0_Web_Насловна-слајдерАнализаДописници СветЕвропаЕвропа.Портал

Маратонскиот ЕУ-самит за економски спас урива рекорди во времетраење

Лидерите на 27-те земји на ЕУ собрани во Брисел од петокот попладне сѐ уште не успеале да се договорат за стратегијата за економски спас од корона-кризата, некои лидери заминаа дома накусо, но се враќаат денеска за нова рунда преговори, јавува дописничката на МИА од Брисел.

Брисел, 20 јули 2020 (МИА) – Лидерите на 27-те земји на ЕУ собрани во Брисел од петокот попладне сѐ уште не успеале да се договорат за стратегијата за економски спас од корона-кризата, некои лидери заминаа дома накусо, но се враќаат денеска за нова рунда преговори, јавува дописничката на МИА од Брисел.

Најдолгиот ЕУ-самит во историјата е тој од Ница во 2000-та, кога лидерите тогаш требаше да се договорат за измени на основачките повелби на Унијата во рамките на големото проширување кон истокот. Пред дваесет години им требаа четири дена и четири ноќи на шефовите на држави и влади за да постигнат компромис, рекорд кој би можел да биде урнат овојпат.

Дваесет и седумте лидери од петокот се обидуваат да се договорат за износот и обликот на финансиската помош што им следува на земјите членки за справување со последиците од здравствената криза, а истовремено течат роковите за компромис околу седумгодишниот буџет на Унијата, од кој впрочем зависи и помошта.

ЕУ е поделена на три табора во овие преговори, главниот е помеѓу штедливите земји предводени од Холандија, во кој спаѓаат Австрија, Шведска и Данска, со срамежливо учество на финската влада, од другата страна се јужните земји, најпогодени од здравствената криза, и кои имаат поддршка од Германија и Франција. Третиот табор, помал, предводен од Унгарија, го сочинуваат неколку источни земји кои одбиваат новиот инструмент за спас од кризата да биде условен со владеењето на правото.

Во име на оваа група вчера се изјасни унгарскиот премиер Виктор Орбан, пред почетокот на неделната рунда преговори, нарекувајќи го холандскиот премиер „оној холандскиот дечко“ и споредувајќи ги алатките на ЕУ за надзор врз владеењето на правото со советската комунистичка опресија. Според набљудувачите, Орбан опортунистички ја користи поделбата помеѓу штедливите и останатите земји да ги придобие главно јужните земји како Италија и Шпанија, кои се посебно лути на холандскиот премиер Марк Руте.

Но, суштината на преговорите се фокусира на износот и обликот на помошта. Начелниот предлог на Европската комисија, поддржан од Германија, Франција и Европската централна банка се 750 милијарди евра поделени на грантови и заеми. Тука, паралелно се одвиваат и преговорите за парите кои земјите членки ги добиваат назад од заедничкиот буџет, познати како ‘rebate’ во бриселскиот жаргон.

Франција и Германија сметаат дека најголемиот дел од парите од Фондот за спас од 750 милијарди треба да бидат субвенциите, штедливите земји, пак, бараат точно половина субвенции, половина заеми, повикувајќи се на„недоволно совесно буџетско управување“ во јужните земји. Анализа која, според многумина, вклучително и буџетски ортодоксната Германија, не може да се примени во овој случај.

Во текот на преговорите му било предложено на Руте да се обезбедат гаранции за реформите во земјите кои ќе добиваат помош, предлог кој ги плаши јужните земји, изгорени и изморени од години силен надзор врз нивните домашни финансии и реформи во текот на големата финансиска криза од 2008.

Ситуацијата значајно се влошила во текот на вчерашниот ден кога францускиот претседател Емануел Макрон се заканил дека ќе го напушти самитот доколку нема волја за компромис од страна на штедливите. Преговарачка тактика или искрен гнев, останува неизвесно, но резултатот е дека лидерите, сепак, останаа во Брисел и ги продолжија преговорите цела ноќ, до рано изутринава.

Портпаролот на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, кој е одговорен да го изгради компромисот помеѓу сите земји и институции на ЕУ, на Твитер, во шест часот изутринава, соопшти дека нова пленарна сесија е закажана за четири часот попладнево, знак дека линиите на комуникација остануваат отворени, иако во исклучиво тензична атмосфера.

Во меѓувреме, луксембуршкиот и хрватскиот премиер беа приморани да се вратат дома на неколку часа поради национални политички обврски, но се уверува дека тие ќе се вратат во текот на денот за да присуствуваат на овој можен последен чин од преговорите. тм/

Таг
Back to top button
Close
Close