МИА Флеш

МИА Флеш

Скопје, 18 мај 2020/16:00

Скопје – Институтот за јавно здравје денеска регистрира осум оздравени пациенти и тоа во: Скопје – 7 и Прилеп – 1. На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби почина пациентка од Куманово (60 г.), хоспитализирана на клиниката од 27 април. Во ГОБ „8 Септември“ почина пациент од Струга (59 г.), примен на 16 мај и пациент од Скопје (51 г.) хоспитализиран на 4 мај. Во изминатите 24 часа направени се 286 тестирања, а регистрирани се 25 нови случаи со Ковид-19 и тоа во: Скопје-16, Тетово-4, Струга-1, Велес-2 и Охрид-2, соопшти Министерството за здравство.

Штип  – Владата го доставила Предлог-нацрт договорот до ТАВ, според кој, наместо за изградба на Карго аеродром меѓу Свети Николе и Штип, средствата од околу 49 милиони денари да се искористат за изградба на нови водоводи, канализации, градинки и училишта низ општините во земјава. Како што изјави денеска министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, одговорот од ТАВ се очекува во најбрз можен рок.

Скопје– Владата на Република Северна Македонија посветува посебно внимание на семејствата на кои им е потребна социјална поддршка. Во услови на пандемија, од исклучителна важност е успешното справување со последиците на коронакризата и заштита на граѓаните, посебно на најранливите меѓу нас, рече заменик-министерот за труд и социјална политика Ѓонул Бајрактар, при посетата на новата Канцеларија за социјални работи во општина Студеничани заедно со дополнителната заменик министерка Санела Шкријељ и градоначалникот Азем Садики.

Охрид  – Почнаа активностите за отстранување на нелегално изградениот ѕид во авто-кампот „Градиште“, соопшти на фејсбук градоначалникот на општина Охрид Константин Георгиески. Тој информира дека градежен, комунален инспектор и инспектор за животна средина, утрово, извршиле увид по што било констатирано дека изведувачот нема постапено согласно издаденото решение за отстранување.

Штип – До крајот на мај или почетокот на наредниот месец се очекува распишување на првиот тендер за инфраструктурен проект на Владата, „Македонија без кал“, најави денеска во Свети Николе министерот за транспорт и врски Горан Сугарески. Станува збор за 15 до 20 општини, согласно оние најспремни проекти коишто се, а потоа за месец до два ќе се распишува и вториот и третиот тендер. Значи сите активности очекуваме да почнат од следниот месец, со распишување на првите тендери се со цел да по завршувањето на нив да отпочне со изградба на улици и патишта, рече Сугарески.

Скопје – Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) го потпиша Договорот за јавниот оглас „Услуги за модификација на време со авионско засејување“ со што почнува и реализацијата на заштитата од град со авионско засејување на облаците. Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски и директорот на УХМР, Ивица Тодоровски денеска на спортскиот аеродром Стенковец присуствуваа на првиот пробен лет на авионите кои ќе вршат засејување на облаците. Средствата за проектот вреден околу 60 милиони денари, се обезбедени преку Програмата за рурален развој.

Струмица – Општина Радовиш гради потпорeн ѕид на улицата „Свети Спасо Радовишки“ во должина од 40 метри со кој се спречува одронување од дел од ридот и се зафаќаат и регулираат водите од него, информира градоначалникот, Герасим Конзулов. За реализирање на овој голем градежен зафат ќе потрошиме околу 1,5 милиони денари и решаваме голем проблем на граѓаните и воопшто на градот. Овој рид подолго време ни задаваше проблеми при поголеми врнежи и претставуваше опасност за движење на граѓаните и нормално одвивање на сообраќајот, додаде градоначалникот Конзулов.

Скопје – Шест нови паркови, дополнителна комунална опрема, хортикултурно уредување и поставување на нови детски реквизити во Битола се дел од првата фаза на проектот „Еко офанзива“. До крајот на годината, како што истакна градоначалничката на Битола, Наташа Петровска општината ќе добие сосема поинаков изглед.

Атина  – Владата подготвува кохерентен план за рестартирање на туризмот, кој ќе биде соопштен во следните денови, рече портпаролот на грчката Влада, Стелиос Пецас на денешниот редовен брифинг со новинарите, повторувајќи уште еднаш дека „ова лето нема да биде како ланското и не треба да се прави споредба“, јави дописничката на МИА од Атина.

Белград – Пратеничката на Европскиот парламент и шефицата на делегацијата на ЕП за соработка со официјален Белград Тања Фајон повторно ги повика сите политички сили и граѓаните на Србија да се вклучат во изборниот процес. На тој начин, како што изјави таа за Радио Слободна Европа, ќе се обезбеди најголема можна застапеност и промоција на разни идеји и придонеси, што го зајакнуваат плурализмот и демократијата, а кои треба да бидат главните цели што ќе да ги следат властите.

Подгорица – Претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ, оцени дека Српската православна црква (СПЦ) би сакала да управува со Црна Гора и да ги одредува нејзините насоки и карактер. „Дали Црна Гора е место во Европа или од другата страна“, рече Ѓукановиќ на прес-конференција по повод две години од мандатот, што се одржува пред резиденцијата во Цетиње, пренесува „Вијести“.

Франкфурт– Економијата на еврозоната веројатно нема да се врати на нивото пред пандемијата до идната година, а закрепнувањето би можело да трае подолго, изјави главниот економист на Европската централна банка (ЕЦБ), Филип Лејн. Во секој случај, гледано од сегашната перспектива, се чини дека економската активност нема да се врати на нивото пред кризата пред 2021 година и закрепнувањето би можело да трае подолго , изјави Лејн.

Стокхолм – Шведска денеска пријави најсилен земјотрес во историјата на рударството, со јачина од 4.1 степени, што настанал со минирање на вратило во рудник за железо, северно од Арктичкиот круг, соопшти компанијата што управува со рудникот ЛКАБ. Во моментот на земјотресот во рудникот се наоѓале 13 рудари, кои веднаш биле евакуирани и нема повредени лица.

Брисел – Европската Комисија (ЕК) жали што демолирањето на националниот театар се случи без дијалог со граѓанското општество и повикува на воздржаност од сите страни, јави дописничката на МИА од Брисел.

Женева– Претседателот на Кина, Си Џинпинг апелираше за независна процена на глобалниот одговор на Светската здравствена организација на пандемијата со Ковид-19 кога ситуацијата ќе биде ставена под контрола. Тој во обраќањето преку видео врска на денешното Собрание на СЗО вети две милијарди долари во текот на две години за справување со новиот коронавирус.

Њујорк – Новиот коронавирус успеа да се прошири низ целиот свет, бидејќи земјите не беа обединети во борбата против него, изјави генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш. Видовме одредена солидарност, но многу малку единство во нашиот одговор на Ковид-19, истакна Гутереш на почетокот на годишната сесија на Светската здравствена организација(СЗО).

Преторија – Во земјите во Африка, 84.183 лица се заразени со новиот коронавирус, а починати се 2.739 лица, соопшти денеска огранокот на Светската здравствена организација (СЗО) за Африка. Најголем број случаи се регистрирани во Јужна Африка, 15.515 лица, а 264 лица починале од Ковид-19 во таа земја.

 

Провери го и ова

Close
Back to top button
Close
Close