0_Web_Насловна-слајдерАнализаДописници Свет

Мерки, забрани, правила за патување и престој во Грција

За разлика од предусловите за влезните точки на Грција за странските посетители, што засега остануваат непроменети, мерките во самата земја, континуирано се менуваат, а дописничката на МИА анализира, кои се актуелните рестрикции и правила во Грција, што е потребно за патување на островите, но и каква е епидемиолошката слика во земјата.

Атина, 18 јули 2021 (МИА) – Правила за влез во земјата и мерки во внатрешноста – патувањето, но и престојот во Грција, оваа година е под протоколи што важат не само за Грците, туку и за туристите и задолжителни се документите поврзани со Ковид-19, дури и за влез во ноќен клуб.

За разлика од предусловите за влезните точки на Грција за странските посетители, што засега остануваат непроменети, мерките во самата земја, континуирано се менуваат, а дописничката на МИА анализира, кои се актуелните рестрикции и правила во Грција, што е потребно за патување на островите, но и каква е епидемиолошката слика во земјата.

Патувањето кон Грција започнува со потребните документи поврзани со Ковид-19, кои во одредени случаи неопходни се и за во внатрешноста.

Сертификат за вакцинација или потврда за прележан Ковид-19 или негативен тест, се задолжителни како на копнените граници, така и на аеродромите во Грција, заедно со пополнет ПЛФ формулар, а документот поврзан со коронавирусот е задолжителен и за патување кон грчките острови.

Доколку туристот е целосно вакциниран, сертификатот е валиден 14 дена по примената втора доза, а Грција ги признава сите вакцини (Фајзер, Модерна, Џонсон и Џонсон, Астра Зенека, Спутник В, Синовак и СИнофарм).

Во случај на прележан Ковид-19, потврдата е валидна во временскиот период од еден до шест месеци по првиот позитивен резултат.

Сертификатот за вакцинација или потврдата за прележан Ковид-19 се задолжителни за влез во земјата, за патување кон островите (со авион или брод), како и за влез во внатрешните делови на кафулињата, рестораните, но и во сите ноќни клубови и дискотеки без разлика дали се на отворено или на затворено и за следење спортски натпревари.

За лицата кои не се вакцинирани и не прележале Ковид-19, рестрикциите се поголеми. Со негативниот тест (ПЦР во последните 72 часа или рапид 48 часа претходно), може да се патува во Грција и на островите, меѓутоа не може со негативниот резултат да се влезе во внатрешните делови на кафулињата, рестораните, во ноќните клубови и дискотеки (без разлика дали се на отворено или на затворено) и да се следат спортски натпревари.

За супермаркетите, продавниците, јавниот превоз, хотелите итн, не постојат никакви рестрикции за невакцинираните, ниту пак е потребна некаква потврда.

Влез во Грција преку сите копнени гранични премини и преку сите аеродроми

Преку министерската одлука „Предуслови за влез во земјата за да се ограничи ширењето на Ковид-19“ на грчката Влада и преку авио упатствата од Агенцијата за цивилно воздухопловство, секоја седмица, како што и објавува МИА, се ажурираат правилата за патување во Грција, со оглед на тоа дека иако земјата е отворена за туристи, сепак тоа не е за сите држави.

Северна Македонија од 14 мај годинава е на листата трети земји за кои е дозволен влез во Грција, а веќе се отворени сите копнени гранични премини што работат 24 часа.

Освен документот поврзан со коронавирусот, задолжителен се смета и електронскиот формулар ПЛФ (Passenger Locator Form), кој треба да биде пополнет преку интернет страницата https://travel.gov.gr, по што се добива потврда со QR-код, со чија помош се врши и селекцијата за случајните тестирања при влезот во Грција.

ПЛФ е образец во кој се внесуваат личните податоци, траење и адреса на престојот во Грција, вид на документ поврзан со Ковид-19 со кој се патува во земјата, а на граничните премини може да се покаже или од мобилните телефони или во отпечатена верзија.

За копнените граници, последната министерска одлука беше објавена минатиот четврток, а важи до 22 јули 2021 година.

Правила за патување на грчките острови

Доколку туристот планира да посети некој од грчките острови, без разлика дали е тоа со брод или авион, задолжителен е еден од документите за Ковид-19, истите оние што се потребни и при влезот во Грција.

За патување кон островите, но само доколку е со брод, потребно е пополнување на здравствена изјава достапна на https://sea.travel.gov.gr/#/ и е слична со ПЛФ формуларот, а за враќање неопходен е тест за домашна употреба (селф тест) направен 24 часа пред патувањето.

Ова, важи само за патување со брод од островите, а не и за авион.

За патување со автомобил, односно за движење низ континенталниот дел на Грција, засега не постојат никакви рестрикции.

Бродовите и траектите во Грција сообраќаат со 80 отсто од капацитетот доколку немаат кабини, а со 85 проценти од предвидениот број патници доколку постојат кабини.

На грчките острови мерките се исти како и во цела Грција, со исклучок на Миконос каде што од вчера е воведен полициски час.

Актуелните мерки во внатрешноста на Грција важат и за туристите

Во овој момент, анализира МИА, во Грција нема поголеми рестрикции, со исклучок на местата за забава и затворените простори на угостителските објекти, а правилата, не важат само за Грците, туку и за туристите.

Маската е задолжителна на затворено, односно во супермаркетите, продавниците, јавниот, бродскиот, авионскиот и железничкиот превоз, во јавниот и приватниот сектор, но постои силна препорака да се користи и на отворено, кога постојат гужви и поголеми собирања.

Од петокот, во Грција веќе има „Covid free“ места, односно внатрешните делови на кафулињата, рестораните, кината и театрите и ноќните клубови, дискотеките, бузуки и на отворено и на затворено кои работат само за вакцинирани гости или за лица кои прележале Ковид-19.

За летните тераси и надворешните простори постои можност сопствениците да одберат дали ќе бидат „Covid free“ или мешани, односно и за вакцинирани и за невакцинирани,  додека пак стоењето и танцувањето е забрането и на отворено и на затворено.

За кафулињата и рестораните, мерката само за вакцинирани гости се однесува само на внатрешните делови, додека пак за ноќните клубови важи и за оние на отворено и на затворено.

Тоа, како што пренесува МИА, во пракса значи дека за забавување во ноќен клуб во Грција, дури и да е летен клубот,  потребен е или сертификат за вакцинација или потврда за прележан Ковид-19, а оваа мерка за грчкиот ноќен живот важи и за туристите.

Сертификатите се проверуваат преку специјалната апликација „Covid free GR“, која е бесплатна и при скенирањето на специјалниот код, се појавува зелен знак за сертификатите за вакцинација и прележан Ковид-19, жолт во случај на негативен рапид или ПЦР тест и црвен знак што значи грешка или невалиден сертификат.

Дополнително, потребен е и документ за лична идентификација.

Единственото место во Грција, каде што се воведени рестрикции е островот Миконос.

Од вчера, во сила е полициски час од еден часот по полноќ до шест часот наутро и забрана за музика во угостителските објекти текот на целиот ден, поради зголемениот број нови случаи, а мини карантинот е до следниот понеделник 26 јули во 6 часот наутро.

Правила за децата

Неопходните документи, како за влез во Грција, преку копнените гранични премини, така и за патување на островите, важат за лица со наполнети 12 години.

Децата родени по 1 јули 2009 година патуваат слободно со брод, а за оние од 12 до 18 години, потребен е било каков тест, вклучително и селф тестот, односно тестот за домашна употреба.

За влез на децата во затворените простори на угостителските објекти, доволен е селф тест, односно тест за домашна употреба и откако родителот или старателот ќе го регистрира резултатот на специјалниот сајт https://self-testing.gov.gr/, од каде што и се вади потврдата.

Влошена епидемиолошката слика во Грција

Во изминатите две седмици, во Грција е влошена епидемиолошката состојба, со зголемен број нови случаи, а од 6 јули, секојдневно се регистрира четири цифрен број новозаразени, кои во вторникот достигнаа и до 3.109.

Паралелно, зголемен е и бројот на тестови во земјата, особено на брзите, со оглед на тоа дека мобилните единици на Националната организација за јавно здравје секојдневно тестираат на над 130 локации во цела Грција, а рапид тестовите се една од можностите за патување на островите.

Особено влошена е ситуацијата на островите Миконос, Парос, Санторини, Иос и градот Ретимнос на Крит, кои се под зголемен надзор и се еден чекор пред конкретни мерки, нешто што од вчера веќе се презеде за Миконос.

На почетокот на јуни беше презентираше интерактивна епидемиолошка мапа на Грција (https://covid19.gov.gr/covid-map), каде што секој од 74-те региони во зависност од епидемиолошката слика има различна боја.

Врз основа на епидемиолошките индекси што ги користат Европскиот центар за превенција и контрола на болести и Светската здравствена организација, предвидени се четири нивоа: зелено, жолто, портокалово и црвено, а за последните две нивоа предвидени се мерки.

Доколку некој од регионите или општините влезе во црвената зона, предвиден е полициски час од полноќ, забрана за собири над девет лица, во угостителските објекти дозволено до четири лица на маса, откажување на настани.

Мапата се ажурира секоја седмица на ниво на регионална единица, а за островите на ниво на општини, за информирање и на Грците и на туристите.

При кликнување на секој од регионите, како што пренесува МИА се појавуваат податоци за имунизациската покриеност, процентот на позитивни случаи од направените тестови, просечен број новозаразени за седум дена како и актуелна состојба (стабилна, со тенденција за намалување или зголемување).

Во овој момент, ниту еден дел од земјата не е во последното, црвено ниво.

Министерот за туризам на Грција Харис Теохарис во средата рече дека „зголемувањето на случаите на Ковид-19 во земјата не е поврзани со туризмот“.

Ова го поткрепи со податоците од случајните тестирањата на сите влезни точки во земјата во првите десет дена од јули, кога од 105.609 направени тестови, позитивни биле само 74, односно 0,07 отсто од тестираните.

Професорката епидемиолог и член на надлежната комисија во Министерството за здравство на Грција, Вана Папаевангелу, во петокот истакна дека младите кога се враќаат од летните одмори го пренесуваат вирусот во нивната семејна, работна средина, а за две седмици речиси пет пати се зголемил бројот на нови случаи на седмично ниво, а во последните 15 дена 80 отсто од заразените се под 39 години.

Од почетокот на епидемијата, во земјата има 455.754 заразени со Ковид-19 и 12.816 смртни случаи.

Аплицирани се вкупно 9.717.834 дози од вакцината, од кои 5.430.157 примиле најмалку една доза, а 4.586.714 лица се целосно вакцинирани.

Сања Ристовска

Таг
Back to top button
Close
Close