Скопје, 22 јули 2021 (МИА) – Согласно податоците од Институтот за јавно здравје, во последните 24 часа се направени 2.896 тестирања, а регистрирани се 17 нови случаи со Ковид-19: Тетови – 9, Скопје – 6, и Прилеп и Гостивар – по 1. Регистрирани сe седум оздравени пациенти од: Куманово и Тетово – по 3 и Скопје – 1. Регистрирано е едно починато лице од Скопје (70 години), во болнички услови, соопшти Министерството за здравство.

Направени се 2.896 тестови преку: ИЈЗ-117, ЦЈЗ Скопје-48, ЦЈЗ Битола-31, ЦЈЗ Прилеп-20, ЦЈЗ Тетово–23, ЦЈЗ Куманово–12, Клиника за инфективни болести и фебрилни состојби-0, Судска медицина-0, лабораторија болница Козле-0, УК Пулмологија со алергологија 0, ГОБ 8-ми Септември-9, Институт за микробиологија–19, Жан Митрев (Филип Втори)-73, Авицена-161, Биотек-171, Систина-76, лабораторија Лаор-267, Синлаб-33, Ремедика-7, Плодност–24, Генеа–3, Никоб лаб-423, ВФВ Медикал-0, Ели Медика-3, ЈЗУ и ПЗУ (рапид тест) – вкупно 1.376.

Скопје, 22 јули 2021 (МИА) – Собранието, денеска, во рамки на 47.седница, ја почна општата расправа по дополнетиот ребаланс на Буџетот за 2021 година во кој се вметнати и осумте амандмани кои беа усвоени на Комисијата за финансирање и буџет. Расправата може да трае пет дена.

Вкупните приходи со измените и дополнувањата се планирани на ниво од 222,5 милијарди денари или се за 4,7 отсто повисоки во однос на иницијалните проекции на Буџетот. Вкупните расходи се планирани на ниво од 268,8 милијарди денари или за 8,6 отсто,  повисоки во однос на планот, а планираните приходи и расходи, претпоставуваат дефицит во износ од 46,2 милијарди денари, односно 6,5 отсто од БДП. Во ребалансот е предвидено да има раст на приходите од 4,7 отсто или за околу 10 милијарди денари, повеќе средства за капитални расходи за 24 отсто, како и дополнителни средства за мерките за поддршка на домаќинствата и стопанството, за здравството и за процесот на имунизација на населението, зголемена поддршка на земјоделството и социјално ранливите категории.

Кочани, 22 јули 2021 (МИА) – Жителите на селата Спанчево, Соколарци и Бања во општина Чешиново-Облешево, в сабота ќе организираат протест и ќе ја блокираат изградбата на експресниот пат Штип – Кочани.

Блокадата ќе биде на клучката кај селото Спанчево, а причината е што со комплетирањето на новата сообраќајна инфраструктура тие ќе останат без пристап до земјоделските површини.

Скопје, 22 јули 2021 (МИА) – Реформа која во наредните три години ќе донесе минимум една милијарда евра или погрешно решение што ќе заврши со узурпација и пренамена на земјиштето во градежно. Ова се двете дијаметрално спротивни убедувања кои можеа да се слушнат на денешната јавна расправа по Нацрт-законот за продажба на државното земјоделско земјиште. Првото го изнесе министерот за земјоделство Арјанит Хоџа, а второто земјоделецот Јордан Трајков од иницијативата Граѓански фронт.

Според Хоџа, законот ќе овозможи целосно и порационално искористување на државните обработливи површини, а Трајков предупредува дека ќе се офајдат само богаташите, додека земјоделците, финансисиски немоќни, повторно не ќе можат да си го купат земјиштето.

Скопје, 22 јули 2021 (МИА) – Сместена меѓу селата Љубин и Арнакија во Општина Сарај на 15 хектари се гради првата елитна населба со 142 луксузни вили со базени, широки дворови и огромен парк во близина. Реализацијата на оваа елитна населба наречена комплекс „Планет“ на инвеститорите Валдета Касапи, Самет Мисими и Џемил Шабани, почна во ноември лани, со изградба на пристапен пат. Вредноста е 28 милиони евра.

Во населбата се планирани шест различни типови куќи, според потребите на купувачите, ќе има дополнително 400 паркинг места, а во близина најавуваат парк од 5.000 метри квадратни кој ќе служи на сите граѓани, а во склоп на комплексот планирана е изградба на хотел и фитнес и спа-центар.

Скопје, 22 јули 2021 (МИА) – Вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата, а во тек е и теренска вакцинација. На вакциналните пунктови во државата и на терен, заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 473.657 граѓани. Прва доза вакцина вчера примиле 4 976 граѓани, а вчера вкупно се вакцинирале 17 521 граѓанин. Во државата вкупно се аплицирани 760.961 дози вакцини, а ревакцинирани се 305 804 граѓани, соопшти Министерството за здравство.

Со последните бројки, како што се посочува, 61 отсто од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина, 58 отсто од населението над 65 години е вакцинирано со барем една доза вакцина, 53 отсто од населението над 60 години е вакцинирано со барем една доза вакцина и 43 отсто од населението над 50 години е вакцинирано со барем една доза вакцина.

Белград, 22 јули 2021 (МИА) – Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, по денешниот видео разговор со премиерите на Северна Македонија и Албанија, Зоран Заев и Еди Рама, на новинарите во Крагуевац им најави дека на претстојниот регионален Економски форум во Скопје на 28 и 29 јули ќе бидат потпишани три договори, дека ќе се смени името на иницијативата „мини Шенген“ и дека ќе се направат посебни „брзи ленти“ на граничните премини за побрз проток на граѓаните од регионот, јави дописникот на МИА од Белград.

– Јас многу верувам во економскиот напредок на регионот, на нивните земји. Ние работевме на три документи и верувам дека во Скопје ќе ги потпишеме, тие се важни документи за трговијата, работните дозволи и заемната поддршка во случај на пожари, поплави и други катастрофи, што е во интерес на нашите народи, изјави Вучиќ.

Атина, 22 јули 2021 (МИА) – Во контејнер со легална пратка со вреќи со кафе од Гватемала, на атинското пристаниште Пиреас биле откриени и запленети 351 килограм и 725 грама кокаин, спакувани во 298 пакувања, јави дописничкаа на МИА од Атина.

Како што соопштија од грчката полиција, во периодот од 12 до 19 јули била спроведена истрага на над 150 контејнери со потекло од Јужна Америка, а во еден од нив бил пронајден и кокаинот.

Букурешт, 22 јули 2021 (МИА) – Мало мнозинство граѓани на седум земји-членки на ЕУ кои не користат евро сметаат дека промената во таа валута ќе има позитивно влијание врз нивната земја, а граѓаните на Романија даваат најголема поддршка за влез во еврозоната, покажа истражување на Евробарометар.

Вкупно три четвртини од Романците и повеќе од половина од граѓаните во Унгарија (69 проценти), Хрватска (61 процент), Полска (56 проценти) и Бугарија (54 проценти) имаат позитивен став кон воведувањето на еврото, додека поддршката е најниска во Чешка (33 проценти) и Шведска (43 проценти).

Штудгарт, 22 јули 2021 (МИА) – Германската компанија „Дајмлер“, производител на „Мерцедес-Бенц“, денеска соопшти дека од 2022 година планира да инвестира повеќе од 40 милијарди евра во развој на електрични возила, со цел до 2030 година да биде подготвена за пазарот со целосно електрични автомобили.

Компанијата планира да отвори осум фабрики за батерии, клучен дел за електричните модели.

Даран, 22 јули 2021 (МИА) – Највредниот светски производител на нафта Сауди Арамко потврди дека податоци на компанијата протекле од еден од нејзините изведувачи на работи.

Британскиот јавен сервис Би-Би-Си додава дека податоците кои протекле сега наводно се користат како средство за изнуда на 50 милиони долари од компанија од Саудиска Арабија.

Токио, 22 јули 2021 (МИА) – Шефот на организацискиот одбор Токио 2020, Сеико Хашимото, зборуваше за спецификите на церемонијата на отворање на Олимписките игри.

Минатата недела стана познато дека главната тема на церемонијата на отворањето е „Одење напред“ како референца за борбата против пандемијата КОВИД-19, поради што Игрите мораа да се одложат за една година. Закрепнувањето од земјотресот во источна Јапонија во 2011 година, исто така, ќе биде опфатено за време на церемонијата на отворање, рече Хашимото.

Back to top button
Close
Close