0_Македонија.ПорталОпштество

Марија Петровиќ: Одлучните заеднички активности на регионот важни за одбрана на правото на чист воздух

Чистиот воздух е основно човеково право, а не привилегија. За справување со аерозагадувањето кое е хроничен проблем глобално и во регионот важна е регионалната соработка во јавното здравство.

Скопје, 6 февруари 2020 (МИА) – Чистиот воздух е основно човеково право, а не привилегија. За справување со аерозагадувањето кое е хроничен проблем глобално и во регионот важна е регионалната соработка во јавното здравство. Здравствената мрежа на ЈИЕ е едиствена регионална иницијатива и здравствена платформа која стимулира активности на ниво на Југоисточна Европа и меѓу земјите во тој регион и се залага за подобра животна средина, чист воздух и подобро здравје за сите.

Ова го истакна директорката на Секретаријатот на Здравствената мрежа на ЈИЕ, д-р Мира Јовановски-Дашиќ на денешната презентација на активностите на оваа мрежа во рамки на настанот организиран во соработка со  „Добредојде“ – Macedonia Welcome Center и Амбасадата на Црна Гора како актулен претседавач со здравствената платформа. Таа посочи дека податоците од мерењата од пред два дена на мапата на аерозагадувањето во Европа покажуваат дека најголема е загаденоста на воздухот токму на југот на континентот и особено на Балканот, каде бројките се алармантни и за Скопје и поголемите градови од С. Македонија.

-Предизвиците со загадувањето на воздухот се во исто време и од итно значење за јавното здравство. Сите треба да бидеме свесни дека долгорочните ефекти од аерозагаденоста ја зголемуваат смртноста кај популацијата, а тоа го покажуваат и бројките на случаи на рак на белите дробови, мозочни удари, инфаркт, алергии соопштени деновиве по повод Светскиот ден за борба против ракот. За справување со состојбите клучна е меѓусекторската активност, формирањето база на податоци за креирање политики, проценка на здравствени ризици и проценка на влијанија врз здравјето, како и изработка на регионални епидемиолошки студии за здравствени прашања поврзани со животната средина. Треба да се работи континуирано и на  јакнење на капацитетот на експертите во здравстевниот систем, како и на едукација на знаењето на популацијата за тоа како да се заштити особено за време на деновите со високи вредности на аерозагадувањето, рече др. Јовановски Дашиќ.

Ова се како што истакна дел од препораките од тркалезната маса одржана од Здравствената мрежа на ЈИЕ за идните регионални активности и приоритети, а како задолжителен го посочи регионалниот сеопфатен пристап и партнерство.

-Покрај споменатото има уште многу да се направи за справување со аерозагадувањето низ регионот како подобрување на јавниот транспорт, зголемување на енергетската ефикасност, примена на стандарди, нудење грантови и субвенции за зелени политики, засадување дрвја, со крајна цел создавање едуцирани граѓани со можности за „почисто живеење“. Придобивките од регионалната соработка се одржливост на заедничките акции, здружување на ресурсите која директно ќе влијае на здравјето на луѓето и на економските придобивки. Според проценките на регионалната канцеларија на СЗО, во 2015 трошоците од прерана смрт како последица од аерозагаденоста биле во износ од 1,4 трилиони долар, рече Јовановски Дашиќ.

Здравствената мрежа на ЈИЕ е регионална меѓувладина организација формирана 2001 година со седиште на Секретаријатот во Скопје. Нејзини цели се промоција на соработка, заеднички вредности и охрабрување заеднички напори кон мир, здравје и добросостојба на луѓето од земјите членки на мрежата. Таа обезбедува платформа за дискусија и размена на најдобри практики меѓу деветте земји членки: Албанија, Бугарија, БиХ, државата Израел, Северна Македонија, Молдавија, Црна Гора, Романија и Србија и е дополнителен канал за соработкасо воспоставени врски со ецропски и светски организации.

Амбасадорката на Црна Гора Марија Петровиќ, во своето обраќање истакна дека изборот на темата на денешниот настан е со цел да се привлече вниманието на важноста од одлучни заеднички активности за да се одбрани правото на чист воздух.

Пред бројните посетители, претставници на дипломатскиот кор, на компании, јавни личности беше прикажан и промотивен филм за природните убавини на Црна Гора и туристичките потенцијали насловен „Добредојдовте во Црна Гора“. вг/ац/

Back to top button
Close
Close