Скопје, 27 јули 2021 (МИА) – Во иднина нападот врз новинари нив ќе се третира исто како напад врз службено лице. Воведуваме строги казни и за закана за напад врз новинари. Дополнително, во иднина обвинителството ќе постапува по службена должност при вакви случаи. Ова беше едно големо барање на Здружението на новинари, чиј претставници активно учествуваа во Работната група која ги подготвуваше измените на КЗ.

За ова денеска информираше на прес-конференција министерот за правда Бојан Маричиќ, кој посочи дека Владата на денешната седница, што се уште е во тек, усвоила повеќе измени и дополнувања на Кривичниот законик, а првите се однесуваат на новинарите. Со тие измени, нагласи тој, се предвидуваат конкретни новини со кои во нашата држава значително се зголемува безбедноста на новинарите, но и медиумските работници, односно снимателите и фоторепортерите. Министерот Маричиќ очекува овие законски измени кои веднаш, како што рече, ќе бидат проследени во Собранието, да бидат усвоени во септември.

Скопје, 27 јули 2021 (МИА) – Министерството за здравство информира дека утре, среда, теренската вакцинација ќе се одвива во следните населени места:

Тетово – Брвеница, Д.Седларце, Пирок, Раковец 

Гостивар – Беловиште, Лакавица 

Струмица – Ангелци, Градашорци,  

Кочани – Кучичино 

Кичево – Извор, Малкоец, Попоец, Душугубица, Подвис,Добреноец 

Македонски Брод – Г.Крушје, Д.Крушје, Црешнево,Слатина, Грешница 

Велес –  Сливник, Клуковец

Берово – Митрашинци 

Од Министерството за здравство известуваат дека секојдневно ќе информираат преку соопштенија за денот и местата за теренско вакцинирање за Ковид 19.

Скопје, 27 јули 2021 (МИА) – Во последните 24 часа се регистрирани нови 39 случаи на Ковид-19, од направени 3.839 тестирања. Оздравени се 12 пациенти, а нема починати пациенти, информира Министерството за здравство, согласно податоците од Институтот за јавно здравје.

Од новите случаи, во Тетово се 14, во Скопје 12, во Гостивар 5, во Куманово 4, во Кичево 2 и во Битола и Валандово по 1.

Скопје, 27 јули 2021 (МИА) – Охридскиот рамковен договорот донесе нов дух на водење политики кои градат мостови, а не ги рушат, политики коишто ги сплотуваат граѓаните и не ги делат на патот на кој ја обезбедуваме иднината на нашата земја во заеднички евроатлански дом заедно со другите народи. Со Охридскиот рамковен договор нашата држава е постабилна и побезбедна, со загарантирана меѓуетничка толеранција и посилна социјална кохезија. Заедно се развиваме како држава во која шансите за благосостојба се еднакви за сите, како членка на НАТО и идна членка на ЕУ.

Ова го изјави премиерот Зоран во обраќањето на денешната тематска седница на Владата посветена на 20 годишнината од Охридскиот рамковен договор.

Токио, 27 јули 2021 (МИА) – Македонскиот таеквондистот Дејан Георгиевски го освои второто место и сребрениот медал на Олимпијадата во Токио.

Тој попладнево во финалето во категоријата +80 килограми, загуби од Русинот Владислав Ларин со 15:9.

Атина, 27 јули 2021 (МИА) – Шумски пожар денеска избувна во северните предградија на Атина, во подножјето на планината Пентели, заканувајќи се на домовите во близина поради силниот ветер, соопштија пожарникарите и локалните власти.

– Пожарот е вон контрола, изјави Јанис Калафателис, градоначалник на Дионис, еден од градовите погодени од пожарот.

Приштина, 27 јули 2021 (МИА) – Косовската царина од 1 јануари до 26 јули годинава остварила над 700 милиони евра приходи, што е за 30 отсто повеќе одошто во истиот период минатата година, јави дописникот на МИА од Приштина.

Според соопштението на Царината, годинава за прв пат во неполни седум месеци се реализирани над 700 милиони евра приходи.

Белград, 27 јули 2021 (МИА) – Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави денеска дека не сака да влегува во мерки и контрамерки во БиХ по одлуката на високиот претставник Валентин Инцко затоа што се работи за друга земја, но додаде дека Србија не може да ја остави Република Српска (РС) без економска поддршка и во било кој друг поглед, јави дописникот на МИА од Белград.

Вучиќ по повод одлуката за забрана за негирање на геноцидот во Сребреница, оцени дека „наметнувањето и октроирањето одлуки однадвор никогаш не може да донесе добри резултати“.

Лондон, 27 јули 2021 (МИА) – Британскиот премиер Борис Џонсон денеска изјави дека е важно луѓето да не донесуваат предвремени заклучоци по само неколку дена подобрена состојба со Ковид-19 и ги замоли жителите на остоворот да останат внимателни.

-Секако дека забележав дека имаме подобри бројки во последните шест дена, но многу, многу е важно од тоа да не дозволиме да извлечеме избрзани заклучоци, им рече Џонсон на новинарите при посета на една полициска станица.

Москва, 27 јули 2021 (МИА) – Официјална Москва се надева дека на утрешниот состанок со американски претставници во Женева ќе утврди колку е „сериозен“ Вашингтон во желбата за дијалог, соопшти денеска руското Министерство за надворешни работи.
Рускиот заменик министер за надворешни работи Сергеј Рјабков изјави дека руската страна на состанокот треба да утврди „колку американската страна е сериозна во желбата за енергичен и фокусиран дијалог за стратешка стабилност“. Дијалогот за стратешка стабилност е воспоставен за време на самитот на претседателите на САД и Русија, Џо Бајден и Владимир Путин, на состанокот на 16 јуни во Женева. Дијалогот има за цел да ги стабилизира тензичните односи меѓу Русија и САД.

Брисел, 27 јули 2021 (МИА) – Европската Унија се огласи денеска по последните случувања во градот Вароша во Кипар и ги осуди изјавите на турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган како и на лидерот на турско-кипарската заедница.

Изјавите и мерките околу градот Вароша од страна на Турција се спротивни на меѓународното право, изјави Европската Унија преку својата дипломатска служба.

Техеран, 27 јули 2021 (МИА) – Иран денеска забележа над 34.900 нови случаи на коронавирус, со што беше соборен нов рекорд, откако бројот на заразени во понеделникот достигна 31.814.

Здравствените власти денеска забележаа 157 смртни случаи, со што вкупниот број починати од Ковид-19 достигна 89,479.

Исламабад, 27 јули 2021 (МИА) – Илјадници луѓе се собраа во северозападниот пограничен регион на Пакистан, барајќи мир во соседен Авганистан, каде безбедносната состојба се влошува пред целосното повлекување на меѓународните трупи.

Движењето Паштун Тахафуз (ПТМ), телото кое ги брани правата на етничките Паштуни, го организираше собирот во регионот на Јужен Вазирстан.

Париз, 27 јули 2021 (МИА) – Франција го осуди нападот врз кубанската Амбасада во Париз, изјави денеска портпаролот на француското Министерство за надворешни работи.

Тој рече дека е отворена истрага за инцидентот.

Кубанската Амбасада во Париз претходно соопшти дека нејзината зграда била нападната со молотови коктели, дека е направена сериозна материјална штета на зградата, но никој од дипломатскиот персонал не е повреден.

Back to top button
Close
Close