0_Web_АктуелноBiznis.SlajderБизнисБизнис.ПорталЕкономија

Мерката 14.500 денари ги задржа работниците, но дел не добија плати, парите завршија кај работодавачите, ќе следат санкции

Да се поддржат фирмите и да не се отпуштат работниците, со ваква цел беше воведена мерката за плата од 14.500 денари по вработен, како дел од економските пакети на Владата за ублажување на последиците од корона-кризата. Според надлежните, таа имаше позитивно влијание и немаше отпуштање на вработени, но анализите покажаа дека голем дел од работниците не ја добиле платата.

Скопје, 1 август 2020 (МИА) – Да се поддржат фирмите и да не се отпуштат работниците, со ваква цел беше воведена мерката за плата од 14.500 денари по вработен, како дел од економските пакети на Владата за ублажување на последиците од корона-кризата. Според надлежните, таа имаше позитивно влијание и немаше отпуштање на вработени, но анализите покажаа дека голем дел од работниците не ја добиле платата.

Првично мерката се воведе за месеците април и мај, како период во кој беше најсилно влијанието од кризата, но Владата ја продолжи и во јуни.

Министерката за финансии Нина Анеловска ја оценуваше мерката 14.500 денари како поддршка по вработен која може да спаси илјадници работни места.

Замислена да даде финансиска поддршка на работодавачите за исплата на плати на работниците, со мерката, како што изјави министерката, се помага и на работниците, на самовработените и на работодавачите – кои креираат работни места и сите заедно придонесуваат за економски раст и кои ќе
треба да го премостат овој период и да бидат подготвени за фазата на
оправување. А опоравување без работниците не е возможно.

Мерката можеа да ја користат сите фирми кои имаа намалени приходи од над 30 отсто во април и мај споредбено со просекот од месеците во минатата година, да не исплаќаат дивиденда или бонуси за време на користење на мерката, да нема над 120.000 денари нето плата на над 10 отсто од вработените.

Наменета беше за сите вработени кои имаат нето плата до 39.900 денари и за сите управители и сопственици со нето плата до 39.900 денари.

Можност имаше фирмите да ја користат и за вработените за кои имаат субвенционирање на придонесите за покачување на платите.

Преку мерката 14.500 во трите месеци поддршка добивале меѓу 17.000  и 20.000 компании.

Мерката се реализираше преку Управата за јавни приходи. Според податоците што на прес-конференција ги соопшти директорката Сања Лукаревска во април финансиска поддршка е дадена на  19.780 работодавачи на кои се исплатени милијарда 793 милиони 207 илјади 630 денари, за вкупно 128 илјади 315 вработени.

Финансиска поддршка за мај добиле  19.938 работодавачи во вкупен износ од 1 милијарда 666 милиони 373 илјади 597 денари, за вкупно 119.182 вработени.

Во јуни 2020 финансиска поддршка е дадена на 17905 компании во износ од 1 милијарда 404 милиони 470 илјади и 647 денари, за вкупно 101 илјади 148 вработени.

Анализите што ги направи оваа институција покажаа дека дел од фирмите ја добиле поддршката од државата, но таа не завршила кај вработените за плати.

Над 700 фирми од земјава, најголемиот дел од Скопје, Тетово, Гостивар, Струга, Куманово, побарале поддршка од државата преку мерката за исплата на плата на вработените поради корона кризата, но парите на вработените не ги дале.

Во април, според објавените податоци, 281 работодавач добиле поддршка во износ од 9 милиони 995 илјади 565 денари, а не ја исполнил обврската за исплата на плата за 722 вработен.

Во мај тоа го сториле 427 компании, кои  воопшто не исплатиле плата за 984 вработени, а добиле финансиска поддршка во износ од 13,698,998 денари. Сто и дваесет компании, според податоците, од нив не ја исполниле обврската добиената помош за вработените да ја исплати и за двата месеца.

Најчесто фирмите што не ја исплаќале добиената помош се средни, мали и микро претпријатија, а меѓу дејностите се од трговија, подготовка на оброци и служење храна, градежниот сектор, производство на облека, емитување програма, објекти за сместување, транспот, образование и слично.

За април од дејноста трговија на мало  62 фирми, кои примиле финансиска помош од 1.715.262 денара на 126 вработени не исплатиле плата, од дејноста подготовка на оброци и служење храна 43 фирми примиле помош од 1.249.452 денара и на 95 вработени не исплатиле плата за април, од дејноста транспорт 24 фирми, примиле помош од 630.750 денари и на 44 вработени не исплатиле плата за април,  од дејност градежништво 17 фирми примиле помош од 660,738 денари и на 48 вработени не исплатиле плата за април.Тука влегуваат и дејности за производство на облека, трговци на мало и големо, емитување на програма, објекти за сместување и сл. По региони најмногу фирми што не исплатиле плата се: во Скопје 84, во Тетово 38, Струга 20, Гостивар 23 и Куманово 16.

Во мај од вкупниот број  фирми што не ја исплатиле помошта добиена за плати за вработените 84 се од дејноста трговија на мало кои добиле финансиска помош од 2.160.248 денари и на 160 вработени не исплатиле плата, 66 фирми од дејноста подготовка на оброци и служење на храна примиле помош од 2.052.240денари и на 150 вработени не исплатиле плата за мај, 35 фирми од дејноста транспорт примиле помош од 920.750 денари и на 65 вработени не исплатиле плата, шест фирми се од дејноста нискоградба фирми кои примиле помош од 1.087.500 денари и на 77 вработени не исплатиле плата за мај.

Останатите фирми кои не исплатиле плата за мај 2020, а за истите добиле финансиска поддршка се од дејностите градежништво, производство, трговија на големо и мало, емитување на програма и слично.По региони најмногу фирми што не исплатиле плата за мај се од Скопје: 110 фирми,  Тетово 61,  Струга 28,  Гостивар 34, Куманово 21, Струмица 10 и Битола 15.

До компаниите се пратени опомени поради неисполнување на обврските од уредбата, роковите се поминати за исплата, но од Управата за јавни приходи, апелираат да ги исплатат и да ја исполнат обврската, пред да бидат спроведени предвидените законски дејствија.

Листата на имиња на компаниите на кои им е исплатена е исплатена помошта, а не е уплатена кај вработените е веќе објавена.

Ажурираната анализа на неисплатена државна помош за минимална плата од стана на работодавачите корисници на оваа помош е достапна на следниот линк: https://vlada.mk/sites/default/files/dokumenti/analiza-neplateni_fin_poddrska_finalno_0.pdf

Директорката на УЈП Сања Лукаревска истакна дека на работодавачите кои користеле финансиска поддршка, а не извршиле исплата на плата им доставени опомени и како што најави доколку не извршат исплата во определениот рок, ќе следи спроведување на постапка на присилна наплата на платата. Дополнително, додаде, Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување во ваков случај предвидува изрекување на глоба за сторен прекршок, а работодавачот ќе биде задолжен да ги врати добиените финансиски средства во целост, заедно со камата, во спроведена постапка на УЈП во соработка со Државниот инспекторат за труд.

На работодавачите кои користеле финансиска поддршка, а не извршиле исплата  доколку не извршат исплата во определениот рок, ќе следи спроведување на постапка на присилна наплата на платата. Дополнително согласно Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување во ваков случај е предвидено изрекување  глоба за сторен прекршок, а работодавачот ќе биде задолжен да ги врати добиените финансиски средства во целост, заедно со камата, во спроведена постапка на УЈП во соработка со Државниот инспекторат за труд.

-Управата за јавни приходи, располага со детални податоци за искористеноста на финансиската поддршка и будно ја следи состојбата на искористеност на мерките, но и почитување на обврските од законот. Податоците за компаниите кои примиле финансиска поддршка, а не ја исполниле обврската за исплата на платата ќе бидат доставени до Генералниот секретаријат на Владата како носител на мерката и исплатувач на финансиската поддршка, од каде истите ќе може да бидат и јавно објавени, рече Лукаревска.

Апелираше до сите работодавачи да ги користат правата од Уредбата за финансиска поддршка, но и да ги почитуваат обврските утврдени во оваа уредба, Законот за придонеси од задолжително осигурување и Законот за работни односи.

-Апелирам до сите работодавачи што не ја испочитувале оваа законска одредба да го направат тоа кон своите вработени, бидејќи целта беше да се зачуваат работните места, а не парите да ги земат работодавачите. Да го направат тоа пред да бидат јавно објавени, истакна Лукаревска.

Вицепремиерката за економски прашања Мила Царовска порача дека платите треба итно да се исплатат на работниците.

-Треба да се покаже одговорност од страна на компаниите. Направен е голем пропуст и секако санкционирање на компаниите ќе се случи. Во моментов, Генералниот секретаријат ги испитува сите правни можности, се покренуваат сите елементи кои се можни, истакна Царовска.

Здруженија и синдикатите побараа од Управата за јавни приходи (УЈП) да изврши присилна наплата на платите, а компаниите да бидат казнети.

-Силно ги осудуваме сите работодавачи кои примиле финансиска поддршка од државата, а не ја исполниле обврската за исплата на плати на своите вработени. Целта на државната финансиска поддршка утврдена со владината уредба за справување со кризата предизвикана од Ковид-19 беше да се зачуваат работните места на работниците, а не работодавачите незаконски да профитираат на грбот на работниците за време најголемата здравствена, социјална и финансиска криза со која се соочуваме. Сметаме дека ваквото однесување на работодавачите е недозволиво, неправедно, незаконско и нехумано, наведоа во соопштение.

Здруженијата и синдикатите бараат УЈП без одложување и во најкус можен рок, согласно своите законски овластувања, да изврши присилна наплата на платите на работниците во фирмите кои добиле државна финансиска поддршка, а не ја исполниле обврската за исплата на плати во месеците за кои ја земале поддршката или исплатиле помалку плата за тие месеци.

Тие побараа од Основното јавно обвинителство да покрене постапка по допрен глас против сите работодавачи кои добиле државна финансиска поддршка, а не им исплатиле плати на своите работодавачи за сторено кривично дело измама по чл. 247 од Кривичниот законик.

Мерката 14.500 денари за плати по вработен е дел од вториот сет економски мерки на Владата за справување со кризата, а целта е да се поддржи ликвидноста на работодавачите од приватниот сектор, односно се намалуваат нивните трошоци за плати во функција на заштитата на работните места на работниците во услови на криза.

 

Според евиденцијата на Агенцијата за вработување во април 8587 лица се стекнале со статус невработено лице, а во мај 8852 лица. Таа бројка во март изнесувала 4399. Бројот на невработени лица во заклучно со март изнесувал 107.732 лица, во април 114.762 и во мај 121187 лица.

 

 

Предвидената поддршка преку трите пакети економски антикризи мерки што ги презеде Владата за граѓаните и стопанството се во вкупна вредност од 500 милиони евра.

Мнистерката за финансии Нина Ангеловска изминатава недела соопшти дека до граѓаните и фирмите од оваа предвидена поддршка се веќе исплатени 140 милиони евра државна помош и тоа 40 милиони кон граѓаните и 100 милиони кон фирмите.

– За граѓаните  домашна платежна картичка за над 330.000 граѓани 28.3 милиони евра, ваучери за домашен туризам за над 117.000 граѓани – 12 милиони евра, за самостојните уметници – 65.000 евра, за спортистите  400.000 евра и за паричен надоместок за невработеност – 50отсто од последната просечна нето-плата 810.000 евра, објави министерката.

За компаниите, додаде таа, преку мерката  14.500 денари финансиска поддршка за над 130.000 вработени во над 19.500 фирми – 83,3 милиони евра, бескаматни кредити преку Развојната Банка – поддршка за 1.331 претпријатие и над 16.600 вработени досега 12,7 милиони евра, субенционирање на 50 отсто од придонесите до просечна плата за погодените компании, за над 2500 компании – 1,4 милиони евра и ослободување од аконтации за данок на добивка и данок на личен доход за над 1500 даночни обврници околу 2 милиони евра. 

Сузи Котева Стоименова

 

 

 

Back to top button
Close
Close