Скопје, 26 јули 2021 (МИА) – Претседателот Стево Пендаровски и неговата сопруга Елизабета Ѓоргиевска денеска остварија средба со членовите на здружението за рехабилитација и инклузија на лица со Даунов синдром „Дневен центар Доза среќа“.

Како што соопштија од претседателскиот кабинет, членовите на „Дневен центар Доза среќа“ ги запознаа претседателот и неговата сопруга со актуелните активности на ова здружение, во насока на унапредување на квалитетот на живот и остварување на правата на лицата со Даунов синдром.

Скопје, 26 јули 2021 (МИА) – Согласно податоците од Институтот за јавно здравје, во последните 24 часа се направени 2.473 тестирања, а регистрирани се 10 нови случаи со Ковид-19, од кои седум во Скопје и по еден во Прилеп, Тетово и Струга. Пријавени се две починати лица од: Гостивар (67г) и Тетово (62г) починати во болнички услови. Регистрирани сe 16 оздравени пациенти од кои десет од Тетово, Скопје и Гостивар  по двајца и од Прилеп и Штип  по еден, соопшти Министерството за здравство.

Направени се 2.473 тестови преку: ИЈЗ-26, ЦЈЗ Скопје-21, ЦЈЗ Битола-0, ЦЈЗ Прилеп-43, ЦЈЗ Тетово–0, ЦЈЗ Куманово–0, Клиника за инфективни болести и фебрилни состојби-0, Судска медицина-0, лабораторија болница Козле-0, УК Пулмологија со алергологија 0, ГОБ 8-ми Септември-0, Институт за микробиологија–18, Жан Митрев (Филип Втори)-60, Авицена-58, Биотек-56, Систина-62, лабораторија Лаор-0, Синлаб-0, Ремедика-0, Плодност–0, Генеа–0, Никоб лаб-447, ВФВ Медикал-19, Ели Медика-1, ЈЗУ и ПЗУ (рапид тест) – вкупно 1662.

Скопје, 26 јули 2021 (МИА) – Изречените казни за обвинетите во случајот „Организатори на 27 април” според обвинителката Гордана Смаќоска, се многу ниски. Во изјава за медиуми таа посочи дека е изненадена од ниските казни бидејќи во претходната пресуда за самите извршители на насилствата во Собранието беа изречени многу високи казни.

– Мислам дека пресудата е таква каква што е. Судијата ќе образложи зошто ја донел и зошто олеснителните околности преовладувале во овој конкретен случај кај едно вакво тешко кривично дело, а не отежителните кои и самите имавте можност да ги чуете колку судот ги нагласува. Со самото нагласување на сите тие отежителни околности за судот по мое мислење не смееше судот да си дозволи да има пониска казна од 10 години, барем по мое јавнообвинителско видување на самиот настан, бидејќи доколку не постоеја овие обвинети како организатори немаше да се случи и самиот настан, изјави јавната обвинителка Смаќоска.

Скопје, 26 јули 2021 (МИА) – Делегација на Владата предводена од премиерот Зоран Заев, заедно со  првиот заменик-претседател во Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби и министерката за одбрана Радмила Шекеринска, денеска положи цвеќе на Споменикот на жртвите од земјотресот, што го погоди Скопје во 1963 година.

Поминаа 58 години од катастрофалниот земјотрес на 26 јули кој однесе 1 070 човечки животи, дополнително беа повредени најмалку три илјади лица, а околу 200 илјади скопјани останаа без своите домови.

Скопје, 26 јули 2021 (МИА) – Играниот филм „М“ на режисерот Вардан Тозија, во продукција на „Фокус покус филмс“, е награден во програмата „Works in
Progress (Филмови во изработка)“ на годинашниот Интернационален филмски фестивал во Пула.

– Во конкуренција со уште десет селектирани меѓународни филмски проекти во фаза на
постпродукција, филмот „М“ беше успешно презентиран од продуцентот Дарко
Попов. Реномираното интернационално жири, во состав Сајмон Пери, британски продуцент, Вања Калуџерчиќ, уметничка директорка на ИФФ Ротердам и Хавиер Анри Рашид, сопственик на агенцијата за продажба на филмови Film Republic, се одлучи наградата за постпродукциски услуги во вредност од 12.000 евра да му ја додели на македонскиот филм. Копродукциската соработка од наградата се реализира со студиото „Слипвокер“ од Прага, соопшти „Фокус покус филмс“.

Белград, 26 јули 2021 (МИА) – Во Србија во првите шест месеци од оваа година бројот на новороденчиња опаднал за 1,7 отсто,а бројот на смртни случаи достигна бројка од 27,6% поголема отколку во истиот период минатата година, соопшти Републичкиот завод за статистика (РЗС), јави дописиникот на МИА од Белград.

Од почетокот на годината до јуни родени се 28.813 бебиња, што е помалку за 1,7 отсто од истиот период минатата година, или 501 новороденче, се наведува во извештајот на РЗС.

Софија, 26 јули 2021 (МИА)  – До крајот на неделава треба да има подготвена влада на Бугарија со имиња, изјави Радостин Василев од бугарската политичка партија „Има таков народ“.

Василев истакна дека е одлука на политичкото раководство на партијата дали повторно ќе му биде понудено министерско место, јави дописникот на МИА од Софија. Мандатот за формирање на бугарската влада претседателот треба да го предаде до крајот на неделава.

Копенхаген, 26 јули 2021 (МИА) – На луѓето во Данска кои примиле две различни вакцини против Ковид-19 ќе им биде понудена трета доза на вакцина, за да им се признае статус на целосно имунизирано лице надвор од Шенген зоната, каде што важат различни регулативи.

Данското Министерство за здравство соопшти дека на луѓето кои примиле различни вакцини ќе им биде понудена трета доза откако ќе заврши националната програма за вакцинација.

Москва, 26 јули 2021 (МИА) – Руското државно биро, задолжено за набудување на Интернетот,  „Роскомнадзор“ го блокираше сајтот navalny.com, на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални кој од јануари се наоѓа во затвор, како и 48 други сајтови на лица и организации поврзани со него, соопшти денеска тимот на Навални.

Рускиот суд во јуни го одобри барањето на обвинителите организациите поврзани со Навални да бидат прогласени за екстремистички, по што беа забранети, јавија британските медиуми.

Брисел, 26 јули 2021 (МИА) – Министрите за финансии на земјите членки на ЕУ денеска ги потврдија позитивните проценки и започнаа писмена постапка за одобрување на плановите за закрепнување и издржливост на четири земји-членки.

– Одлична вест за уште четири земји-членки – Хрватска, Кипар, Литванија и Словенија. Ги потврдивме позитивните проценки на националните планови на тие четири земји, рече словенечкиот министер за финансии Андреј Ширчељ по завршувањето на неформалниот состанок на Советот за финансии и економија.

Вашингтон, 26 јули 2021 (МИА) – Научници од цел свет на виртуелен состанок следните две недели ќе се обидат да го комплетираат најновиот извештај за состојбата на климата, а екстремните временски услови со кои се соочува светот дополнително ја истакнуваат потребата од подетално истражување за тоа како ќе се развива ситуацијата, особено локално.

Списокот на екстремни временски појави во последните неколку недели е застрашувачки: невидени обилни дождови проследени со разорни поплави во Европа и централна Кина, температури од 49 степени Целзиусови во Канада, тропски горештини во Финска и Ирска, пожари во сибирската тундра, шумски пожари во САД од невидени размери и рекордна суша низ целиот американски запад и делови од Бразил.

Њу Делхи, 26 јули 2021 (МИА) – Спасувачките екипи во Индија копаат низ густа кал и шут за да ги пронајдат 60-те лица што се претпоставува дека се закопани во звлечиште предизвикано од монсунски дождови, во кои за четири дена во ова аогромна земја загинаа 160 лица.

Западните индиски федерални држави Махараштра и Гоа, како и Карнатака и Телангана на југ, се најтешко погодени од обилните дождови што ги поплавија земјоделските полиња на илјадници хектари земја и ги принудија властите да преместат 230.000 луѓе на побезбедни места.

Токио, 26 јули 2021 (МИА) – По пауза од две и пол децении, рускиот национален тим го освои златниот медал на Олимпијадата во спортска гимнастика екипно.

Русите во крајно драматична и неизвесна борба, по вежбите во шест дисциплини, беа поуспешни од Јапонците.

Валмеира, 26 јули 2021 (МИА) – Еден од двата ривала на македонските кошаркарки во Мундијалските претквалификации, репрезентацијата на Швајцарија, загуби на гости од Летонија со 85:66.

Клучна за поразот на Швајцарците во првиот тест дуел, беше лошата игра во последната четвртина која ја загубија со 23:9.

Back to top button
Close
Close