Дописници МКДОпштински вести

Мешани патроли во обиколка на угостителски објекти и локации во Крива Паланка

На подрачјето на Општина Крива Паланка синоќа и изминатите два дена од викендот се реализираа мешани патроли, составени од родители на ученици и полициски службеници.

Крива Паланка, 20 јануари 2020 (МИА) – На подрачјето на Општина Крива Паланка синоќа и изминатите два дена од викендот се реализираа мешани патроли, составени од родители на ученици и полициски службеници.

Како што информира командирот на Одделението за внатрешни работи Крива Паланка, Дејан Маринковски, во периодот од 22 часот до два часот по полноќ извршена е обиколка на повеќе угостителски објекти и локации на отворен простор каде најчесто се собираат младите.

– Досега се посетени четири угостителски објекти, два отворени простори во паркот во центарот на градот и дворот на средното општинско училиште Ѓорче Петров, како и затворениот простор во објектот на поранешната т.н “Торанечка зграда”, напуштен објект каде младите често се собираат во вечерните часови. Не е забележана никаква несоодветна активност или девијантни појави во времето на одвивање на обиколката на овие локации, а вечерва посетивме две казина и две спортски обложувалници, за да се утврди евентуално присуство на малолетни лица,но не наидовме на такво нешто, изјави Маринковски.

Целта на патролите, нагласи, е да се подобри соработката помеѓу полицијата и родителите,со цел зголемување на довербата од нивна страна во нашата институција, се со цел навремено откривање и спречување, превенција на девијантни појави кај младите.

Мешаните патроли беа во состав: родители на ученици од основните училишта во градот, ООУ „Илинден” и ООУ „Јоаким Крчовски”, полициски службеници од ОВР Крива Паланка и претставници на СВР Куманово, како и началничката на отсекот за превенција од секторот за внатрешни работи, Куманово, Виолета Богдановска. ид/цр/

Back to top button
Close
Close