината против коронавирус и посочи дека за одобрување на руската вакцина „Спутник В“ недостигаат валидни податоци.

– Нарачавме 1,8 милијарди дози од Бионтек/Фајзер до 2023 година. Тоа е најголемата нарачка во светот и е доволно за можна трета доза во ЕУ, како и за адаптација на новите соеви, изјави Фон дер Лајен за германската медиумска мрежа РНД.

Кабул – Најмалку осум лица загинаа во нападот врз домот на в.д.  министерот за одбрана во Кабул, соопшти денеска авганистанското Министерство за внатрешни работи, пренесе ДПА.

Најмалку уште 20 лица се ранети кога доцна синоќа возило наполнето со експлозив беше активирано во близина на домот на министерот, во кабулската населба Ширпур.

Дубаи – Киднаперите кои се качиле на бродот крај брегот на Обединетите Арапски Емирати во Оманскиот Залив го напуштиле, соопштија денеска британските власти, без дополнителни детали и објаснувања.

Денешното соопштение на Дирекцијата за поморски трговски операции на Велика Британија (УКМТО) следеше откако британската морнарица предупреди за потенцијално киднапирање под нејасни околности, што се случи претходната ноќ.

Каиро – Суданската влада денеска го одобри нацрт-законот со кој се овозможува источноафриканската земја да се приклучи на основачкиот договор на Меѓународниот кривичен суд.

Одлуката на владата да се приклучи на Римскиот статут е чекор кон долгоочекуваното судење за воени злосторства и осомничени за геноцид во конфликтот во Дарфур, вклучувајќи го и поранешниот претседател Омар ал-Башир.

Лос Анџелес – Земјотрес со јачина од 5,8 степени според Рихтер го погоди источниот брег на Јапонија. Регистрирани се и бројни помали земјотреси во Тихиот Океан, во близина на јапонскиот брег, соопшти Американскиот институт за геологија.

Земјотресот бил со епицентар на длабочина од 10 километри, на растојание од околу 127 километри во правец исток-североисток од јапонскиот град Хасака, кој се наоѓа на околу 103 километри источно од Токио, пренесува Ен -Би -Си.

Скопје – Македонската кошаркарска репрезентација до 18 години загуби од Хрватска со 108:77, синоќа во почетното коло од ФИБА „Челенџер“ турнирот во Скопје.

Најефикасни кошаркари во македонскиот национален тим беа Митревски со 13, Наков и Мемед со по 11 поени.

Токио – Репрезентациите на Србија и на Соединетите Американски Држави ќе играат во првото полуфинале на кошаркарскиот турнир за жени на Олимпијадата во Токио.

Ова е епилогот по првите две четвртфинални средби одиграни изутрина.

Токио – Руската женска ракометна репрезентација ќе игра со Норвешка во полуфиналето на Олимписките игри во Токио.

Русија во полуфиналето ја совлада Црна Гора со 32:26, додека Норвешка во вториот денешен четвртфинален меч ја победи Унгарија со 26:22.

Токио – Центарот на Шпанија, Пау Гасол стана еден од четворицата нови членови на Комисијата за спортисти на Меѓународниот олимписки комитет (ИОК), се вели на официјалната веб-страница на Игрите.

Заедно со Газол, во комисијата беа избрани полската велосипедистка Маја Влошчовска, италијанската пливачка Федерика Пелегрини и јапонскиот мечувалец Јуки Ота.

Прага – Тренерот на Монако, Нико Ковач, го осуди расистичкиот инцидент на квалификацискиот натпревар од Лигата на шампионите против Спарта (2:0).

Навивачите на чешкиот клуб упатија мајмунски крици кон средниот бек на гостите Аурелиен Тшуамени. Поради ова, играта беше прекината.

Токио – Американската атлетичарка Сидни Меклафлин го освои златниот медал на Олимпијадата во Токио на 400 метри со пречки. Таа патеката ја помина за 51,46 секунди. Ова е нов светски рекорд.

Претходниот светски рекорд исто така го држеше Меклафлин со време 51,90 секунди.

Берлин – Натпреварот од првото коло во Купот на Германија помеѓу Баерн Минхен и Бремер, клуб од 5. дивизија е одложен на неодредено време.

Средбата беше закажана за в петок, но е откажана поради наметнатите карантински мерки за домаќинот, клубот од Бремен.

Скопје – Времето денеска ќе биде сончево и многу топло со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од западен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 34 до 42 степени и ќе биде активирано портокалово ниво на опасност од високи температури. УВ индексот ќе изнесува 9.

Во Скопје и околината сончево и многу топло со мала до умерена облачност и со слаб до умерен ветер од западен правец. Максималната температура ќе достигне до 39 степени. Утре ќе се задржи стабилно и многу топло време и ќе дува засилен, повремено силен, јужен ветер. Одново ќе биде активирано портокалово ниво на опасност од високи температури. Во вечерните часови, во текот на ноќта и в петок ќе има зголемување на облачноста и услови за локален пороен дожд, грмежи и засилен ветер, а температурата ќе се намали за 3 до 5 степени.

Back to top button
Close
Close