Скопје, 23 јули 2021 (МИА) – Министерството за здравство информира дека во последните 24 часа не е починат ниту еден пациент од Ковид-19. Од направени 3.569 тестирања, регистрирани се 36 нови случаи и 12 оздравени пациенти.

Од новорегистрираните 36, од Куманово се 15, Скопје – 7, Тетово – 6, Гостивар – 2, Прилеп, Велес, Штип, Струмица ,Кочани и Кичево – по 1.

Од регистрираните 12 оздравени пациенти,  од: Тетово се 5, Скопје – 4, Битола – 2 и Свети Николе – 1.

Скопје, 23 јули 2021 (МИА) – Министерството за финансии информира дека Република Северна Македонија денеска во целост ја исплатила Еврообврзницата издадена во 2014 година и со тоа се раздолжила за 500 милиони евра, што придонесе долгот, (државниот и јавниот) само по овој основ да се намали за 4,358 п.п.. Од Министерството за финансии велат дека ја докажуваат својата цврста заложба за стабилизирање на долгот и негово позиционирање во рамки на Мастришкиот критериум, односно ниво под 60 отсто.

-Денеска успеавме да докажеме дека буџетот е ликвиден. Денеска извршивме исплата на 500 милиони евра за Еврообврзницата од 2014 година за која годишно плаќавме камата од 20 милиони евра, а со Еврообврзницата земена во март годинава каматата е осум милиони евра. Ова е исклучително важно за да создадеме јасна слика во каква кондиција е буџетот и како ги менаџираме сите програми што  се предвидени во време на криза,  рече министерот за финансии Фатмир Бесими на пленарната седница во Собранието каде се одвива расправа по предлог ребалансот на буџетот за 2021 година.

Струга, 23 јули 2021 (МИА) – Дваесет сертифицирани негуватели и негователки ќе им помагаат на 60 корисници во Општина Струга во рамките на проектот „Нега на стари лица во домашни услови во општина Струга”, што го спроведува Црвен крст Струга со финансиска поддршка на Министерство за труд и социјална политика и Светска Банка.

Сертификатите денеска им ги доделија градоначалникот на Општина Струга Рамиз Мерко и секретарот на Црвен крст Струга Адуриме Даути.

Скопје, 23 јули 2021 (МИА) – Собранието на Република Северна Македонија денеска во рамки на 47-та седница ја продолжи расправата за дополнетиот ребаланс на Буџетот за 2021 година.

Пратениците од опозициските партии и во денешната расправа рекоа дека ребалансот е одлика на една неодговорна власт, која ги донесе граѓаните да бидат најзадолжени во историјата,  а економијата да биде  во најголема криза.

Скопје, 23 јули 2021 (МИА) – Огласи за вработување вкупно 500 образовни асистенти за учебната 2021/2022 година, за кои од буџетот на МОН се обезбедени 59 милиони денари, објавија пет ресурсни центри кои ќе ги опслужуваат сите основни училишта низ државата во кои има ученици со атипичен развој. Асистентите ќе им бидат поддршка на наставниците и нивната улога ќе биде да ја усогласат и приспособат наставната програма за да ја совладаат и учениците со попречености.

Образовните асистенти ќе бидат вработени во основните училишта со ресурсен центар: „Златан Сремец“ и „Иднина“ од Скопје, „Климент Охридски“  од Ново Село, „Маца Ѓоргиева Овчарова“ од Велес и Заводот за рехабилитација на деца со оштетен слух, говор, глас и други проблеми во развојот „Кочо Рацин“ од Битола. Ќе добиваат плата од нешто над 24.000 денари. Треба да имаат високо образование – психолози, социјални работници, специјални едукатори и рехабилитатори, наставници во одделенеска настава и наставници во предметна настава.

Скопје, 23 јули 2021 (МИА) – Членството во НАТО ни го понуди ова како нова шанса – да ја збогатуваме одбранбената, но да ја збогатуваме и политичката соработка со земјите кои што се важни во Алијансата, но и земји кои што се важни во Европската Унија и таа шанса и овој пат ја користиме – да покажеме дека Северна Македонија е држава која стои на договореното, дека е држава на која што може да се смета и дека е држава која што вложува во својата одбрана, но вложува исто така и во вредностите на Алијансата, изјави министерката за одбрана Радмила Шекеринска во Лисабон.

Шекеринска, која е во прва официјална посета на еден наш министер за одбрана на Португалија во изминатите 30 години, истакна дека бројните успешни средби на министерско и армиско ниво, отвориле пат кон одбранбени односи и поголема политичка соработка помеѓу двете земји.

Охрид, 23 јули 2021 (МИА) – Центарот и советодавните тела на УНЕСКО им дадоа на Северна Македонија и на Албанија дополнителни две години да постапуваат по препораките содржани во Реактивните мисии на Комитетот за Светско наследство на ОН, за да избегнат поместување на Охридскиот регион на листата Светски културни и природни богатства во опасност.

Комитетот за Светско наследство при Организацијата на ОН за образование, наука и култура на 44 сесија што се одржува во кинескиот град Фуџоу го прифати предлогот на Националната комисија на УНЕСКО на Босна и Херцеговина за бришење на одредбите од нацрт-одлуката што значеа поместување на регионот на листата загрозени богатства од универзална вредност.

Белград, 23 јули 2021 (МИА) – Експертскиот комитет за имунизација на Србија даде препорака за третата доза на вакцина против коронавирус, потврди државниот секретар во Министерството за здравство, Мирсад Ѓерлек, јави дописникот на МИА од Белград.

Претходно денес, премиерката Ана Брнабиќ за ТВ Пинк ја најави седницата на Националното тело за имунизација, кое ќе даде мислење на Кризниот штаб за третата доза, врз база на што на 1 август Кризниот штаб ќе засадава и ќе даде препораки.

Атина, 23 јули 2021 (МИА) – Потребата сите граѓани да се вакцинираат, како единствено решение за справување со пандемијата, ја истакнаа грчката претседателка Катерина Сакеларопулу и грчкиот премиер Кријакос Мицотакис за време на нивната денешна средба, јави дописничката на МИА од Атина.

Мицотакис ја информираше Сакеларопулу за ситуацијата со пандемијата во земјата, рече дека вчера надминаа десет милиони аплицирани дози, а процесот на вакцинација се одвива според планот, но истакна дека поради мутацијата Делта потребно е засилување на напорите да се убедат и најскептичните дека треба да се вакцинираат.

Париз, 23 јули 2021 (МИА) – За претседателот на научниот совет Жан-Франсоа Делфреси, која ја советува француската Влада во борбата против Ковид-19, „враќање во нормала“ е можно само во 2022 година, па дури и во 2023 година. Тој ги потенцира „вонредните капацитети на мутација“ на коронавирусот и предвидува можна нова варијанта во текот на зимата, јави дописникот на МИА.

-Ќе победиме против Ковид-19, но ќе мора да бидеме трпеливи. Враќањето во нормала е можеби за 2022, 2023 година, вели Жан-Франсоа Делфреси, во интервјуто за БФМТВ и РМЦ.

Рим, 23 јули 2021 (МИА) – Најбогатите земји-членки на Г-20 првпат во историјата ја препознаа врската помеѓу климатските промени, животната средина, енергијата и сиромаштијата, изјави италијанскиот министер за еколошка транзиција, Роберто Чинголани.

Тој на министерската конференција за заштита на животната средина во Неапол рече дека заедничкото соопштение е резултат на повеќемесечни преговори што и претходеа на конференцијата, што, како што вели, покажува дека ова не е епизоден документ, туку трасирање однесување на големите кон животната средина во иднина, пренесува Анса.

Токио, 23 јули 2021 (МИА) – Предводени од знаменосецот Дејан Георгиевски и веднаш до него Арбреша Реџепи, на „Националниот стадион“ во Токио, попладнево зачекорија македонските натпреварувачи кои ќе ја претставуваат нашата земја на Олимписките игри 2020.

Македонската експедиција на свеченото отворање се појави како 50-та.

 

Back to top button
Close
Close