Оригинални текстови

МДС бара да биде вклучен во постапките за избор на дипломати и амбасадори

Cамо поради залагањата на Македонскиот дипломатски синдикат за почитување на работните права, дигнитетот на вработените и угледот на дипломатската професија, членови на нашата синдикална организација се шиканираат, бркаат од работа, деградираат, им се намалуваат личните доходи и придонесите преку манипулации во систематизациите и постојано се држат под притисок со дисциплински постапки.

Скопје, 29 мај 2020

Cамо поради залагањата на Македонскиот дипломатски синдикат за почитување на работните права, дигнитетот на вработените и угледот на дипломатската професија, членови на нашата синдикална организација се шиканираат, бркаат од работа, деградираат, им се намалуваат личните доходи и придонесите преку манипулации во систематизациите и постојано се држат под притисок со дисциплински постапки.

Од нашето формирање минатата година се поставивме како партнер на Министерството, кој што нема да се самоцензурира кога се во прашања теми што не засегаат сите нас. За жал и покрај првичните уверувања од негова страна, Министерот и неговиот кабинет во ниту еден момент не се поставија партнерски, туку ривалски, како да се чувствуваат загрозени од нашите ставови. А нашите ставови се на линија на остварување на работните права, дигнитетот на вработените и угледот на дипломатијата.

Со исклучувањето на присуството на претставници на Македонскиот дипломатски синдикат од комисиите за упатување на дипломати на работа во странство, значително е намален степенот на критичката опсервација за тоа кој сé се упатува во дипломатските претставништва и не претставува сите нас во странство. Поради тоа, не нé зачудува што во последниот период како печурки се множат скандалите во нашата дипломатска мрежа, па така секој ден читаме за Минхен, Стразбур, Софија, Тирана, кои како да се мотивирани од пошироките скандали во општеството со поштенски маркички, филмски продукции и сл.

Исто така, зачудени сме и од нереагирањето на МНР во однос на навредите од именувани владини функционери кон пријателски земји и народи, каков што беше случајот со пријателска Хрватска и соседна Албанија. Згрозени сме од фактот дека со леснотија се дозволува нарушување на угледот на државата, без повикување на одговорност на владините функционери.

Уште еднаш апелираме, како што е редот, наши претставници да бидат вклучени во постапките за избор на дипломати и амбасадори во странство, како би дале придонес во враќањето на нарушениот углед и дигнитет на претставата за поимот македонски дипломат. Со сите сили ќе се бориме да не дозволиме десетина теледиригирано испратени дипломати по амбасадите и конзулатите да го валкаат угледот на секој од нас.

Македонски Дипломатски Синдикат

_____________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки

Back to top button
Close
Close