0_Web_АктуелноДописници МКДОпштински вести

Мерки за санирање на последиците од невремето во Велес во кое исчезна едно лице и е приченета голема материјална штета

Велес, 9 август 2020 (МИА)Општинскиот штаб за заштита и спасување во Велес денеска на вонредна седница донесе повеќе заклучоци за санирање на последиците  од невремето во кое исчезна едно лице – жител на велешко Белештевица по кого се уште се трага. Во невремето, кое е најголемо по поплавата од 1974 година, нанесена е и голема материјална штета.

Според пријвата во СВР – Велес, во велешкото село Белештевица во местото „Лавчани“ 51-годишниот Спасе Димовски во обид со својот трактор да помогне на екипа на ЕВН која била со возило, бил однесен од надојдената вода. Општинскиот кризен штаб заклучил по создавање на неопходни услови да се ангажираат потребните материјално технички и човечки ресурси од локално и државно ниво, како и специјалисти за спасување за брзо наоѓање на телото на исчезнатиот сограѓанин.

Заклучено е по добиените проценки за настанатите штети, градоначалникот на Општина Велес да додели финансиска помош на погодените од поплавите во висина до 50.000 денари, како и за семејството на несреќно настраданиот во село Белештевица. Воедно Општина Велес да стапи во контакт со ЕВН, со цел ЕВН како општествено одговорна компанија да помогне во пронаоѓањето на исчезнатиот граѓанин кој настрадал во акција за давање помош на екипата на ЕВН, како и со обезбедување помош за семејството на исчезнатото лице.

-Општина Велес од сопствени буџетски средства, но и со помош од државните институции да помогне во санирање на штетите од временските неприлики;Преку Јавен повик, а со помош на месните и урбаните заедници да се известат сите жители и претпријатија кои претрпеле штета од невремето да пријават, со цел Комисијата за проценка на штети наврмено да излезе на терен и да ја процени пријавената штета;Се задолжува градоначалникот на Општина Велес и вработените во во Одделението за комунални дејности да обезбедат механизација и човечки ресурси за санирање на штетите. Доколку има потреба од дополнителна помош во човечки ресурси, Општина Велес ќе побара помош од Армијата и Казнено поправниот дом од Велес, стои во заклучоците.

Воедно се задолжува ЈКП Дервен да ги исчисти шахтите од канализациската мрежа, како и улиците од наносите од чакал, песок, земја и друго на градските улици. За санирање на оштетената фекална канализациона линија во Превалец, за поправка на оштетените коловози и банкини на локалните патишта и на улиците, како и за чистење на наносите од чакал, песок, земја и друго на локалните патишта и на улиците во населените места Општина Велес ќе ги ангажира економските оператори кои се избрани на тендер за таков вид на градежни зафати.

Се задолжува Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) од Велес, заедно со Одделението за комунални дејности веднаш да направи проценка и да изврши проверка на сите мостови за отстранување на насукани гранки, трупци и стебла од дрвја, а  ЈКП Дервен да врши редовна проверка на исправноста на водата за пиење со цел да се обезбеди чиста и здрава вода за пиење.

Заклучено е и да се изврши проценка на штетите на Фудбалскиот стадион во Превалец, на теренот и објектот и  да се санираат пред почеток на натпреварите во Трета фудбалска лига. Се задолжува Одделението за комунални дејности, заедно со одговорните од Министерството за животна средина и просторно планирање да изврши увид и проценка на просторот по течението на реката Тополка и да се утврдат критичните точки од кои реката се излева, за да се изгради насип за да се спречат идни можни поплави;

Заклучено е и да се известат ЈП за државни патишта и ЈП “Македонија пат” за оштетувањата на мостот во Превалец кој е на регионалниот пат за благовремено да се направи проценка на штетите и за да се преземат мерки за санација на оштетените делови, како и да се утврди потребата од постоење на мостовската конструкција за инсталации за отпочнување постапка за рушење за да се спречат идни опасности;

Во случај на потреба, Општинската Организација на Црвен крст од Велес треба да помогне на настраданите од поплавите со обезбедување прехранбени и други производи. Доколку расположивите средства не бидат доволни, се задолжува градоначалникот да покрене постапка за обезбедување дополнителни финансиски средства со измени на програмите и со измени и дополнувања на Буџетот на Општина Велес.ад/фф/

Back to top button
Close
Close