0_Македонија.ПорталДописници МКДОпштински вести

Матурантите во кочанската гимназија бојкотираат, а во електромашинското училиште следат настава

Средношколците матуранти од гимназијата „Љупчо Сантов“ во Кочани речиси целосно ја бојкотираат онлајн-наставата и ги поддржуваат барањата на Средношколскиот сојуз за намалување на предметите за полагање на државна матура во тековната учебна година.

Кочани, 4 февруари 2021 (МИА) – Средношколците матуранти од гимназијата „Љупчо Сантов“ во Кочани речиси целосно ја бојкотираат онлајн-наставата и ги поддржуваат барањата на Средношколскиот сојуз за намалување на предметите за полагање на државна матура во тековната учебна година.

За одлуката за бојкот тие писмено го известиле раководството на училиштето, при што најавиле дека имаат согласност од 99 отсто од матурантите. Од училиштето го потврдија бојкотот, но изразија став дека наставата треба да се следи.

-Најголем дел од матурантите ја бојкотираат онлајн-наставата. Ние, како училиште, се оградуваме од бојкотот и постапуваме согласно актуелниот Закон за средно образование. Ги повикуваме учениците редовно да ја следат наставата, а своите права да ги бараат пред надлежното министерство и Државниот испитен центар. Го почитуваме нивниот став, но воедно известуваме дека кон отсуствата ќе биде постапувано со соодветни мерки согласно позитивните законски прописи во образованието, истакна Игор Христов, директор на СОУ „Љупчо Сантов“.

За разлика од средношколците матуранти од кочанската гимназија, учениците од електромашинското училиште „Гошо Викентиев“ засега следат настава.

– Кај нас онлајн-наставата се одвива тековно, иако на почетокот од оваа недела имаше обиди за бојкот само од еден клас, но сега и овие ученици следат настава. До училиштето нема пристигнато официјално писмено известување за бојкот на наставата од страна на матурантите, истакна Тони Велков, помошеник-директор на СОУ „Гошо Викентиев“.

Средношколците кои ја бојкотираат наставата бараат од Министерството за образование и наука да им дозволи државната матура да ја полагаат по два предмета, мајчин јазик и предмет од областа на која матурантот планира да студира. та/хс/

 

Back to top button
Close
Close