18 мај 2020

Скопје, 18 мај 2020 (МИА) – Партиските лидери кои во вторникот беа на средба кај претседателот Стево Пендаровски, денеска напладне повторно кај шефот на државата ќе разговараат за термин кога да се одржат предвремените парламентарни избори. Во октомври лани тие беа закажани за 12 април, но беа одложени со уредба на Владата поради прогласувањето вонредна состојба и ризикот од ширење на коронавирусот. Учество на денешната нова средба во Вила Водно потврдиле сите поканети лидери.

Скопје, 18 мај 2020 (МИА) – Авторите на индиската студија, која Нобеловецот Лук Монтање ја има спомнувано, го поставиле својот пишан труд на еден сајт за нерецензирани трудови (bioRxiv preprint repository), за набрзо да го симнат, откако коментаторите истакнале бројни грешки во нивната анализа. Она што Монтање го нарекол „елементи“ на ХИВ биле кратки елементи кои научниците ги откриле во геномот на коронавирусите во 2005 година. Тие се потребни за репликација на геномот и се среќаваат кај многу коронавируси. Значи, ако тоа што го рекол Монтање е точно, тогаш целото семејство на коронавируси – кое потекнува од пред повеќе од 10.000 години – би морало да биде направено во лабораторија, што е очигледно бесмислено, вели епидемиологот проф. д-р Драган Даниловски во интервју за МИА.

Скопје, 18 мај 2020 (МИА) – Со 355 милиони евра што треба да стасаат до 730 илјади граѓани, преку различни мерки, Владата планира во наредниот период да ја поттикне приватната и јавната потрошувачка и да и помогне на домашната економија да закрепне во периодот на враќање во нормала по кризата со коронавирусот.

Третиот пакет економски мерки што го претстави вчера Владата ќе се реализира преку платежни картички и ваучери за социјално ранливи категории, невработени, млади, со цел да се поттикне приватната потрошувачка, како и преку директна поддршка на македонското стопанство  и одделно за земјоделците. Пакетот опфаќа и награда за лекарите и медицинскиот персонал и инфективните одделенија во износ од 20 отсто од основната плата за два месеца.

Атина, 18 мај 2020 (МИА) – Со враќање во училишните клупи на сите средношколци, со отворање на археолошките локалитети, меѓу кои и Акропол, со отворање на зоолошките градини, дозволено патување во континентална Грција и на Крит, но и со отворање на моловите и трговските центри, една недела порано од планираното, од денеска во Грција започнува третата фаза на олабавувањето на рестриктивните мерки и постепеното враќање во „новата нормалност“, јави дописничката на МИА од Атина.

Женева, 18 мај 2020 (МИА) –  Финансирањето за итни случаи, насочено да помогне за опоравување од економскиот пад предизвикано од пандемијата, веројатно ќе ја поттикне корупцијата низ цела Европа, предупредува Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ). Во нивна изјава се нагласува дека криминалците се многу прилагодливи во кризни ситуации и ќе најдат начини да применуваат измами за помош.

Државите погодени од пандемија во блокот 57 држави на ОБСЕ ќе бидат дополнително соочени со корупцијата во наредните месеци, изјави Томас Гремингер за австриската новинска агенција АПА.

Токио, 18 мај 2020 (МИА) –  Јапонската економија влезе во рецесија во првиот квартал на 2020 година, бидејќи пандемија со Ковид-19 прекина производство, извоз и потрошувачка, како и стравувања дека може да има уште потешки времиња.

Јапонската Влада денеска објави дека бруто домашниот производ паднал во реални услови во периодот јануари-март за 3,4 проценти на годишно ниво, според сезонски прилагодените податоци. На квартално ниво, падот беше 0,9 проценти, пренесува Си-ен-би-си.

Извозот потона 21,8 проценти, приватните инвестиции во градбата на станови за скоро 17 проценти и потрошувачката на домаќинствата за 3,1 отсто.

 

 

Back to top button
Close
Close