Дописници МКДПолитика

МД „Илинден“: Воведениот карантин за секој кој влегува од С Македонија во Албанија е избрзана и погрешна одлука

Македонското друштво „Илинден“-Тирана реагираше во врска со одлуката на албанскиот Комитет на експерти за справување со пандемијата, за воведување двонеделен карантин за сите кои доаѓаат од Северна Македонија.

Тирана, 21 април 2021 (МИА) – Македонското друштво „Илинден“-Тирана реагираше во врска со одлуката на албанскиот Комитет на експерти за справување со пандемијата, за воведување двонеделен карантин за сите кои доаѓаат од Северна Македонија.

-Одлуката на Техничкиот комитет на експерти за двонеделен карантин за секое лице што ќе влезе на територијата на Република Албанија од Македонија е избрзана и погрешна одлука, бидејќи деновиве се намалува бројот на заразени во Македонија. Оваа одлука економски ги погодува жителите кои живеат на албанско – македонската граница од Преспа до Голо Брдo, кои, искористувајќи ја близина на границата со Македонија своите животи ги имаат поврзано со сезонска работа и други активности во пограничните региони на Македонија, наведува друштвото во реакцијата.

Додава дека за овие жители, приходот обезбеден со сезонска работа во С Македонија, е единствен приход за нивните семејства.

-Бараме Комитет на експерти под итно да ја ревидира оваа одлука, бидејќи бројот на заразени лица во Македонија се намалува и не ја оправдува одлуката, стои во реакцијата.

Пред два дена донесената одлука на Комитетот, која стапи во сила вчера и важи до 3 мај, се однесува и за сите оние кои влегуваат на нејзина територија и од Грција.

Во врска со оваа одлука реагираше и лидерот на Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ) и пратеник во албанскиот парламент, Васил Стерјовски, кој побара одлуката под итно да биде укината.

Барање за укинување на оваа одлука има и од здруженијата на албанските емигранти во Грција, како и дел од опозициските политички партии во Албанија, кои сметаат дека одлуката е намерна „за да се спречи доаѓањето на емигрантите да гласаат на изборите на 25 април“. вт/вг/

Back to top button
Close
Close