МИА ФлешПакети

МИА Флеш

28 јули 2021

28 јули 2021

Скопје – Владата на денешната редовна 92. седница го утврди текстот на Предлог-законот за исплата на паричен надоместок на жртви од кривични дела, како и измените и дополнувањата на Законот за заштита на физичките лица во врска со обработката на личните податоци заради цели на спречување, истрага, откривање или гонење на кривични дела или за извршување на кривични санкции, на Законот за Академија на судии и обвинители, Законот за парнична постапка, на Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, како и на Кривичниот законик.

Како што соопшти владината прес-служба, со измените и дополнувањата во Кривичниот законик, меѓу другото, се предлагаат членови со кои во иднина нападот врз новинар, снимател или фоторепортер ќе се третира исто како напад врз службено лице.

Скопје – Во пресрет на почетокот на новата учебна и академска година Владата на денешната седница ги усвои Протоколот за постапување при сместување на ученици во Јавните ученички домови во учебната 2021/2022 година.

Владата го усвои и Протоколот за постапување на државните студентски домови и други објекти за сместување во академската 2021/2022 година.

Скопје – Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија (КСС) соопшти дека „остро се спротивставува“ на изјавата на претседателот на Владата, Зоран Заев дека корупцијата не постои во високите ешалони на власта, туку кај административните службеници.

Во денешното соопштение од КСС во кое се обраќаат до премиерот Заев, се наведува дека корупцијата во највисоките ешалони на власта постои, што според нив, го покажуваат бројни извештаи меѓу кои и тој на Транспаренси Интернешнл и на Стејт Департментот.

Скопје – Лидерот на СДСМ и премиер Зоран Заев соопшти дека договорил соработка за локалните избори со претседателот на ДПА, Мендух Тачи.
На својот фејсбук-профил Заев утрово напиша дека СДСМ и ДПА ќе соработуваат и реципрочно ќе се поддржат во повеќе општини.

Скопје – Министерството за труд и социјална политика преку соопштение ги повика работодавачите, негователите и воспитувачите во градинките, вработените во центрите за социјална работа и во Црвениот крст да ги почитуваат препораките на Министерството за здравство, за заштита на здравјето и превенирање на последиците од топлотните бранови кои следуваат.

Целата територија на нашата држава, како што се посочува во соопштението, ќе биде зафатена со температури од портокалова (алертна) фаза во текот на следните денови почнувајќи од утре до недела.

Скопје – Фајнанс Тинк во својот коментар за ребалансот на Буџетот за 2021 година порачува дека тој претставува „најгломазниот план од постоењето на државата кој треба да овозможи постпандемиски поттик на економијата“, но сепак, според нив, ребалансот укажува на недоволна волја за кратење на непродуктивните трошења и зголемување на капиталните расходи вон можноста на институциите да реализираат капитални проекти и со значајно помал обем, како што беше случајот во претпандемискиот период.

– Капиталните инвестиции се клучниот фактор за стимулирање на економскиот раст на долг рок, кој пак ќе биде особено значаен во постковид периодот. Сепак, пандемијата предизвика значајни промени во фискалните капацитети. Од една страна се зголемија потребите за итни трошења за справување со кризата, а од друга страна се намалија приходите, што резултираше со пораст на буџетскиот дефицит и јавниот долг. Во таа насока, наместо надувување на капиталните расходи, потребно е да се стави фокус на ефикасноста на трошењето, но и на ефективноста, од аспект на приоритизација и инвестирање во капитални проекти кои ќе дадат најголем ефект и влијание за економскиот раст, велат од Фајнанс Тинк во коментарот и укажуваат дека  веќе алармираа за тенденцијата на ребалансот од претходната година за ограничени кратења на непродуктивните трошења и сериозни резови или надувани трошења кај капиталните расходи.

Скопје – На утрешниот економски форум, што ќе се одржи во Скопје, ќе бидат потпишани неколку договори и во суштина ќе почне практичната имплементација за мобилност на луѓето и на стоки и услуги, за побрза мобилност, а ќе биде потпишан и договорот за заедничко управување со кризни ситуација и реакции во моменти на криза, информираше денеска на прес-конференција заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи.

Тој нагласи дека утре е почетокот на иплементација на она за што се зборува неколку години во рамки на Берлинскиот процес и на она што беше заедничка агенда, а тоа е овозможување и креирање на регионалниот пазар, затоа што, како што потенцира, само регионалната соработка значи поголема регионална конкурентност.

Скопје – Два меморандума за разбирање и еден меѓудржавен договор кој во огромна мера ќе го олесни животот на граѓаните од Западен Балкан и на бизнис заедницата ќе бидат потпишани во рамки на Економскиот форум за регионална соработка, што ќе се одржи утре во Скопје, а на кој ќе присустуваат премиерите на Северна Македонија, Албанија и Србија, Зоран Заев, Еди Рама и Александар Вучиќ.

Како што појаснуваат од Владата, Договорот за соработка за заштита и спасување од катастрофи во Западен Балкан и Меморандумот за разбирање за олеснување на увоз, извоз и движење на стоки во Западен Балкан произлегуваат од иницијативата за напредна регионална економска соработка меѓу Република Северна Македонија, Република Србија и Република Албанија.

Скопје – Меморандум за соработка за проект за воведување на Централна единица за следење на инфраструктурни/инвестициски проекти денеска потпишаа заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи и амбасадорката на Обединетото Кралство во земјава, Рејчел Галовеј, во присуство на раководителката на Канцеларијата за проектни услуги на Организацијата на Обединети Нации во Северна Македонија, Микела Телатин.

Целта на проектот што треба да заврши во март следната година, во вредност од 600 илјади британски фунти, средства обезбедени од британската Влада, е да придонесе во напорите на нашата Влада да го зајакне спроведувањето на инфраструктурните проекти и инвестициите, кои имаат силен импакт врз економскиот раст, создавање работни места, зачувување на животната средина и квалитет на живот на граѓаните.

Скопје – „Инста кафе“, како најгласен во реонот и „Каса Кубана“, на кеј добија решенија за преземање на мерки за намалување на вредноста на ниво на бучава во животната средина. По добиените решенија, угостителите имаат законски рок од 8 дена да постапат по истите, информираат од Општина Центар.

Добиените решенија се во рамките на спроведените акции во реонот на Дебар Маало и Кеј „13 Ноември“ и мерењета на бучава од локалите, во текот на изминатите два викенди.

Скопје – Одлука за основање на Јавна установа за управување и заштита на Националниот парк Шар Планина, донесе Владата на денешната 92. седница.

Како што соопшти владината прес-служба, со донесувањето на оваа Одлука за основање на оваа јавна Установа ќе се воспостави режим на заштита на Националниот парк Шар Планина и ќе се преземат мерки за заштита на утврдените зони во националниот парк.

Скопје – На нашиот претставник на Олимписките игри во Токио кој се закити со сребрен медал во дисциплината теквондо Дејан Георгиевски ќе му биде доделена парична награда во висина од 1.200.000 денари, одлучи Владата на Република Северна Македонија на денешната редовна 92-ра седница.

Како што соопштија од владината прес-служба, со одлуката парична награда ќе добие и неговиот тренер Дарко Костовски на кого ќе му бидат доделени 600.000 денари.

Скопје – Голема полициска акција се спроведува од рано изутрината во Сингелиќ и на други локации,  за апсење на лица вмешани во трговија со дрога и оружје, потврдуваат за МИА извори блиски до истрагата.

Видливо е полициско присуство во Сингелиќ и на други локации, а според изворите од истрагата приведени се 12 лица, а меѓу нив и еден полицаец.

Скопје – Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) информира дека минатата недела инспектор изврши надзор над депонијата во Росоман, која често се опожарува во летниот периот и од која се ослободуваат штетни емисии во воздухот.

Во текот на надзорот, како што се наведува, се утврдени траги од горење и видлив чад на повеќе места.

Скопје – Република Северна Македонија, по 21 година, со филмот „Вера сонува за морето“ повторно учествува во селекција на најстариот и најпрестижниот филмски фестивал од А категорија, Интернационалниот филмски фестивал во Венеција.

Долгометражниот игран филм „Вера сонува за морето“ е копродукција меѓу „Дрим Фектори“ од Република Северна Македонија (копродуценти: Огнен Антов, Стојан Вујичиќ), Косово: „Истра креатив фектори“ (продуцент: Шкумбрин Истрефи) и Албанија: „Пападимитри филм“ (коподуцент: Дионис Пападимитри).

Скопје – АД „Пошта на Северна Македонија“ денеска соопшти дека согласно потпишаниот договор со Халк Банка, покрај постоечките услуги, на нивните шалтери може да се извршуваат нови услуги.

Почнувајќи од вчера, 27 јули 2021, на нивните шалтери може да се извршувате следните услуги: уплата со уплатница (обр. ПП10) за физички лица, исплата на пензија на физички лица резиденти со налог за исплата на готовина (обр. ПП40), единствено за исплата на пензија од трансакциска сметка на физички лица-резиденти кои пензијата ја примаат на трансакциска сметка во Халк Банка АД Скопје.

Кичево – Кичевската коњаница „Пресвета Богородица Пречиста“ утринава го започна Илинденскиот марш од манастирот чие име и го носи. Во нивна чест во манастирот беше отслужена Света Божествена литургија од страна на отец Макариј, потоа  коњаниците положија свечена заклетва и го избраа предводникот на коњаницата Петар Велевски од Сопотница, кој по петти пат е дел од оваа коњаница.

-По седми пат  Кичевската коњаница „Манастир Пресвета Богородица Пречиста“ ќе биде учесник на Илинденскиот марш. Тринаесет коњаници ќе го изодат патот до Илинденско Крушево. Патот го започнаа утринава од  дворот на манастирот каде во нивна чест беше отслужена Света Божествена Литургија, положена комитска  заклетва, а Петар Велевски од село Сопотница беше избран за годинашен војвода, што ќе ја предводи коњаницата по целиот пат до Крушево, рече Станоја Станојоски, основоположник на Кичевската коњаница.

Скопје – Илустрираната книга за деца „Тито и Дино“, која неодамна излезе од печат во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“, е првата македонска сликовница целосно изработена со специјален фонт за дислексија.

Во делото од авторката Ј. Мишо, што е збогатено со илустрации на Оливер Коларевски, е користен кирилскиот фонт DyslexicFZF, кој е специјално изработен од Здружението за дислексија „Ајнштајн“ и Филозофскиот факултет во Скопје со цел да им се олесни читањето на лицата со дислексија.

Белград – Претседателот на Српската трговска комора (ПКС) Марко Чадеж најави деловен форум што утре во Скопје ќе собере околу 350 компании од Западен Балкан, каде треба да се бараат барањата на бизнисмените на единствен пазар каде бизнисот би бил многу полесен, поедноставен и побрз.

Чадеж денеска изјави дека на форумот ќе присуствуваат премиерите на Албанија и Северна Македонија, Еди Рама и Зоран Заев и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, кој ќе потпише неколку договори за олеснување на работењето на економиите на трите земји и го прават заедничкиот пазар поконкурентен, како и дека се очекуваат повеќе од 400 билатерални средби на бизнисмени.

Загреб – Министерката за регионален развој и фондови од Европска Унија, Наташа Трамишак, изјави дека првите 819 милиони евра од европските фондови поврзани со хрватскиот национален план за обнова и издржливост може да се очекуваат во септември или на почетокот од октомври.

Министрите за финансии на ЕУ дадоа зелено светло на планот со повеќе од шест милијарди евра грантови, како и 3,6 милијарди евра многу поволни заеми.

Сараево – Обвинителството на Босна и Херцеговина веќе формираше предмети во случаи на негирање геноцид, врз основа на пријави од неколку граѓани, потврди за Радио Слободна Европа (РСЕ) Борис Грубешиќ, портпарол на Обвинителството на БиХ.

– Откако високиот претставник ја објави одлуката во петокот, во наредните денови веќе почнавме да добиваме пријави од неколку граѓани, така што некои предмети се веќе формирани, истакна Грубешиќ.

Софија – Пред почетокот на редовната седница на бугарската влада техничкот премиер Стефан Јанев го изрази своето задоволство од дијалогот меѓу парламентарните партии „Има таков народ“, „Демократска Бугарија“, БСП и коалицијата „Стани БГ! Доаѓаме!, за формирање влада.

Во својот коментар, сепак, тој ги повика четирите партии да склучат договор за коалиција со јасни и конкретни обврски кон граѓаните.

Софија – Стотици бугарски граѓани биле прислушувани на барање на специјалното обвинителство и со дозвола на Специјализираниот суд. Ова го нагласи министерот за внатрешни работи на Бугарија, Бојко Рашков по барање на ГЕРБ-СДС во врска со обвинувањата за нелегално прислушување на политичари и граѓани.

– Вие барате од мене како министер за внатрешни работи да ги набројам имињата, но сте го згрешиле името, не се викам Цветан Цветанов, изјави Рашков и посочи дека законот не дозволува откривање на такви информации.

Берлин – Новиот недостиг на чипови на глобалниот пазар го принуди германскиот производител на автомобили Дајмлер да го запре производството во три германски и во еден унгарски погон.

Илјадници работници во фабриките во Синделфинген, Растат и Бремен имаат скратено работно време, нагласија од Дајмлер.

Берлин – Се повеќе осигурителни компании ги објавуваат своите проценки за износот на штетите предизвикани од поплавите кои ја зафатија Германија по силното невреме. Лидерот на пазарот „Алијанц“ го посочи вкупниот износ од над 500 милиони евра што групата очекува да им ги исплати на погодените клиенти.

„Алијанц“ има добиено околу 13.000 пријави за причинета штета на секторот за домаќинства и станбени згради, како и околу 3.000 пријави за оштетени возила.

Лондон – Тинејџерката од белгиско-британско поотекло, Зара Радерфорд тргнува на патување од 51.000 километри околу светот со својот ултра-лесен авион „Шарк“ – најбрзиот микро-авион во светот. Авантурата почнува на 11 август.

Ако потфатот успее, девојката ќе биде најмладата личност која со мало воздушно летало го обиколила светот и најмладата жена која го сторила тоа. Сегашниот светски рекорд го држи Шајста Вајз која го заврши своето патување на 30-годишна возраст.

Пекинг – Делегација на талибанците на највисоко ниво пристигна во Кина на разговори со претставници на Пекинг, изјави портпаролот Мохамад Наим.

Во меѓувреме, бунтовниците продолжуваат да вршат голема офанзива низ цел Авганистан, вклучително и во областите долж заедничката граница со Кина.

Сеул – Северна и Јужна Кореја разговараат за повторно отворање на заедничката канцеларија за врски, која Пјонгјанг ја укина минатата година, и одржување на самит во рамки на напорите за обнова на односите, соопштија тројца извори од јужнокорејската Влада запознати со ова прашање.

Јужнокорејскиот претседател Мун Џае-ин и севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун бараат начини за подобрување на тензичните односи со размена на повеќе писма од април, велат анонимните извори.

Кито – Еквадор му го одзеде државјанството на основачот на Викиликс, Џулијан Асанж, кој е во лонддонскиот затвор Белмарш.

Еквадорските правосудни власти формално го известија Австралиецот за одземањето на државјанството.

Токио – Македонскиот атлетичар Јован Стојоски со нетрпение го очекува својот деби настап на едни Олимписки игри. Тој ги прави последните подготовки за трката на 400 метри закажана за 1 август.

– Задоволен сум од подготовките коишто ги одработив. За Токио се подготвував две години. Олимписките игри се сон за секој спортист, голем предизвик. За мотивот не треба да се зборувам премногу. Предизвикот е голем, имам голема чест, да настапувам под македонското знаме, тоа ми дава обврска да дадам се од себе. Никогаш не сум се штедел, вака ќе биде и на трката. Конкуренцијата ќе биде голема, но тоа го прави чувството посебно. Имам искуство на другите натпреварувања, се надевам дека ќе успеам да остварам резултат за почит, истакна Стојоски.

Токио – Првиот светски рекет Новак Ѓоковиќ избори четвртфинале на Олимпијадата во Токио, по победата над Фокина Давидович од Шпанија со 2-0, по сетови 6:3 и 6:1.

Србинот е последниот кој обезбеди учество помеѓу најдобрите осум. Негов следен противник ќе биде Кеи Нишикори од Јапонија.

Лондон – Формула 1 потпиша договор за одржување на Големата награда на Катар во 2021 година, објави британскиот новинар Џо Садсворд.

Гран-при Катар технички ќе го заземе местото на откажаната Гран-при на Австралија во натпреварувачкиот календарот.

Скопје – Периодот на многу топло време со натпросечни температури за овој период од годината ќе продолжи. Ќе биде активно портокалово ниво на опасност од високи температури. Наместа вдолж Повардарието температурата ќе го надминува 40-тиот степен, соопшти Управата за хидрометеоролошки работи.

Времето утре ќе биде сончево и многу топло. Утринските температури ќе се движат од 14 до 23 степени, а дневните од 33 до 41 степен. Во Скопје и околината времето ќе биде сончево и многу топло со утринска температура до 20 степени, а дневна до 40 степени. Во понеделник, како што посочуваат од УХМР, ќе дува засилен претежно северен ветер кој ќе предизвика благо опаѓање на температурите повеќе во северните делови од земјата.

Back to top button
Close
Close