0_Web_АктуелноЕвропаЕвропа.Портал

Меркел ја повика Русија да го испита труењето на Навални

Германската канцеларка Ангела Меркел денеска ја повика Русија да го испита наводното труење на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални и да ги изведе сторителите пред лицето на правдата, откако лекарите пронајдоа траги од отровна супстанца во неговото тело.

Берлин, 24 август 2020 (МИА) – Германската канцеларка Ангела Меркел денеска ја повика Русија да го испита наводното труење на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални и да ги изведе сторителите пред лицето на правдата, откако лекарите пронајдоа траги од отровна супстанца во неговото тело.

– Со оглед на истакнатата улога на Навални во политичката опозиција на Русија, ги повикувам тамошните власти итно да го истражат ова злосторство до последен детал – и тоа целосно транспарентно, рече Меркел во заедничката изјава со министерот за надворешни работи, Хајко Мас.

– Тие што се одговорни мора да бидат идентификувани и да одговараат, додаде Меркел.

Навални, кој е остар критичар на рускиот претседател Владимир Путин, се онесвести во авион минатата недела, откако пиеше чај додека беше на пат за Сибир. Лекарите во сибирската болница, кои први го лекуваа Навални, рекле дека му го спасиле животот, но во неговиот систем не нашле никакви траги на отров. Тие изјавија дека не биле под притисок од надлежните додека го лекувале.

Тој во саботата беше однесен во Германија на лекување, а тестирањата покажаа дека тој веројатно е отруен, објави денеска клиниката „Шарите“ во Берлин, каде беше префрлен од Русија.

Во соопштението се наведува дека тим лекари кои го испитале Навални утврдил присуство на инхибитори на ензимската холинестераза, супстанција која се наоѓа во некои лекови, но и во пестициди и нервни агенси.

Лекарите, сепак, истакнаа дека во овој момент не можат да утврдат на која супстанција бил изложен Навални.

Во изјавата се вели дека тој сè уште е на интензивна нега во индуцирана кома, како и дека неговата состојба е сериозна, но неговиот живот не е загрозен. јт/

Таг
Back to top button
Close
Close