МИА ФлешПакети

МИА Флеш

3 август 2021

Скопје, 3 август 2021 (МИА) – Претседателот на државата Стево Пендаровски честитајќи им на припадниците на Армијата, на противпожарните единици од Кочани и сите институции кои синоќа во Кочани се справуваа со огнената стихија, денеска на својот фејсбук профил напиша дека Армијата останува подготвена да интервенира каде било на територија на државата.
– Им честитам на припадниците на Армијата, на противпожарните единици од Кочани и сите институции кои синоќа во Кочани се справуваа со огнената стихија. Кочанчани активно се вклучија во гасењето и во помагањето на единиците на терен и помогнаа да се избегне далеку пострашно сценарио. Во наредниот период ќе се следи интензивно состојбата со цел да се превенираат идни пожари. Армијата согласно со вчерашната наредба за прогласување тревога на целокупниот состав останува подготвена да интервенира било каде на територија на државата, напиша претседателот Пендаровски на Фејсбук.

Куманово, 3 август 2021 (МИА) – Поголем дел од пожарот на Кокино е ставен под контрола, но има ново жариште во месноста Кокински дол, изјави денеска градоначалничката на Старо Нагоричане, Жаклина Јовановска. Покрај противпожарната единица од Старо Нагоричане и пожарникари од повеќе градови, на терен се и екипи од Армијата, од МВР, од ДЗСИ, шумско стопанство и доброволци.

Штетата на површините е огромна, на некои места сè уште чади, изгорена е борова, дабова и нискостеблеста шума.

Куманово, 3 август 2021 (МИА) – Министерката за одбрана Радмила Шекеринска денеска ги посети припадниците на Армијата, кои на Кокино беа ангажирани во справувањето со пожарот и упати благодарност до нив, до сите припадници на Дирекцијата за заштита и спасување, како и доброволците, луѓето од општина Куманово.

Таа порача дека само заедно можеме да се справиме со ова, како што рече, сериозно загрозување и на животот и на здравјето на нашите граѓани и на убавата природа.

Скопје, 3 август 2021 (МИА) – Согласно податоците од Институтот за јавно здравје, во последните 24 часа се направени 3.658 тестирања, а регистрирани се 37 нови случаи со Ковид-19: Скопје – 15, Тетово – 8, Куманово – 4, Гостивар – 3, Кичево – 2, Битола, Струмица, Кочани, Радовиш и Дебар – по 1. Регистрирани сe 23 оздравени пациенти од: Тетово – 10, Скопје – 4, Куманово – 3, Кичево – 2, Гостивар, Штип, Струмица и Кочани – по 1. Не се пријавени починати лица, соопшти Министерството за здравство.

Направени се 3.658 тестови преку: ИЈЗ-40, ЦЈЗ Скопје-0, ЦЈЗ Битола-0, ЦЈЗ Прилеп-39, ЦЈЗ Тетово–0, ЦЈЗ Куманово–15, Клиника за инфективни болести и фебрилни состојби-0, Судска медицина-0, лабораторија болница Козле-0, УК Пулмологија со алергологија 0, ГОБ 8-ми Септември-10, Институт за микробиологија–0, Жан Митрев (Филип Втори)-92, Авицена-258, Биотек-84, Систина-81, лабораторија Лаор-479, Синлаб-0, Ремедика-0, Плодност–80, Генеа–0, Никоб лаб-654, ВФВ Медикал-65, Ели Медика-12, ЈЗУ и ПЗУ (рапид тест) – вкупно 1.749.

Скопје, 3 август 2021 (МИА) – Во рамки на одбележувањето на 20-годишнината на Охридскиот  рамковен договор, во организација на Институтот за духовно и културно наследство на Албанците и Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците денеска се одржа трибина „Скопје на новите албански адреси, одраз на духот на Охридскиот договор “.

Според Артан Груби, прв вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, именувањето на неколку улици е еден сензитивен успех како и многу други успеси што го носат печатот на Охридскиот договор. Тој побара од Институтот, Охридскиот договор да се третира како културно богатство и да се направи детална научна студија со споредување на тоа каде сме биле и каде сме денеска.

Скопје, 3 август 2021 (МИА) – Вчера никој не загина, вчера никој не беше повреден. И тоа е нашиот курс. Дрвјата повторно ќе пораснат, дрвјата пак ќе ни се вратат, загубените човечки живот нема да се вратат никогаш, рече денеска на прес-конференција в.д. директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов.

Според Ангелов, фокусот треба да е ставен на луѓето, а потоа на материјалните добра.

Белград, 3 август 2021 (МИА) – Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека Србија е подготвена да ги испрати своите хеликоптери за гасење пожари доколку Скопје процени дека тоа е потребно, што и се предвидува во рамки на иницијативата Отворен Балкан, како и тоа дека не го интересира што поединци на Запад мислат за таа иницијатива, ако таа е добра за Србија, Северна Македонија и Албанија, и за благосостојбата на нашите граѓани, јави дописникот на МИА од Белград.

– Доколку има потреба да му се помогне на Скопје во гасењето на пожарите, ние веќе донесовме одлука и се согласивме нашите хеликоптери за гасење на пожари, бидејќи можат да носат 1.200 литри вода, да помогнат во гасењето на пожарите. Се надевам дека сега ситуацијата е многу подобра, изјави Вучиќ по посетата на завршните работи за реконструкција и изградба на Клиничкиот центар на Србија во Белград.

Скопје, 3 август 2021 (МИА) – Наставничкиот пленум со писма до министерката Мила Царовска и до синдикатите СОНК и НСОН, соопшти дека бара зголемување на платите на наставниците во основното и во средното образование и дека планира бојкот на наставата од почетокот на новата учебна година ако тоа не биде обезбедено.

Незадоволни од висината на основната плата на наставниците, од Царовска бараат максимално да се заложи во Владата и да им излезат во пресрет на сите вработени во образованието со тоа што  ќе биде обезбедено покачување на платите во новата учебна 2021/2022 година.

Скопје, 3 август 2021 (МИА) – Времето до четврток ќе биде стабилно и многу топло, а ќе се активира и портокаловото ниво на опасност од високи температури, соопшти УХМР.

Особено топло се очекува да биде во четврток кога ќе дува засилен јужен ветер. Во текот на ноќта и во петок ќе има услови за локален пороен дожд, грмежи и засилен ветер и температурата ќе се намали за 3 до 5 степени.

Тетово, 3 август 2021 (МИА) – Фудбалерите на Тетекс од денес се во Охрид каде ќе поминат седум дена во подготвување за следната сезона. Од 12 јули до вчера фудбалерите беа на подготовки во Тетово.

– Досега беше првата фаза, кондициските подготовки со фокус на трчање и сила, а одигравме и три натпревари. Сега со одењето во Охрид влегуваме во средна фаза на подготовки со пријателски натпревари и воигрување на екипата. После враќање од Охрид ќе следи кристализирање на составот и работа на тактички замисли, изјави денес Славчо Георгиевски, шеф на стручниот штаб.

Брисел, 3 август 2021 (МИА) – Европски медиуми констатираа дека почна создавањето на економскиот шенгенски простор на Западен Балкан, преку иницијативата „Отворен Балкан“, истакнувајќи дека лидерите на Албанија, Северна Македонија и Србија се обидуваат да го постигнат тоа бидејќи веруваат дека перспективите на регионот за членство во ЕУ остануваат неизвесни, јави Бета.

Додека претставници на ЕУ во Брисел посочуваат дека Еди Рама, Зоран Заев и Александар Вучиќ „тропаат на отворена врата“, бидејќи лидерите на Унијата проценија дека заедничкиот пазар на Западен Балкан ќе придонесе за приклучување на регионот кон ЕУ, италијанскиот весник Стампа смета дека причините за тоа се одложувањето на преговорите за членство, прекршени ветувања и растечкото разочарување на регионот во Брисел“.

Анкара, 3 август 2021 (МИА) – Голем пожар се шири кон турска термоцентрала (ТЕЦ), а земјоделци во паника го тераат добитокот во близина на морето, откако шумските пожари, во кои загинаа осум лица, беснеат седми ден по ред.

Турција е зафатена од најкатастрофални шумски пожари досега, уништувајќи шуми и богати земјоделски површини долж делови од турскиот медитерански и егејски брег.

Белград, 3 август 2021 (МИА) – Под влијание на корона-кризата, во Србија пристигнаа помалку пари од дијаспората во текот на 2020 година и почетокот на 2021 година, отколку во годините пред пандемијата. Според најновите достапни податоци за билансот на плаќања на Народната банка на Србија, вкупниот прилив врз основа на дознаките од странство (лични трансфери) во периодот јануари – мај 2021 година изнесува 1.332,1 милиони евра, што е зголемување за 26,8 проценти во споредба со истиот период во 2020 година.

„Во споредба со првите пет месеци од пред пандемијата – 2019 година, приливот на дознаки во истиот период во 2021 година е помал за 3,4 проценти, така што можеме да очекуваме дека наскоро ќе се врати на нивото од пред кризата. Ова е во согласност со економското закрепнување во земјите каде што работат најголем број луѓе од нашата земја“, наведоа од Народна банка на Србија за локални медиуми.

Њујорк, 3 август 2021 (МИА) – Обединетите нации денеска ги повикаа украинските власти да спроведат непристрасна и ефикасна истрага за смртта на 26-годишниот белоруски активист Виталиј Шишов, кој беше пронајден обесен во парк во Киев.

Високиот комесар за човекови права на ОН рече дека заканите против белоруските граѓани треба да престанат, но нагласи дека не е воспоставена директна врска меѓу смртта на Шишов и репресијата врз неистомислениците од режимот на белорускиот претседател Александар Лукашенко.

Брисел, 3 август 2021 (МИА) – Европската унија значително заостанува зад Кина и САД во однос на донациите на вакцини против коронавирус, се вели во интерен документ на Советот на Европа, во кој имаше увид бриселскиот портал „Политико“.

ЕУ донирала само 7,9 милиони дози вакцини против Ковид-19, што е само четири проценти од вкупно 200 милиони дози, ветени од земјите на ЕУ, наведува порталот. Ова е значително пониско во споредба со 59,8 милиони дози веќе донирани од САД и 24,2 милиони дози донирани од Кина.

Вашингтон, 3 август 2021 (МИА) – Бордот на гувернери на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) ја одобри досега најголемата распределба на Специјални права на влечење (СДВ) од своите резерви, во износ од 650 милијарди долари, а таа одлука стапува во сила на 23 август.

Земјите-членки на ММФ ќе имаат на располагање Специјални права за влечење – валута на Фондот конвертибилна во долари, евра, јени, фунти и јуан – пропорционално со нивната постојна квота за учество во Фондот.

Кабул, 3 август 2021 (МИА) – Најмалку 40 цивили загинаа, а повеќе од 100 се повредени во изминатите 24 часа во борбите меѓу авганистанските владини сили и Талибанците во опколен јужен град лашкаргах, се вели во соопштението на ОН.

Мисијата на Обединетите нации за помош во Авганистан изрази „длабока загриженост“ поради состојбата на цивилите во Лашкаргах, главниот град на провинцијата Хелманд, и повика на „итен прекин на борбите во урбаните области“. Во меѓувреме, висок авганистански командант побара цивилите да бидат евакуирани од Лашкаргах пред офанзивата на војската против Талибанците.

Лондон, 3 август 2021 (МИА) – Социјалната мрежа Твитер соопшти дека ќе соработува со Ројтерс и Асошиејтед Прес (АП), најголемите новински агенции во светот, со цел борба против дезинформациите, јави Би-Би-Си. Двете новински агенции веќе соработуваат со Фејсбук на проверка на факти.

Во соопштението се посочува дека новинските агенции ќе понудат поширок контекст и повеќе информации за настаните кои преизвикуваат голем број твитови. Твитер се надева дека на тој начин ќе се намалат дезинформациите.

Back to top button
Close
Close