МИА ФлешПакети

МИА Флеш

22 јули 2021

22 јули 2021

Скопје – Во Собранието денеска седници ќе одржат комисиите за политички систем и односи меѓу заедниците, за европски прашања и Законодавно – правната комисија.

Предлог – законот за изменување и дополнување на Законот за лична карта, во второ читање е единствената точка на дневниот ред на седницата на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците.

Скопје – Резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ за евроинтеграцискиот пат на земјата и националните црвени линии е на дневниот ред на 47. седница на Собранието, која треба да се одржи денеска. На дневниот ред од денешната седница се повеќе предлог закони, како и барања за давање на автентично толкување на членови од повеќе закони.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски синоќа од скопски Карпош побара резолуцијата да биде прифатена од сите политички партии „без условувања и барање на изговори“. 

Скопје – Град Скопје во рамки на кандидатурата за Европска престолнина за културата за 2028 година назначува два легални ѕидови за слободно користење од уличните уметници за пишување и цртање графити, сликање мурали, тагови и слично. Тоа се потпорниот ѕид на улица „Војвода Васил Чакаларов“ („Адолф Циборовски“) по „Реплек“ и ѕидовите од двете страни на булеварот „Гоце Делчев“ под поранешна Стоковна куќа „Мост“, денес Универзитет на Југоисточна Европа.

Како што соопшти денеска тимот на Скопје 2028 – Кандидат за Европска престолнина на културата, легалните ѕидови ќе бидат означени со табли со кои се потврдува слободата и безбедноста за нивно користење за креативен израз од страна на уличните уметници.

Скопје – Премиерот Зоран Заев денеска ќе присуствува на промоцијата на Комплексот Планет, што се наоѓа меѓу селата Љубин и Арнакија во Општина Сарај.

Како што најавија од владиниот Сектор за односи со јавноста, на промоцијата ќе бидат присутни и претседателот на Собранието Талат Џафери, лидерот на Демократска унија за интеграција Али Ахмети, градоначалниците на Град Скопје и на Општина Сарај, Петре Шилегов и Блерим Беџети и инвеститорите Валдета Касапи, Самет Мислиу и Џемил Шабани.

Скопје – Откако премиерот Зоран Заев изјави дека ќе бара согласност од партиите локалните избори во државата локалните избори да се одржат на 31 октомври, со цел да се избегне нивно поклопување со пописот, од опозициската ВМРО-ДПМНЕ реагираа дека премиерот на своја рака, без консултација со останатите партии, бара поместување на датумот на локалните избори од средината на октомври и побараа изборите да се одржат на 17 октомври. Од друга страна, ДУИ информираа дека за нив е прифатлив кој било датум за одржување на изборите.

– Имаме причина за одложување на изборите, а тоа секако е пописот кој ќе се спроведува во септември, и не сакаме кампањата да се поклопи со него, и секако причината е пандемијата за одлагањето. Така што ако не се промени тоа со закон изброрите треба да бидат до 17 октомври, и ќе имаме поклопување на кампањата со Пописот. Предлогот доминанатно од партиите е да биде 31 октомври, ако се согласат и тоа ќе биде вградено во Изборниот законик, изјави  Заев.

Скопје – Не станува збор просто само членството во ЕУ, за нас клучна цел европеизацијата на нашата земја. Покажавме вистинска посветеност на овој процес и покрај тоа што од 2005 година сме земја кандидат и 16,5 години чекаме да се случи следниот чекор. На јасно сме дека до членството ќе поминат можеби уште пет, седум или 10 и повеќе години, но ЕУ е неопходно да ги исполни своите ветувања, да ни овозможи да го направиме следниот чекор, истакна премиерот Зоран Заев во емисијата „Конфликт зоун“ на „Дојче веле“ на англиски јазик, наведувајќи притоа дека за жал ЕУ не го испорача ветувањето пред граѓаните на Република Северна Македонија и оти сега разочарувањето е навистина големо.

Заев посочи дека европеизацијата и членството во ЕУ немаат алтернатива, пред се поради вредностите на Унијата кои, како што вели, значат подобра и просперитетна иднина, но, додаде дека земјите од Западен Балкан, кои се како своевиден остров оставен во ЕУ, на овој начин се оставаат на можноста да се соочат со други влијанија.

Скопје – Фокусот на Владата беше да ги користиме и сите меѓународни успешни алатки за борба со криминалот и корупцијата и имаме многу добри резултати. Извештајот на „Транспаренси интернешенел“ го прифаќаме како поттик за да одиме чекор по чекор според насоките што тој ги дава, порача премиерот Зоран Заев во емисијата „Конфликт зоун“ на „Дојче веле“.

Нагласи дека владеењето на правото и еднаквоста пред законите важи за сите без исклучок и додаде дека Владата постојано ги следи укажувањата и препораките на независните антикорупциски тела.

Скопје – Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Арјанит Хоџа, денеска ќе учествува на јавна расправа посветена на Нацрт – законот за продажба на земјоделско земјиште во државна соспственост“.

По обраќањето на министерот Хоџа, како што е најавено, ќе има отворена дискусија на оваа тема.

Скопје – Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски денеска ќе изврши увид на изградба на експресниот пат Градско – Прилеп, делница Градско – Дреново.

Како што соопшти Министерството за транспорт и врски, Бочварски на увидот ќе биде придружен од директорот на ЈП за државни патишта, Ејуп Рустеми.

Скопје – Министерката за одбрана Радмила Шекеринска ја започна дводневната официјална посета на Португалската Република. Посетата се реализира на покана на министерот за одбрана, Жао Гомеш Кравињу и е прва официјална посета на наш министер за одбрана.

Како што соопшти Министерството за одбрана, во рамки на посетата, министерката Шекеринска ќе има средба со домаќинот, португалскиот министер, како и со началникот на Генералштабот на Португалските вооружени сили.

Скопје – Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска денеска ќе присуствува на почетокот на воведувањето на услугата домашна нега и помош на стари лица од подрачјето на општините Бутел и Чучер Сандево, соопшти Министерството за труд и социјална политика.
Услугата, како што појаснуваат од МТСП, е наменета за лица од над 65-годишна возраст кои не се во состојба самите да се грижат за себе.

Скопје – На покана на словенечкото претседателство со Советот на ЕУ, вицепремиерот  задолжен за европски прашања Никола Димитров ќе учествува на неформалниот состанок на министрите за европски прашања во својство на членови на Советот за општи работи (GAC), што денеска и утре се одржува во Љубљана и Брдо кај Крањ.

Како што соопшти Секретаријатот за европски прашања, на состанокот ќе се дискутираат приоритетите на словенечкото претседателство со посебен акцент на политиката на проширување, владеењето на правото и активностите поврзани со Конференцијата за иднината на Европа.

Скопје – Петнаесеттото издание на Балканскиот етно-фјужн фестивал „Локум фест – музика и традиција“ ќе се одржи од денеска до 24 јули во Битола.

Фестивалот ќе започне денеска со настапот на Влатко Стефановски трио на Хераклеја, потоа, утре, во Пацио-НУ Завод и Музеј, ќе настапат дуото на Драган Даутовски и неговиот син Ратко Даутовски кои ќе го промовираат албумот Apocalypticum.

Софија – Високиот судски совет на Бугарија денеска ќе го разгледа предлогот на министерот за правда, Јанаки Стоилов, за предвремено ослободување од функцијата на главниот обвинител Иван Гешев, јавија бугарските медиуми.

Како што потсетува дописникот на МИА во Софија, вршителот на должноста министер за правда, Јанаки Стоилов, пред една недела соопшти дека добил информација од министерот за внатрешни работи, Бојко Рашков, за сторени прекршувања на процедурите од главниот обвинител на Бугарија. Тогаш министерот Стоилов кажа дека има податоци за постапување и непостапување на главниот обвинител, што претставува сериозно кршење на службените должности и дејствија што му штетат на имиџот на правосудството. Таквите околности се: откривање на податоци од предистражни постапки селективно и тенденциозно, како и јавни изјави и коментари кои покажуваат пристрасност и предрасуди и ја нарушуваат презумпцијата на невиност.

Вашингтон – Само процес предводен од Кипраните, двете зони и двете заедници, може да донесе мир и стабилност на Кипар, вели американската потсекретарка за политички прашања Викторија Нуланд.

– САД отфрлаат какво било решение за Кипар во кое би биле вклучени две држави, како што предложи деновиве турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, рече Нуланд.

Атина– Верификацијата на сертификатот за вакцинација или потврдата за прележан Ковид-19, што се неопходни за влез во т.н. „Covid free“ простори во Грција, за државјаните на трети земји нема да се врши преку специјалната апликација на грчката Влада, туку едноставно ќе се проверува на влезот на затворените простори, како што се кината, театрите, кафулињата, рестораните, но и сите ноќни клубови, јави дописничката на МИА од Атина.

Од Министерството за туризам на Грција, преку соопштение појаснуваат дека апликацијата „Covid Free GR“ за скенирање на сертификатите и потврдите се однесува само на грчки граѓани и на државјани на земјите членки на ЕУ, односно на оние кои имаат европски сертификат.

Осло – Норвешка денеска ја одбележува 10-годишнината од масакрите во Осло и на островот Утоја, кога антимигрантскиот екстремист Андерс Беринг Брејвик уби 77 лица.

Тој настан се смета за најлош чин на насилство во таа земја од Втората светска војна.

Минск – Белоруското Министерство за правда вчера побара од судот да ја забрани работата на водечкото здружение на новинари, со што продолжува пресметката на власта со независните медиуми и активисти на граѓанското општество.
Министерството побара од највисокиот суд да ја забрани Белоруската асоцијација на новинари, поради наводни недостатоци во документите за закуп на канцеларијата.

Киев – Претседателот на Украина, Володимир Зеленски го потпиша Законот за автохтоните народи на Украина, соопшти Кабинетот на украинскиот претседател.

Како автохтони народи се означени оние кои се формирани на територијата на Крим – Кримските Татари, Караимите и Кримчаците, а Русите ги нема на списокот.

Киев – Украина започна официјални консултации со Европската унија и Германија за „Северен поток 2“, изјави министерот за надворешни работи Дмитро Кулеба, нагласувајќи го уште повеќе спротивставувањето на Киев на гасоводот, за кој тврди дека претставува закана за европската безбедност.

Кулеба на Твитер објави дека официјални ноти веќе биле испратени до Брисел и Берлин.

Мексико сити – Главниот мексикански истражител против перење пари изјави дека официјални претставници во претходните влади од 2012 до 2018 година потрошиле 300 милиони долари државни пари за купување софтвер од израелската компанија за шпионирање НСО.

Се чини дека сметките за програми како што е шпионскиот софтвер „Пегаз“ вклучувале вишок пари кои можеби им биле исплаќани на поранешните државни службеници како поткуп.

Пекинг – Планот на Светската здравствена организација (СЗО) за втората фаза од истрагата за потеклото на коронавирусот содржи јазик што не ја почитува науката и Кина нема да го следи, изјави на прес-конференција Зенг Јинсин, заменик-шеф на Државниот комитет за хигиена и здравје на кинеската република, пренесува Тасс.

-Што се однесува до предлогот на СЗО за втората фаза од истражувањето, тој содржи јазик што не ги почитува науката и здравиот разум. Ние нема да следиме таков план, рече тој.

Панама – Земјотрес со интензитет од 6,9 степени според Рихтерова скала го погоди вчера северниот брег на Панама, во близина на границата со Костарика, соопшти Европскиот медитерански сеизмолошки центар (ЕМСЦ).
Засега нема информации за евентуални жртви и причинета материјална штета, ниту предупредување за опасност од цунами. Епицентарот на земјотресот се наоѓал 321 километар југоисточно од главниот град на Костарика, Сан Хозе, на длабочина од два километра.

 

Токио – Гвинејскиот министер за спорт, Сануси Бантама Соу изјави дека олимпискиот тим на земјата одби да учествува на Игрите во Токио 2020 година, поради ситуацијата со коронавирусот.

Зборовите на официјалното лице, упатени до претседателот на олимпискиот комитет на Гвинеја, ги цитира агенцијата „АФП“.

Токио – Директорот на церемонијата на отворање на Летните олимписки игри во Токио, 48-годишниот Кентаро Кобајаши, доби отказ поради зборови искажани во минатото. На Интернет се појави видео-снимка од неговиот говор во 1998 година, по што изби скандал.

Во тоа време, Кобајаши настапи како дел од хумористично дуо. Во својот скеч, тој предложи „да се игра холокаустот“ и започна да расфрла исечени луѓе од хартија, кои претставуваат жртви на геноцид. Ова видео се прошири низ мрежата и предизвика широка дискусија и критика.

Токио – Дванаесет нови случаи на инфекција со коронавирус беа идентификувани на Летните олимписки игри во Токио во текот на вчерашниот ден. Ова го објави прес-службата на Меѓународниот олимписки комитет (МОК).

Двајца од заразените се странски спортисти кои се сместени во Oлимпиското село, другите десет се работници поврзани со организацијата на Игрите и службени лица.

Скопје – Времето денеска во земјава ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, а вдолж Повардарието повремено засилен северен ветер. Максималната температура ќе се движи од 27 до 34 степени. УВ-индексот ќе изнесува 8.

Во Скопје и околинта ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со слаб до умерен северен ветер. Максималната температура ќе остигне до 32 степена. Во наредните денови следува период на стабилно време. До сабота дневните температури ќе бидат најмногу до 35 степени, а потоа брзо ќе се покачуваат.

Провери го и ова

Close
Back to top button
Close
Close